Бронзениот коњаник: Десет факти за познатиот симбол на Петербург

Legion Media
Статуата на коњаник не е обичен споменик на рускиот цар и основач на градот Петар Велики. Тоа е вистински амблем на градот, обвиен со превез од митови и легенди.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

1. Екатерина II му оддава почит на Петар Велики

Откривањето на споменикот на Петар Велики. Гравура на А. К. Мељников од цртежот на А. П. Давидов, 1782.

Во август 1782 година, на Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург е откриен споменик на Петар I. На едната страна на пиедесталот на руски пишува „На ПЕТАР Први ЕКАТЕРИНА Втора лето 1782“, а на другата истата фраза на латински „PETRO primo CATHARINA secunda MDCCLXXXII“.

Екатерина II самата дошла на идеја да му подигне споменик на првиот руски император. Таа била германска принцеза, сопруга на Петар III - внук на Петар Велики. Таа ја презела власта со државен удар и на тој начин станала руска императорка. Поминала повеќе од 30 години на тронот, освојувајќи нови територии и основајќи градови во сите краишта на големата земја. Во таа смисла, себеси се доживувала како наследничка на Петар I и неговата државничка политика.

2. Француски скулптор

Споменикот на Петар I на Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург. В. Суриков, 1870.

Споменикот го правел Етјен Фалконе, познат француски скулптор. Фалконе ѝ го препорачал на Екатерина II нејзиниот пријател, филозофот Дени Дидро. За да направи скица на замислен коњаник, Фалконе замолил гардиски офицер да тера коњ да се исправи на задните нозе по неколку часа на ден за подобро да ја нацрта таа сцена. За неговата работа на споменикот тој ја добил зградата на привремениот дрвен Зимски дворец на Елизабета Петровна.

3. Петар не изгледа како војсководец туку како градител

Во Русија од скулптурата на Петар Велики се очекувало нешто сосема поинаку. Многумина мислеле дека споменикот ќе биде помпезен, дека ќе има сложена композиција и мноштво алегориски фигури. Меѓутоа, Фалконе имал поинаква идеја. „Споменикот ќе биде едноставен“, зборувал тој, не сакајќи да прикаже ништо друго освен Петар во обичен костум, т.е. со римска тога и наметка (што одговарало на аскетскиот вкус на императорот). Наместо седло, на коњот има мечкино крзно.

Фалконе не сакал да го прикаже Петар ниту како освојувач ниту како војсководец. „Многу повозвишена е личноста на градител, законодавец и добротвор на својата земја и тоа е она што треба да му се покаже на народот“, зборувал уметникот. Според неговата замисла, раката на Петар се издигнува над земјата која царот ја обиколува на коњ. Сепак, ловоровиот венец на неговата глава укажува дека се работи за император кој триумфира во војни.

4. Главата е изработена од вајарка

Главата на царот не била извајана од Фалконе. Екатерина II зела активно учество во работата на споменикот и ги отфрлила сите три скици што ги направил од Французинот. Таа ја одобрила верзијата на неговата ученичка, младата вајарка Мари Ан Коло. Како модел послужила посмртната маска на императорот, а гипсената копија на прототипот на главата за споменикот сега се чува во Рускиот музеј во Санкт Петербург.

5. Змијата игра важна улога

Рускиот скулптор Фјодор Гордеев извајал друг многу важен детаљ од споменикот – змијата која коњот ја гази со задните копита. Таа ги симболизира непријателските сили кои Петар ги победил (како и противниците на неговите реформи).

Покрај симболичката и естетска функција, змијата има и многу важно техничко значење. Се работи за тоа дека толкава статуа на коњ што се крева на задните нозе не би можела да стои само на задните нозе и затоа змијата е една од незабележливите потпори на споменикот.

6. Пиедестал од монолитен гранит

Транспортот на огромниот камен, 1770.

Било многу тешко да се најде камен за постаментот на споменикот. Сите тргнале да бараат, па дури бил објавен и соодветен оглас во весникот „Санкт-петербургские ведомости“. Погоден камен нашол еден селанец на периферијата на Петербург.

Каменот тежел 2000 тони, а требало да биде пренесен од едниот на другиот брег на Финскиот залив, вкупно 7,8 километри. Транспортот траел две години, а за таа цел биле изградени посебни пристаништа и брод кој на крајот бил потопен за да може каменот да се извлече на брегот.

7. Работите траеле повеќе од 10 години

Фалконе за една година ја направил макетата од гипс и во 1769 година ја претставил на јавноста, но споменикот не можел сам да го излее. Тогаш во Санкт Петербург дошол неговиот помошник од Франција, но ни тој не успеал во тоа. Првиот калап бил направен дури во 1775 година, но некои фрагменти не биле успешно излеани. Требало да поминат уште три години за да се завршат работите над скулптурата. Со леењето раководел Василиј Екимов, а во поставувањето на споменикот учествувал професионалниот архитект Јури Фелтен.

Фалконе ја напуштил Русија во 1778 година поради конфликт со личниот секретар на Екатерина, кој бил еодговорн за целиот проект. Тој ги однел сите цртежи и скици, што го отежнало поставувањето на споменикот (конечно бил поставен дури во 1782 година) и неговата подоцнежна реставрација.  

8. Бронзен коњаник

Споменикот на Петар I е излеан во бронза. На руски го нарекуваат и „Медный всадник“ („Бакарниот коњаник“), бидејќи така го нарекол Александар Пушкин во истоимената поема напишана во 1833 година.

Пушкин ја опишува разорната поплава во Петербург во 1824 година. Во таа поплава животот го губи свршеницата на главниот лик Евгениј. Во моментот кога дознава, тој го губи разумот и потоа, поминувајќи покрај Петар кој седи на бронзен коњ, го обвинува за поплавата и за тоа што направил град „под морето“ (и што ја издигнал цела Русија како својот коњ). На минување Евгениј со шепот му се заканува на споменикот и потоа бега, но му се чини дека „Бакарниот коњаник цело време го брка на коњот чии копита одѕвонуваат во галоп“.

Веројатно зборот „бакарен“ (рус. „медный“) му бил потребен на Пушкин само за подобро да го римува стихот. На друго место тој пишува дека Петар „седеше на бронзен коњ“. Меѓутоа, токму оваа впечатлива метафора и ден-денес цврсто се поврзува со споменикот.

9. Легендата вели дека споменикот го спасил Санкт Петербург

Многу митови и легенди се прераскажуваат околу „коњаникот“ во градот. Една од тие легенди веројатно и му помогнала на Пушкин да го напише своето дело. За време на војната против Наполеонова Франција во 1812 година, руската војска се повлекувала и постоела опасност Французите да го заземат Петербург. Тогаш Александар I наредил од градот да се евакуираат вредните уметнички дела, вклучително и споменикот на Петар I. Легендата вели дека извесен мајор Батурин тогаш му раскажал на пријателот на царот како постојано му се повторува ист сон. Наводно, тој гледал како Петар на коњ приоѓа до Александровиот дворец и му вели: „Додека сум јас на моето место, мојот град нема од што да се плаши!“ Кога го слушнал тоа, царот решил да не го евакуира споменикот. Французите не го зазеле градот.

10. Популарна уметничка тема

Овој споменик одамна стана визит-карта на Санкт Петербург. Многу уметници биле инспирирани од исклучително емотивниот и динамичен приказ на императорот и неговиот коњ. Мотивот на коњаникот се појавува во сликарството, на разгледници и поштенски марки, како и на комеморативни монети. Називот „Бронзениот коњаник“ (всушност „бакарен“, на руски „Медный всадник“) стана своевиден бренд. Врз основа на мотивите на поемата на Пушкин е компонирана и популарна опера. Статуата се појавува и во други книжевни дела, вклучувајќи го и романот на Фјодор Достоевски „Момче: „бронзениот коњаник на измачен коњ со врел здив“).

Статуата го инспирирала и познатиот Фаберже. Велигденското јајце „Петар Велики“ од 1903 година е посветено на 200-годишнината на  Петербург и е направено по нарачка на царот Николај II како подарок за царицата Александра Фјодоровна. Кога ќе се отвори јајцето, со помош на механизам од него се крева минијатурен златен споменик.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња