5 елитни населби во Санкт Петербург

Животот во близина на најубавите културни споменици на руската северна престолнина не е за сечиј џеб.

1. „Златниот триаголник“ и Централниот реон

„Златен триаголник“ е неофицијален назив за централниот дел од градот помеѓу кејот на реката Фонтанка, Невската авенија и Нева.

Ова е најскапиот и историски најбогатиот дел од градот. Доволно е да се каже дека тука се наоѓаат Дворцовиот плоштад и музејот Ермитаж. А, тука се и уште еден куп историски значајни места: Домот на Книгата, Музејот на Фаберже, Михајловската градина итн.

Овој дел од градот го минуваат главно туристите кои за првпат доаѓаат во Санкт Петербург, а тука се и градежните инвеститори и богаташите кои сакаат да живеат во историскиот центар на северната руска престолнина.

За поголемиот дел од жителите купувањето стан на ова место е недостижен сон, зашто типичен луксузен стан во Златниот триаголник чини до 400 милиони рубли или над 5 милиони евра (14.700 евра по метар квадратен).

2. Петроградска населба

Петроградската населба е веројатно вториот најомилен дел од Санкт Петербург за туристите и за посетителите. Се наоѓа наспроти Зимскиот дворец во кој е сместен музејот Ермитаж. Една од најпрепознатливите знаменитости тука е Петропавловската тврдина. Тоа е оригинална тврдина на Санкт Петербург од 1703 година, што ја подигнал Петар Велики, а болшевиците подоцна ја користеле како затвор.

Во Петроградскиот реон две локации се најскапи и највредни: Крестовскиот остров и Камениот остров. Жителите на прекрасните станбени комплекси тука уживаат во приватноста на своите оградени куќи и дворови, при што се наоѓаат сосема близу градскиот центар, што е привилегија која има своја цена: просечен трособен стан во овој крај чини некои 25 милиони рубли или 315.000 евра (што е околу 2.300 евра за квадратен метар).

3. Курортниот реон

Називот Курортен реон потекнува од рускиот збор „курорт“ што значи бања. Со тоа е кажано сè. Се наоѓа по должината на северниот брег на Финскиот залив на Карелијската превлака, релативно широк појас копно што ги разделува Финскиот залив и езерото Ладога.

Ова е популарно место за одмор за руските и за финските туристи. Се наоѓа нешто подалеку од центарот. Но тоа има свои предности: песочни плажи, издвоеност и приватност, како и многу свеж воздух.

Во овој реон најпрестижни населби се Репино, Комарово и Ленинско. Тука може да се најде луксузен имот по цена од 159 милиони рубли, односно 1.9 милиони евра.

4. Адмиралтејскиот реон

Адмиралтејскиот реон е следната локација на нашиот список на престижни локации. Се наоѓа покрај Централниот реон. Тука можат да се видат Дворецот на Јусупов, Мариинскиот театар, Камерната опера на Санкт Петербург, Бронзениот коњаник и, можеби најважното, Исакиевската црква.

Тука навистина се води живот на висока нога. На пример, шестособен стан во оригинална куќа подигната во 1880 година се продава за неверојатни 120 милиони рубли или 1.5 милиони евра, иако на пазарот има и значително поевтини недвижнини (но, и поскапи).

5. Василевски реон

Овој крај на Санкт Петербург е веројатно најпристапниот меѓу престижните локации. Иако се наоѓа во близина на центарот на градот цените се умерени за разлика од другите луксузни реони на Санкт Петербург.

Цените на помалите, но модерни уредени станови со три спални соби се движат околу 18 милиони рубли (226.000 евра), додека четирисобен стан чини 22.5 милиони рубли (283 илјади евра).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња