Кратко резиме на романот „Евгениј Онегин“ од Александар Пушкин

Russia Beyond (Photo: Tretyakov Gallery, Издательство «Детская литература»)
За овој роман со право се вели дека е „енциклопедија на животот во Русија“.
Разочаран млад „шминкер“ не ѝ ја возвраќа љубовта на девојка од провинција. Неколку години подоцна таа се мажи за угледен благородник и станува светска дама. Сега „шминкерот“ се вљубува во неа, но таа го отфрла и му останува верна на сопругот.

Дејствие

Евгениј Онегин е млад богат аристократ. Тој е образован и паметен, но е површен и рамнодушен кон сé. Нема работа и времето го поминува во забави, светски живот и љубовни авантури.

Илустрација на Константин Иванович Рудаков за романот „Евгениј Онегин“ од Александар Пушкин.

Но, животот во престолнината на Русија му станува здодевен по некое време. Евгениј го обзема еден вид чмаење кое Русите го нарекуваат „хандра“. Затоа оди да живее на село каде што го наследил имотот од неговиот покоен чичко. Таму запознава нов пријател, поетот Владимир Ленски.

Ленски го запознава Онегин со својата свршеница Олга Ларина и нејзината сестра Татјана. Татјана е скромна и повлечена, но во исто време е трезвена и романтична. Чита романи, по малку е суеверна и фантазира за љубов.

Татјана се вљубува во Онегин и му пишува љубовно писмо. Евгениј е трогнат од нејзините чувства, но сепак ја одбива. Потоа, тој брзо се враќа на својот вообичаен животен колосек, а Татјана останува со скршено срце.

По некое време Владимир Ленски го убедува Евгениј да дојде на роденденската забава на Татјана. Таму Онегин е иритиран од прекумерната чувствителност на Татјана и бучната атмосфера. Решава да му се одмазди на својот пријател Владимир Ленски и цела вечер ѝ се додворува на неговата свршеница Олга.

Ленски е револтиран и го предизвикува Онегин на дуел. Ни едниот ни другиот не сакаат наредното утро да дојде до тој дуел, но не можат ни да се откажат бидејќи тоа е прашање на чест. На дуелот Евгениј го убива својот пријател Владимир и засекогаш го напушта имотот.

Дуелот на Евгениј Онегин и Владимир Ленски, автор Иљја Репин.

Во отсуство на Онегин Татјана внимателно ги анализира личните работи што ги оставил таму и доаѓа до заклучок дека Евгениј е површна личност. Загрижената мајка ја носи својата ќерка во Москва, каде Татјана се мажи за богат, влијателен и угледен генерал. Таа не е вљубена во него, но се согласува на брак.

Неколку години подоцна Онегин се враќа во Санкт Петербург и случајно ја сретнува Татјана на еден прием во високото општество. Сега пред него е сосема друга жена. Некогаш скромната и повлечена девојка сега е прекрасна дама на која ѝ се восхитува елитата на Санкт Петербург. Онегин се вљубува.

Главниот лик пишува страсно писмо до Татјана, извинувајќи се за своето поранешно студенило и се обидува да ги разбуди старите чувства во неа. Но, таа го отфрла.

Додуша, самата таа искрено признава дека сé уште го сака, но во исто време му соопштува дека засекогаш ќе му остане верна на својот сопруг.

„Енциклопедија на животот во Русија“

За оваа прилично едноставна приказна се вели дека е „енциклопедија на животот во Русија“. Александар Пушкин го пишувал „Евгениј Онегин“ цели осум години, иако романот не е толку голем по обем (има само осум глави). Завршувајќи ја приказната, авторот вели дека тоа е неговиот „подвиг“ и го истакнува огромниот труд што е вложен во романот.

Во романот има многу детали, ликови и описи на атмосферата, поради што ова дело на Пушкин со право ужива статус на „енциклопедија“ на животот во Русија во текот на 1820-тите. Од објавувањето на првата глава во 1825 година па сé до денес, „Евгениј Онегин“ го фасцинира читателот со својата сложена композиција, изобилството на теми кои ги начнал поетот, внимателниот опис на деталите од секојдневниот живот и мајсторски доловената длабочина на карактерот на ликовите.

Од романот читателот дознава речиси сè за тој историски период: како се облекувале луѓето, што ценеле и со што се занимавале. Сè на сè, книгата верно го отсликува руското секојдневие од почетокот на XIX век. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња