Извор: Големи врнежи од снег во Москва во март годинава. Извор: Артјом Житенев / РИА Новости
Во јануари во Санкт Петербург почнаа да растат лалињата, а во шумите во близина на Москва почнаа да се појавуваат кокичиња. Во февруари на Далечниот Исток предвреме се разбудија мечките.
Во март во главниот град беа урнати осум температурни рекорди: на 25 март температурата се искачи дури до 19,3 степени. А, кон крајот на април низ прозорците се гледаше снег, а температурата падна под нулата.
Според раководителот на програмата „Клима и економија“ на WWF во Русија, Алексеј Кокорин, овие појави не излегуваат надвор од климатската норма, но со оглед на тоа дека температура од година в година расте, значи дека Русија и светот ги очекуваат големи промени.
Притоа, кога станува збор за Русија, може единствено да се предвидува самиот факт на промените, но засега е малку веројатно да се пресмета колку тоа ќе ја чини економијата.
Климата се менува насекаде
Вториот дел од петгодишниот реферат на Меѓувладината група експерти за промени на климата, кој беше претставен во Јапонија кон крајот на март, предвидува мноштво проблеми за нашата планета, доколку светскиот океан и атмосферата продолжат да се загреваат со толкава брзина.
Научниците не се сомневаат во тоа дека средната температура навистина се покачува. Единствено постојат сомнежи во тоа каква улога во овој процес игра човекот и во тоа како точно ќе изгледаат понатамошните промени.
Според пресметките на Меѓувладината група експерти за промени на климата, нашата планета ја очекува катастрофа, доколку температурата порасне за 2,5 степени над средната вредност во последниве 35 години, но ваквото сценарио е малку веројатно, иако затоплувањето се случува мошне нерамномерно.
Во Русија температурата расте побрзо. Така, според податоците на Рускиот хидрометеоролошки завод, од 1975 година таа е порасната за околу 1,5 степени, додека во светот покачувањето за овој период изнесува 0,8 степени.
Основните три проблеми што доведуваат до промена на температурата се: дефицитот на пресна вода, покачувањето на светскиот океан и брзиот раст на јаглерод диоксидот во атмосферата.
Сето друго, како што е топењето на мразот, затоплувањето на териториите, миграцијата, војните за ресурси, зголеменото ширење на тропските болести, кои, исто така, можат да нѐ засегнат, претставуваат само последици од трите основни проблеми.
Како ја засега ова Русија?
Според Алексеј Кокорин ниту еден научник денес не би можел да даде приближен процент на загубите од БДП во годините што доаѓаат поради измените на климата за земјите како што се Русија, САД или Кина.
„Русија е на таква местоположба што не е лесно да се пресмета факторот на промена на климата“, вели Кокорин.
Релативно лесно, вели експертот, може да се пресмета ударот врз економијата на земјата само како резултат на временски долгите појави – топењето на глечерите, зголемувањето на нивото на океанот и намалувањето на мразот.
„Доколку зборуваме за коралниот атол во Тихи Океан, тој едноставно ќе исчезне. Луѓето ќе треба да се евакуираат некаде, на пример, во Австралија. Исто така, лесно можат да се пресметаат последиците за делтите на Меконг и Ганг. Или да кажеме за некое место за одмор во Швајцарија. Сега може да постои, а потоа да го снема. На вештачки снег може да се организира олимпијада, но не е и место каде што луѓето одмораат цела година“.
Зголемувањето на нивото на морето за Русија не претставува никаква закана, освен, можеби, за Балтичкиот залив. Вечниот мраз е многу поактуелно прашање за Русија.
Но, без оглед на тоа што тој зазема 60% од територијата на земјата (околу десетина милиони квадратни километри), економијата од него речиси и да не зависи.
На тој начин, вели Кокорин, економските последици за Русија може да се пресметаат само доколку се направат детални карти, каде што буквално секои десет квадратни километри ќе се разгледуваат одделно.
„Целата територија е многу тешко да се пресмета. За тоа е потребно буквално да се истражи секоја педа од територијата, за да се сфати зошто и како ќе се менува климата. Ние направивме детален план за островот Вајгач, но тоа е мошне мала територија“.
Според Коркорин ваквите пресметки ќе биде можно да се направат по 10-15 години.
Засега на точна оцена подлежат само последиците од опасните климатски појави, чиј број во последниве 15 години е за двапати поголем, од 200 годишно на 400-450.
Што може да се пресмета?
Еве само неколку свежи примери.
Летото во 2010 година над европскиот дел од Русија во текот на неколку месеци беше надојден мошне силен антициклон, кој донесе суша, пожари во планините и крајно намален род кај житарките.
Во август 2010 година Русија забрани извоз на пченица, а продолжи со него дури на 1 јули 2011, при што се забележаа загуби од милиони долари.
Истата година во декември во Москва падна леден дожд. Оваа појава се случува зиме кога температурата на воздухот е над нулата: врнежите паѓаат во вид на дожд, но при контакт со ладна површина се претвораат во мраз. Поради тоа се појавија пречки во снабдувањето со електрична енергија, беа затворени аеродроми, паднаа околу 50 илјади дрвја. Само паѓањето на столбовите чинеше 230 милиони рубли.
Изминатото лето и изминатата есен Далечниот Исток на Русија се најде под вода. Поради најголемата поплава во последниве 115 години под вода се најдоа повеќе од 230 населени пунктови, при што настрадаа повеќе од 100 илјади луѓе. На крајот на есента загубата беше проценета на повеќе од милијарда долари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче