Со гордост ја претставувам Русија во Македонија

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Даринка Крстанова е жената што ја знае цела Битола. Таа е и почесен конзул на Руската Федерација во градот на конзулите. Што значи да се биде почесен конзул, кои работи ги врши тој, какви резултати се постигнати во билатералните односи со нејзина помош, Даринка Крстанова одговара во ексклузивно интервју за „Руска реч“.

Руска Реч: Најпрво, објаснете ни што значи да се биде почесен конзул. 

Даринка Крстанова: Назначена сум со патентно писмо од Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, кое ми беше свечeно врачено во амбасадата на Руската Федерација во РМ. А, со егзекватура на МНР на РМ потврдени се надлежностите и конзуларното подрачје, определени со патентното писмо. Да се биде почесен конзул на Руската Федерација во Република Македонија со седиште во Битола е неизмерна чест и задоволство. Руската Федерација ја сметам за моја втора татковина. Со гордост ја претставувам РФ, во моето конзуларно подрачје во РМ. Правата и должностите на почесниот конзул се определени со Виенската конвенција за конзуларни одоси од 1963 година, а, секако, и правилата за статусот на почесните конзули во Руската Федерација. Назначена сум за почесен конзул на Руската Федерација во 2001 година, по 140 години од отворањето на првото руско дипломатско претставништво, во Битола. Традицијата се продолжи, па макар и со функцијата почесен конзул на РФ во РМ. Назначена сум како 33-ти почесен конзул на Руската Федерација, а прв почесен конзул на Руската Федерација на Балканот. Основните права и должности како почесен конзул се регулирани од погоре посочената регулатива и во основа се: да се грижам за правата на руските државјани во РМ, да помагам во развојот на односите меѓу моите две сакани држави во рамките на културата, образованието, туризмот, економијата, спортот и на кое било друго поле на билатерален план. 

РР: Какво е вашето искуство во работењето како почесен конзул на РФ во РМ?

Рускиот конзул кој сочувствуваше со Македонците
Минатиот месец се навршија 110 години од смртта на Александар Ростковски, конзул на Русија во Македонија, кој во 1903 година беше убиен во Солун.strong>

ДК: Моето искуство како почесен конзул на Руската Федерација е немерливо. Како прво, соработката со амбасадорите на РФ во РМ, кои ги сметам за дипломати од прв ранг, како и сите други вработени во амбасадата на РФ во РМ, ме исполнува со огромно позитивно искуство и со прекрасни благородни чувства. РФ и РМ имаат толку длабоки заеднички корени, што ниту еден дневнополитички настан не може да ги разниша. Благодарна сум за бескрајната соработка со амбасадата на Руската Федерација во РМ, како службено така и на приватен план. 

РР: Што е постигнато во развојот на руско-македонските односи со заложба на Почесниот конзулат во Битола? 

ДК: Пред сè, се гордеам што почесниот конзулат во Битола и јас како почесен конзул  секогаш сме достапни и отворени за соработка, како за руските државјани така и за македонските државјани што имаат прашања, проблеми или, едноставно, сакаат да поразговараме за двата словенски народи и двете наши држави. Во таа смисла, како и императорските конзулати и конзули, традицијата е продолжена, отворена е вратата за соработка со сите. Сите активности на почесниот конзулат биле и ќе бидат за развој на руско-македонските односи. Возобновувањето на споменикот „Руски крст“ во чест на А.А.Ростковски (иницијатива од месното население во кое припаѓав и јас), одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Руската црква во Битола, збратимувањето на Битола со Пушкинскиот регион од Руската Федерација. Промоциите за книгите „Разговор со Владимир Путин“ – во прво лице, „Руската колонија“, книгата на Евгениј Примаков, промоција на поштенската марка „Спутник 1“, многуте изложби – изложба на Руските декабристи, „Историјата на дипломатијата“, „Дипломатските односи меѓу РФ и РМ“, „Репродукциите на Казимир Малевич“, „Ракотворбите од Иваново“, „Руските цркви“, „Патувањето на Достоевски“, саемот на книги, прославата на 150 години руска дипломатија во Битола и издавањето на двојазичната брошура со назив „150 – Руска дипломатија во Битола“. Сите горенаведени изложби ги отворав и во други градови: Прилеп, Ресен, Кичево, Кочани, Радовиш сè со цел на развој на македонско-руските односи. Учество на конференцијата „Жените на 21 век – Дијалог без граници“, Одбележување на Годината на рускиот јазик во конзулатот, одбележување на годишнини на конзулатот, многуте средби со делегациите од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ и Правниот факултет од Скопје, средби со Организацијата на жените од Москва, најразлични интервјуа за медиумите, учество на најразлични конференции организирани на локално ниво и пошироко, а особено би ги истакнала секојдневните средби и контакти со руските државјани во моето конзуларно подрачје. 

РР: Каква е соработката меѓу конзулатот и амбасадата на РФ во РМ? 

Денот на дипломатите во Македонија
Денот на дипломатските работници беше воведен на 31 октомври 2002 година со указ од страна на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, според кој овој празник се прославува на 10 февруари. strong>

ДК: Почесниот конзулат на Руската Федерација во Република Македонија сметам дека  е продолжена рака на амбасадата во моето конзуларно подрачје. Сите активности произлегуваат од одличната соработка со амбасадата на РФ во РМ и сум ги преземала како конзулат и како конзул секогаш во договор и дослух со амбасадата. Споредувајќи ги искуствата на другите почесни конзули и нивните амбасади, соработката на конзулатот и амбасадата на РФ во РМ секогаш е на едно завидно ниво. За сите досегашни активности следувале и признанија и награди. Имам добиено орден за 200 години од работата на МНР на РФ, орден за 200 години од конзуларната работа на МНР на Руска Федерација и најразлични признанија и плакети од руски институции и македонски организации и здруженија за моето активно учество како почесен конзул на Руската Федерација. 

РР: Вие сте добитничка на „ Мир и дружба“, што претставува највисока награда која РФ може да ја додели на странец. Што значи ова за вас? 

ДК: Орденот „Мир и дружба“, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација Д.А. Медведев, лично за мене е врвно достигнување. Престојот во Москва, целата церемонија на доделувањето на орденот „Мир и Дружба“ во резиденцијата Горки во Москва, средбата со харизматичниот Д.А.Медведев, беше настан со кој се гордеам, кој се врежа во мојот живот како една скапоцена нишка. Но, не само за мене, настанот со гордост се проследи во мојот град Битола и во Република Македонија. А, секако, останата ми е во сеќавање средбата со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Можеби нескромно, но се надевам дека ќе заслужам, ако не некоја награда, барем да остварам средба со сегашниот претседател на Руската Федерација, Владимир Путин.  

РР: Каква е соработката на конзулатот со институциите на власта на локално и на национално ниво? 

ДК: Соработката на почесниот конзулат на Руска Федерација со институциите на локално и национално ниво, според моите согледувања, е на највисоко ниво. Почнувајќи од претседателот на РМ, министерот за надворешни работи на РМ, градоначалникот на Општина Битола и другите градоначалници во моето конзуларно подрачје и многу други институции. Моја сериозна забелешка, која секогаш, па и сега сакам да  ја истакнам, е местото и улогата на рускиот јазик во РМ, кој е еден од светските јазици. Јас се обидов на локално ниво, уште со моето назначување како почесен конзул, изучувањето на рускиот јазик да се обнови. Заклучоци во врска со местото и улогата на рускиот јазик во РМ доставивме и од конференцијата што се одржа во конзулатот во Битола со професори по руски јазик од цела Македонија, советникот од Бирото за развој на образованието во РМ и претставник од амбасадата при одбележување на „Годината на рускиот јазик“. Сметам дека овој проблем треба да се поставува постојано и директно, како сериозна забелешка на ниво на РМ, до сите надлежни институции, особено поради заинтересираноста на руските инвеститори во РМ за непостоењето стручен кадар со познавање на рускиот јазик.   

РР: Битола е многу важно културно подрачје во РМ. Какви активности презема конзулатот на ова поле? 

ДК: Со сите институциите во Битола, како Народниот театар, Центарот за култура, музејот, библиотеката, Малиот битолски монмартр и др. институции, организации и здруженија, соработувам секогаш беспрекорно, низ контакти, доставување на информации и фотографии за нивни потреби при отворање на изложби, организирање трибини, сè со цел истакнување на русофилството во Битола преку културата, обичаите и традицијата на Руската Федерација. Покрај активностите од културата, имам придонес и во развојот на економијата, односно организатор бев и на средба на трговскиот советник г. Петар Стојанов со стопанствениците од Битола, Прилеп, Ресен и Д. Хисар, уште пред да се формира македонско-руската стопанска комора, учествував во решавање на проблемите во Битола при изградбата на првата бензинска станица на  Лукоил-Македонија, контактирав и со претставници на Гришко–компанијата, како и лично со сопственикот Гришко и другите руски инвеститори во РМ. 

РР: Постои ли соработка со другите почесни конзулати и дипломатски претставништва во земјава? 

ДК: Соработката со другите почесни конзулати  во Битола е одлична, нашите контакти се речиси секојдневни. Имаме остварено повеќе средби,  формирана е и Асоцијација на почесните конзули на странските земји во РМ. Исто така, и со дипломатските претставништва во земјата соработката е одлична, видно од поканите кои ги добивам за присуство на нивни настани. 

РР: Кои се вашите видувања и планови за идната работа како конзул и за работата на конзулатот воопшто? 

ДК: Плановите за идната работа како конзул и за работата на конзулатот произлегуваат од традицијата – 153-годишнината на руската дипломатија во Битола. Во план ми е  организирање на научни симпозиуми за настани и личности, значајни за Руската Федерација, а се поврзани со Александар Аркадиевич Ростковски, Иван Мељников и др. Секако, се надевам на идни средби со почесните конзули во Руската Федерација. Од моето назначување до денес остварена беше само една средба, а таквите средби се мошне корисни за размена на искуства и за нашите идни активности.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.