Распутин во друштво на царицата, нејзините деца и гувернантата
Државен архив на Руската Федерација„Ra-ra-Rasputin Lover of the Russian queen“ – пееше групата Boney М. во најпопуларната песна на светот за царскиот духовник Григориј Распутин. Гласините за тоа дека Распутин бул љубовник на царицата Александра Фјодоровна се ширеле уште за време на неговиот живот, почнувајќи од 1912 година. Во Петербург во различни слоеви на општеството кружеле порнографски карикатури, приказни и стихови на оваа тема. Таа наводна љубовна врска е најраспространиот мит за Распутин.
Распутин навистина сакал да се фали со своето влијание на царското семејство, што предизвикало различни гласини. Меѓутоа, токму приказните за сексуалната врска со царицата немаат никаква фактичка основа. Долго како аргумент во прилог на оваа теорија се наведуваше личното писмо на Александра Фјодоровна до нејзиниот духовен учител: „Колку ми е тешко без тебе. Можам да се смирам и да се одморам само кога ти, учителу, седиш покрај мене, а јас ти ги бакнувам рацете и ја потпирам својата глава на твоите блажени рамена...“, се наведува во писмото што го има објавено јеромонахот Илиодот (Сергеј Труфанов) во својата книга со намера да го оцрни Распутин. Но, дури и ако писмото е автентично, сепак не било забележано дека Распутин и царицата во која било пригода останувале сами (распоредот да денот на дворецот бил јавна работа).
Оваа легенда нема никакви други аргументи. Дневниците и преписката на царското семејство не содржат никакви алузии на интимна врска на Распутин со царицата. Со ова прашање се занимавала дури и вонредната истражна комисија, но никаква потврда не е пронајдена. Можно е писмото да е едноставно измислено.
Второво обвинение се наведувало многу пати, го споменувале и пратениците во Државната Дума: дека Распутин има големо влијание врз царот Николај Втори и на политиката што тој ја спроведува. Ова може да се прочита во многу книги и мемоари. Сепак, не било сѐ толку едноставно.
Во личните писма царицата постојано му пишувала на Николај Втори за тоа каков е ставот на Распутин кон војната, според некои именувања и кон другите политички одлуки. Во преписката го нарекувала „нашиот пријател“, по што следувал совет од Распутин. Влијанието на Распутин зајакнало по 1905 година кога се случила првата револуција и власта на Романови станала загрозена. Но, прашање е колку царот обрнувал внимание на советите на Распутин. Според својата прилика, тоа била прилична реткост. Историчарот Сергеј Ољденбург ги проучувал писмата што царицата му ги испраќала на Николај и проверил дали царот ги следел советите на Распутин. Анализата покажала дека за суштинските прашања Николај, познат по слабоста на карактерот, сепак многу пати не се потчинил на мислењето на „семејниот пријател“, што не оди во прилог на тезата дека влијанието на Распутин било толку големо.
Одделението на полицијата специјално организирал надзор над „царскиот монах“, собирајќи материјал за однесувањето на Распутин. Во овие материјали постојат белешки за тоа дека Распутин посетувал проститутки, како и за неговото пијанчење. Меѓутоа, гласините за тоа дека организирал оргии на дворот со учество на дами од блискиот круг на царското семејство никогаш не е потврдено. За тоа, меѓу другото, пишувал и иследникот на Вонредната истражна комисија на Привремената влада Владимир Руднев откако во 1917 година се запознал со овие сведочења: „... притоа излегува дека љубовните афери на Распутин не излегуваат од рамките на ноќните оргии со девојките со лесен морал и со кафеански пејачки, а понекогаш и со некои од жените кои од него барале помош. Кога станува збор за неговата блискост со дамите од високот друштво, за тоа во истрагата и во следењата не постојат никакви факти“.
Сепак, некои дами од високото друштво во своите сведочења признавале дека имале интимни односи со Распутин, но ги отфрлале сите гласини за оргии.
Сиве овие компромитирачки податоци стигнувале и до Николај Втори, но царот сметал дека мешањето во неговиот семеен живот е недопустливо, со оглед на тоа што царското семејство го третирало Распутин речиси како член на семејството. Додека царицата не верувала во приказните за разузданоста на Распутин. Таа го сметала за свет човек.
Кадри од филмот „Распутин и царицата“ (Rasputin and the Empress), 1932 година.
John Kobal Foundation /Getty ImagesЗа исцелителските способности на Распутин се зборувало исто толку, колку што и за неговите оргии. Благодарение на својата дарба за лекување тој се зближил со царското семејство и наскоро станал незаменлива личност на дворот. Тогаш веќе било јасно дека медицината не може да ја излечи хемофилијата, болеста на Алексеј, синот-единец на Николај. Каков било удар кај него предизвикувал внатрешно крвавење, што можело да трае повеќе денови да му нанесе неподносливи страдања. Но, постојат бројни сведоштва за тоа дека по контактот со Распутин на престолонаследникот му станувало подобро. Тој бил лек за него.
„Тој [Распутин] дојде во дворецот и со родителите отиде кај Алексеј Николаевич. Според нив, тој се приближил до креветот, го прекрстил наследникот, велејќи им на родителите дека не е ништо сериозно и дека не треба да се грижат, потоа се сврте и замина. Крвавењето престана“; се сеќава најблиската пријателка на царицата Ана Вирубова.
Но, постојат и поинакви мислење за исцелителските способности на Распутин. Некои едноставно го нарекуваат шарлатан кој ѝ се додворувал на царицата. А, други, на пример, митрополитот Венјамин, сметаат дека Распутин „не бил никаков хипнотизер, нити шарлатан, ами едноставно со својата сила дејствувал врз луѓето“. Современиците истакнуваат дека бил мошне уверлив, дека имал сугестивен изглед и „хипнотички“ поглед.
Според сѐ, Распутин навистина на извесен начин влијаел на царското семејство и на наследникот, смирувајќи ги со молитви и со разговор. Но, сепак не можел да го излекува Алексеј од хемофилија. Последниот случај на акутно покажување на болеста кај наследникот се случило во Тобољск во 1918 година, неколку месеци пред трагичната смрт.
Во текот на животот Распутин имал репутација на исцелител, додека пророчките способности му се припишуваат дури по смртта. Меѓу другото, се тврди дека ја предвидел Револуцијата, смртта на Романови и третата светска војна.
Притоа, во приказните за пророштвата на Распутин луѓето често се повикуваат на бележникот на царицата Александра Фјодоровна, која во него ги запишувала мислите на својот „духовен учител“, или, пак, на брошурата на Распутин „Благочестиви размислувања“, објавена во 1912 година. И во едниот и во другиот извор всушност не постојат никакви претскажувања. Најпознатото претскажување на „царскиот монах“ зборува за тоа дека неговата смрт ќе значи крај на династијата Романови и се наоѓа во сведоштвата на неговата ќерка Матрјона. „Кога ќе ме нема мене, ќе го нема ни дворот“, предупредувал наводно. Меѓутоа, ако велел така, тогаш тоа може да се толкува и како манипулација која му овозможувала да се задржи во блискиот круг на семејството за време на различни обиди да биде отстранет оттаму.
Треба исто така да се земе предвид дека многу од она што го „предвидувал“ Распутин не се случило. На пример, ветувал брза победа во Првата светска војна и доаѓање на престолот на принцот Алексеј.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче