Практично целата, тривековна историја на Санкт Петербург на одреден начин може да се гледа како борба на човекот со водената стихија. Градот бил граден на мочурлив терен, меѓутоа, неговата уникатна географска положба му овозможувала контрола на бреговите на Финскиот залив и делтата на Нева, како и нејзините ракави. Понекогаш реката се светела, а градот се соочуваше со страшни поплави. Со цел да се пренасочи речниот тек и да се исуши, во XVIII век во Петербург биле копани нови ракави и канали, така што до почетокот на XIX век во градот имало 101 остров. Подоцна, дел од каналите биле затрупану, а малите острови спојувани во поголеми.
Според регистарот на географски називи, во денешен Санкт Петербург има 33 острови. Притоа во евиденцијата не влегоа објектите на архипелагот Кронштат, што значи уште неколку утврдувања. Така, излегува дека всушност има повеќе од 40 острови.
Оние кои се наоѓаат во центарот на градот, строго кажано, и не се перципираат како острови, и сето тоа благодарение на развиениот систем на мостови над реките и каналите. На пример, Синиот мост во строгиот центар на Санкт Петербург достигнува 97,3 метри во ширина и се смета за дел од Исакиевскиот плоштад.
Зајачкиот остров го претставува историското јадро на градот. Токму овде, на 27 мај 1703 година, започнала изградбата на Петропавловската тврдина, што се зема како датум на основање на градот. Тука се наоѓаат клучните градби од царската ера, како што се Ковачницата на пари, гробниците на великите кнезови Романови, казаматите на Трубецкиот бастион (главниот политички затвор во Русија).
За најславен остров слободно може да се смета Василевскиот, на кој му се посветени безброј литературни дела. Под името Василев се споменува уште во Новгородската писарска книга од 1500 година, а денес мештаните нагалено го нарекуваат Васка. Со историскиот центар на Петербург граничи неговиот источен крај Стрелка, препознатлив по Ростралните столбови кои за време на големите градски празници повторно ја добиваат историската улога на светилник.
Најголемиот остров во делтата на Нева има површина од 16,2 квадратни километри и, по иронија на судбината, се нарекува Безимен. Со други острови и копнениот дел на градот е поврзан со вкупно 47 мостови.
Формиран е со создавањето на Обводниот канал (Обиколниот), чие прекопување започнало 1769-1780 година. Се работи за најголемиот канал во Петербург, широк 42 километри и долг над 8 километри.
Површината на најмалиот, Серниот остров (во превод Сулфурниот) изнесува само 0,03 квадратни километри, а до него води само еден мост. Островот го добил своето име во XIX век, по складиштата за сулфур што се наоѓале таму.
За титулата најзелен остров на нашата ранг-листа би можеле да конкурираат Летни Сад и островот Елагин.
Летни Сад се наоѓа во историскиот дел на градот, а на целата негова површина од 0,12 квадратни километри е распослан раскошен ансамбл на градини и паркови со павилјони, фонтани, зелени лавиринти и реплики на скулптурите на италијанските мајстори од крајот на XVII и почетокот на XVIII век. Градината била градена како летна царска резиденција на Петар. Во периодот од 1710 до 1714 година е граден дворецот во кој царот престојувал лете, сé до неговата смрт.
Островот Елагин по површина е значително поголем од Летни Сад, а и тој е поранешна царска резиденција. Прв сопственик била царицата вдовица Марија Фјодоровна (сопруга на Павeл I, правнукот на Петар Велики). Просторните и пејзажните решенија на Елагин ги проектирал италијанскиот архитект Карло Роси, кој тогаш не бил познат во Петербург, а реконструираниот дворец на островот Елагин ќе биде неговото прво големо препознатливо дело во руската престолнина.
Во 1932 година на островот е отворен Централниот парк за култура и рекреација. Никнаа спортски терени и паркчиња, забавни паркови и скулпторски композиции на тема спорт. За време на Втората светска војна, островот Елагин претрпе сериозни оштетувања. Реконструкцијата на неговиот историски изглед се одвиваше во согласност со можностите речиси педесет години, за да се интензивира на преминот од ХХ кон XXI век. Така, денес, повеќе од кога било досега, имаме можност да ја погледнеме и оцениме идејата на Роси.
Островот Нова Холандија претставува уникатен спој на романтика на индустриска архитектура и модерен урбан простор (строго земајќи ги двата острова кои сочинуваат уникатна композиција). Името на островот е и своевиден потсетник на царот Петар Велики, кој на брегот на Нева ја создавал Северната флота и по тој повод ги канел во престолнината холандските бродоградители. Островите во близина на бродоградилиштето биле користени од адмиралитетот, каде што биле складирани бродските материјали. Во средината на XIX век во Нова Холандија била изградена зградата на поморскиот затвор, која поради својот изглед е наречена Бутилка (шише). Токму оттаму доаѓа изразот „не лезь в бутылку“ што би значело „не жести се, не лути се“ (отприлика своевидно предупредување да не се биде претерано необуздан и агресивен без посебна причина за да не се налета на неприлики).
Во втората деценија на овој век, споменикот на индустриската архитектура стана модерен јавен простор со ресторани, павилјони, бина и пејзажен парк.
Титулата на спортски остров без конкуренција традиционално му припаѓа на Крестовскиот остров, каде што се наоѓаат најголемиот фудбалски стадион во Петербург (како и неколку помали), спортски комплекси, велосипедска патека, атлетска сала и веслачки клуб. Најголемиот дел од островот го зазема Приморскиот парк на Победата, омиленото место на ролерите, велосипедистите и џогерите, кое има и голем забавен парк.
Спортската историја на островот датира од средината на XIX век. Во 1859 година тука бил отворен Невскиот јахтинг клуб, во 1889 година Санктпетербуршкото веслачко друштво, а во 1894 година тенискиот клуб.
Треба да отидете на Крестовскиот остров за да ја видите „Гаспром арена“, стадионот на домашниот фудбалски клуб „Зенит“. Проектот наречен „Вселенски брод“ со покрив што се отвора е дело на јапонскиот архитект Кишо Курокава.
Во „Гаспром арената“ се играа натпревари на Европското првенство во 2020 година и Светското првенство во 2018 година, кога до стадионот беше отворена метро-станицата која сега го носи името „Зенит“. Стадионот може да прими речиси 65 илјади посетители на спортски настани и 80 илјади гледачи на театарски и концертни манифестации. Арената е изградена на местото на импозантен објект од минатиот век, стадионот „Киров“, кој важеше за еден од најголемите во светот, а пред првата реконструкција во периодот од 1950 до 1978 година примаше сто илјади посетители.
Островот Котлин, на кој се наоѓа градот-тврдина Кронштат, е одвоен од островите во делтата на Нева. Со копното е поврзан со градежен комплекс кој го штити Петербург од поплави. Станува збор за единаесет брани со вкупна должина од 23,4 километри, изградени повеќе од 30 години сé до 2011 година, кога преку градбата беше отворена патна сообраќајница.
Околу островот Котлин има многу утврдувања, додека најголемиот број е концентриран во внатрешните води. Овие градби го штителе градот од напади од морето. Едно од утврдувањата, „Александар I“, кон крајот на XIX век било исклучено од составот на одбранбените објекти. Таму почнала со работа првата лабораторија за испитување на чума во земјата, каде што се произведуваше вакцина против оваа заразна болест.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче