20 главни знаменитости на Санкт Петербург (ФОТОГРАФИИ)

Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)
Историскиот центар на некогашната руска престолнина и неговите споменици уште во 1990 година влегоа во Списокот на светското наследство на УНЕСКО.

На Списокот на светското наследство на УНЕСКО ова е најголем историски и културен објект. Во овој прилог ги наведуваме само главните знаменитости на Санкт Петербург кои задолжително треба да ги запознаете. Додадовме и неколку нови локации кои не се на списокот на УНЕСКО.

Дворци

1. Зимскиот дворец (Музеј Ермитаж)

Зимскиот дворец повеќе од 159 години бил главната царска палата на Русија, Тоа е петтата царска резиденција која е изградена на ова место од 1712 година. Прва владетелка на оваа палата била императорката Екатерина Втора.

Во состав на царската резиденција за чување на збирката нејзини слики и скулптури изградена е помошна зграда која го добила називот Ермитаж. Главниот музејски комплекс на Ермитаж, еден од најголемите музеи во светот, денес вклучува шест згради, вклучувајќи го и Зимскиот дворец.

Дознајте зошто дворецот се нарекува Зимски и други факти за поранешната резиденција на руските императори!

2. Михајловски дворец (Руски музеј)

Овој дворец е познат пред сѐ како најголема светска ризница на руската уметност. Неговата основа ја сочинува колекцијата на императорот Александар Трети, главниот покровител на националната култура од тоа време.

Тука можете да дознаете за тоа како се појавил Рускиот музеј.

3. Јусуповскиот дворец на брегот на реката Мојка

Според луксузниот дизајн оваа вила може да се спореди со резиденциите на членовите на царското семејство. Тоа била една од 57 палати во сопственост на кнезовите Јусупови, благородничко семејство кое било едно од најбогатите во Русија. Самата зграда е позната по тоа што во неа е убиен Григориј Распутин, „старецот“ кој бил близок со семејството на императорот Николај Втори.

Повеќе за Јусуповскиот дворец.

Мостови

4. Дворски мост

Познатиот мост во Санкт Петербург кој стана симбол на градот. Неговиот централен двокрилен распон, подигнат во сезоната на белите ноќи (можете да ги видите една недела пред и една недела по 21 јуни), веројатно е најчестата фотографска глетка во градот.

5. Бољшеохтински мост (претходно мост на Императорот Петар Велики)

Најнеобичниот петербуршки мост на реката Нева е изграден во 1911 година. Има две централни кули и два лака. Поврзува две значајни локации на градот – Смољниот храм и Охтинскиот ‘рт, каде се наоѓала шведската тврдина Ниеншанд, демонтирана во првата половина на 18 век.

6. Аничков мост

Овој неподвижен мост преку реката Фонтанка со три распони и благи лакови украсен е со композицијата „Скротители на коњи“ која ја сочинуваат четири бронзени скулптури на авторот Пјотр Клод. Аничковиот мост е омилена фотолокација на Невската авенија.

Подетално за овој и за другите мостови во Санкт Петербург.

Храмови

7. Храмот Спас на Крвта

Храмот е подигнат на местото на убиството на царот Александар Втори. Еден од членовите на организацијата „Народна волја“ во 1881 година фрли бомба под ногата на императорот. Тоа беше шести атентат брз царот. Овој пат убијците ја постигнаа својата цел.

Изградбата започнала во 1883 година, а храмот е осветен дури во 1907 година. Однадвор личи на Храмот на Василиј Блажени на Црвениот плоштад во Москва. Однатре неговите ѕидови и сводови се целосно покриени со мозаик.

8. Храм свети Исак (Исакиевски храм)

Исакиевскиот храм, подигнат во 1858 година, е изграден на истото место на кое пред него се наоѓале три храма, започнувајќи од 1710 година (да потсетиме, Петербург е основан во 1703 година). Граден е 40 години. Висок е 101,5 метри, а на височина од 43 метри се наоѓа надворешен балкон со столбови од кој се гледа целиот град.

Во храмот Спас на Крвта и во Исакиевскиот храм богослужби се вршат во недела и на други црковни празници (и тогаш влезот е бесплатен), додека во останатите денови овие две цркви служат како музеј.

9. Казањски храм

Казањската соборна црква се наоѓа во центарот на Невската авенија и се почитува како споменик на руската воена слава. Осветен е во 1811 година, односно една година пред победата во Татковинската војна од 1812 година. Подоцна тука се донесени воени трофеи, а во 1813 година во левиот дограден дел од храмот е погребан фелдмаршалот Михаил Кутузов, главниот командант на руската војска во оваа војна. Во храмот се чува Казањската икона на Пресвета Богородица, една од најпочитуваните светињи на Руската православна црква.

Повеќе за Казањскиот храм!

Кејови

10. Дворски кеј

Најубавиот кеј во Санкт Петербург е долг речиси два километри. По должината се наоѓа Зимскиот дворец и зградата на музејот Ермитаж, Летната градина, Мермерната палата (огранок на Рускиот музеј) и други значајни палати и вили. Од кејот има прекрасен поглед на Петропавловската тврдина и на источниот брег од Василевскиот остров (Стрелка).

11. Стрелка на Василевскиот остров

Централниот дел од архитектонскиот ансамбл Стрелка го прават зградите на Берзата, Зоолошкиот музеј, Музејот на земјиштето и плоштадот со познатите Рострални столбови. Овие столбови порано служеле како светилници за бродовите кои пристигнувале на пристаништето, кои се наоѓале тука до 1885 година. Од двете страни на Стрелка има мостови – Дворскиот и Берзанскиот.

12. Лука Севкабељ

Најатрактивниот кеј во градот се наоѓа на територијата на јавен простор што порано ѝ припаѓал на првата фабрика за кабли во Русија. Од него има поглед на Мостот со кабли преку пловниот пат за бродови, како и на Морското пристаниште, брегот и крановите на Канонерската фабрика за ремонт на бродови.

Лука Севкабељ може да се пофали со мноштво кафулиња, ресторани и дизајнерски продавници. Тука се одржуваат и изложби, екскурзии, концерти, фестивали и базари.

Плоштади

13. Дворски плоштад

Ова е главниот градски плоштад. На него се наоѓаат Зимскиот дворец, зградата на Главниот штаб (која ги дели Музејот Ермитаж и воената команда на Западниот воен округ), како и други објекти кои му припаѓаат на музејот. Во центарот на плоштадот е Александровиот столб со статуа на ангел на врвот.

Повеќе за ангелот и за други митски битија на Санкт Петербург.

Руските власти во 1924 година ја разгледувале можноста скулптурата на ангелот да ја заменат со статуа на Владимир Ленин, кој починал истата година, но се откажале од таа идеја. Денес на Дворскиот плоштад се одржуваат главните градски манифестации.

14. Сенатски плоштад

Плоштадот го добил името по зградата на Сенатот – највисокиот орган на државната власт на Руската империја. Сега во зградата се наоѓа Уставниот суд на Руската Федерација. На плоштадот е „Бронзениот коњаник“, споменик откриен во 1782 година и му е посветен на Петар Први.

Десет факти за Бронзениот коњаник, познатиот симбол на градот на Нева.

Сенатскиот плоштад во 1925 година е преименуван во Плоштад на декабристите, во чест на членовите на тајните благороднички друштва кои на ова место во декември 1825 година организирале бунт против царскиот режим. Во СССР помпезно била одбележана стогодишнината од обидот за државен удар со цел да се собори автократијата и да се укине кметството. На плоштадот од 2008 година му е вратен првобитниот назив.

15. Марсово поле

Во добата на Петар Први ова место било голема ливада и служело за паради и смотри на воените единици. Подоцна тука почнале да се одржуваат и спортски манифестации. Полигонот го добил името Марсово поле дури во 1805 година во чест на Марс, древниот римски бог на војната.

На ова место во април 1917 година се појавила масовна гробница на убиените во текот на Февруарската револуција (од 23 до 27 февруари 1917 година).

Како изгледал Санкт Петербург во 1917 година.

Во ноември 1918 година болшевиците го претвориле Марсово поле во некропола и го преименувале во „Плоштад на жртвите на револуцијата“. Тука до 1933 година имало гробишта. За време на опсадата на Леннград во 1942 година плоштадот е претворен во градини, за во 1944 да му биде вратено историското име, а во 1957 година на него се појавил официјалниот „вечен пламен“ на територијата на СССР, од кој 10 години подоцна е запален огнот на Гробот на незнајниот јунак во Москва.

Градини и јавен простор

16. Летна градина

Ова речно островче е претворено во парк во 1704 година по наредба на Петар Први. Првобитно тука се наоѓала царевата затворена летна резиденција, уредена по пример на Версајскиот парк. По желбата на основачот паркот е украсен со фонтани и со мермерни скулптури од италијански автори (денес во Летната градина можат да се видат нивни копии) кои се изгубени за време на поплавите од 1777 година и обновени се дури во 21 век. Летната градина за широката јавност во 1752 година ја отворла императорката Елизавета, ќерката на Петар Први.

17. Островот Нова Холандија

Покрај пристаништето Севкабељ, отворен е уште еден модерен јавен простор на местото на некогашниот индустриски објект. За време на Петар Први тука се сушеле дрва наменети за изградба на бродови. Подоцна тука имало затвор, а потоа военопоморски објекти.

Сега во зградата на морскиот затвор се наоѓаат бутици и ресторани, а во командантската куќа има детски центар. Налето на тревникот во центарот на островот се одржуваат фестивали, а назима се прави лизгалиште.

18. Михајловска градина

Оваа градина се појавила на мапата на Санкт Петербург по указ на Петар Први во исто време со блиската Летна градина. Се наоѓа покрај Михајловскиот дворец (Рускиот музеј) и Храмот Спас на Крвта, и претставува мал парк со широки алеи и со малечко езеро.

19. Ботаничка градина

Една од најстарите ботанички градини во Русија. Нејзината колекција започнала да се формира во 18 век кога Петар Први го прогласил Санкт Петербург за главен град на Русија и наредил создавање Аптекарска градина. Комплексот опфаќа стакленици, парк со јапонска градина, музеј и расаднки на билки.

20. Петропавловска тврдина

Санкт Петербург своето потекло го води од Петропавловската тврдина која е подигната на Зајачкиот остров и никогаш не учествувала во ниту еден бој. Денот кога се положени темелите, 27 мај 1703 година, се смета за датум на основање на градот.

По страните на островот изграден е систем за утврдување во кој се наоѓа Храмот на светите апостоли Петар и Павле, кој служел како императорска гробница, а исто така Ковачницата за пари која работи од 1724 година, некогашниот затвор за политички затвореници, куќи за живеење на офицери и инженери, и други згради. Сега во нив има музејски експозиции. Според традицијата, од 1873 година секој ден точно напладне со пукање од артилериско оружје на бастионот Наришкин се означува точното време.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња