Најразорните природни катастрофи во современа Русија

Во централните делови на земјата најчесто избиваат шумски пожари и се изливаат реките, додека рускиот Далечен исток е во опасност од разорни земјотреси.

Во целина гледано, природните катастрофи во Русија не се толку чести, но има региони во кои опасноста од разорните елементарни непогоди е прилично голема. Во изминативе години граѓаните на Русија ги има снајдено енормна топлина, големи поплави, земјотреси и ледени дождови.

1. Поплава на рускиот Далечен исток, 2013 година

Поплавен стадионот „В.И. Ленин“ кој му припаѓа на домашниот фудбалски клуб СКА-Енергија, Хабаровск

Во текот на месец јули 2013 година на рускиот Далечен исток паѓаше мошне обилен дожд, така што се изли реката Амур поради што пет региони беа опфатени со најголемите поплави во Русија од почетокот на 20 век. Поплавени беа 235 населени места, над 2.000 километри патишта и 13.000 куќи. Над 190.000 луѓе ги почувствуваа последиците од оваа природна катастрофа. Водата почна да се повлекува дури кон средината на септември. Во отстранувањето на последиците од поплавата учествуваа над 300.000 луѓе, вклучувајќи и воени единици од овој округ, а граѓаните од Русија од сите краишта на земјата собраа над 2 милијарди рубли (околу 30 милиони долари) за граѓаните кои беа опфатени од оваа незгода.

2. Поплава во Краснодарскиот крај во 2012 година

Мештани за време на поплавата во Кримск.

Ова беше најразорната природна катастрофа во историјата на целиот регион. Во јули 2012 година поради силните дождови беа поплавени 10 градови, вклучувајќи ги и Геленџик и Новоросијск. Но, најмногу настрада градот Кримск кој има 57.000 жители. Таму животот го изгубија 150 луѓе. Очевидците велат дека трагедијата се случила ноќе кога сите спиеле и немало никакви сирени за предупредување. Во овие поплави настрадаа над 53.000 луѓе. Од нив половината го изгубија сиот свој имот. Уништени беа 7.000 станови, болници, училишта и стадиони. Во јули во Кримск трипати доаѓаше Владимир Путин, а во отстранувањето на последиците учествуваа спасувачи од Русија, од Белорусија и од Азербејџан. На првата годишнина од трагедијата во Кримск беше подигнат споменикот „Ѕидот на плачот“.

3. Енормни жештини, Централна Русија, 2010

На оваа фотографија од 7 август 2010 година човек носи гасна маска за да се заштити од смогот во Москва предизвикан од шумските пожари. Смогот од околните шумски пожари кој ја покри Москва беше во одредена мера токсичен и го загрозуваше здравјето на жителите, така што многумина носеа маски.

Летото 2010 година беше многу топло. Во јуни во Москва беше забележаната рекордно висока температура во изминативе 130 години. Тогаш во главниот град на Русија имаше 40 степени според Целзиус, што не можеше да се поднесе (во продавниците беа распродадени сите вентилатори и клима-уреди, па дури и пиштолите на вода). Сепак, најлошото следуваше – поради жештините околу Москва се запалија тресетиштата, така што густ смог го покри целиот град. Видливоста се намали на 50-100 метри. Московјаните кои не можеа да заминат од градот носеа респиратори и маски. Стотина авиони не можеа да одлетаат на време, така што на аеродромите се натрупаа луѓе. Мирисот на изгорено се чувствуваше дури и во подземните станици на метрото. Воздухот во Москва беше толку загаден со чад што во некои згради постојано се активираа алармите за пожар. Смогот се повлече дури во средината на август.

Енормни жештини истото лето беа забележани и во други подрачја на Централна Русија. Поради премногу високите температури гореа шумите. Во пожарите настрадаа 127 населби во Рјазањската, во Нижегородската, во Калушката, во Тверската и во многу други области. Во некои села изгореа сите куќи. Во пожарите животот го изгубија 50 лица, додека 1.200 куќи беа уништени. Во гаснењето на овие пожари во Русија помогнаа многу земји, меѓу кои беа Турција, Азербејџан и Полска.

4. Леден дожд, Москва, 2010

Последици од ледениот дожд во Москва, 2010

Кон крајот на декември 2010 година Москва беше зафатена со леден дожд. Ова е мошне ретка појава, така што московјаните ја дочекаа неподготвени. Веќе првиот ден од невремето во болниците се јавија околу стотина луѓе кои се лизнале на мраз и добиле повреди. Мразот го имаше насекаде, не само на улиците. Во Московската област беа замрзнати далноводите и беше прекинато снабдувањето со електрична енергија. Во некои региони жителите ја дочекаа Новата година без струја. На аеродромот Домодедово патниците поминаа повеќе од 24 часа во студените и мрачни терминали. Откажани беа околу 250 летови.

Подоцна леден дожд падна во Москва уште неколку пати – во декември 2013 година, во јануари 2015, а исто така и во ноември и во декември 2016 година.

5. Земјотрес во Сахалин, 1995

Земјотрес на Сахалин. Населеното место Нефтегорск беше сосема уништено на 27 мај 1995 година.

Во Русија трусни подрачја се рускиот Далечен исток, источен Сибир и северен Кавказ. Таму редовно се бележат подземни потреси од кои настануваат пукнатини на зградите и на асфалтот. Сепак, силните земјотреси и понатаму се крајно ретки.

Во современа Русија најмоќниот земјотрес со јачина од 7.6 степени според Рихтеровата скала се случи во Сахалин во мај 1995 година. Тогаш за само 17 секунди беше срамнето со земја населеното место Нефтегорск. Во урнатините животот го загубија над 2.000 лица, односно две третини од жителите. Нефтегорск е сосема напуштен. Преживеаните жители беа преселени во други градови од овој регион, а на местото на трагедијата беа поставени меморијални плочи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња