10 најубави мостови на Санкт Петербург (ФОТО)

Denis Mamin/Getty Images
Елегантните пешачки мостови во центарот на градот се пријатни за прошетка, додека ноќе од градскиот брег се пружа поглед на величествените подвижни мостови покрај кои минуваат бродови... Градот на Нева има преку 400 мостови и многу од нив се вистински ремек-дела!
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Дворцов мост

Еден од најпознатите мостови го поврзува центарот на градот (во близина на Зимскиот дворец) и Василевскиот остров (каде што се наоѓа музејот „Кунсткамера“). Често можете да го видите на разгледници, особено сликани во летна ноќ, кога мостот е кренат и кога се собираат голем број луѓе да го набљудуваат минувањето на бродовите. Модерниот Дворцов мост е изграден 1916 година и бил првиот траен мост над Нева. Се состои од пет лаци, а е наменет и за автомобили и пешаци.

Египетски мост 

Фасцинантна убавина во центарот на градот! Египетскиот мост поврзува делови од проспектот „Лермонтов“ преку реката Фонтанка. Името го добил по Стар Египет; на тој начин интересот на научниците од XIX век за мистериите на оваа цивилизација нашол одраз и во архитектурата на градот. На еден кеј на Нева може да се видат дури и вистински сфинги донесени од Египет, додека железните сфинги кои чуваат стража Египетскиот мост биле излеани во локална фабрика 1826 година. Столбовите и другите архитектонски детали се исто така украсени во египетски стил.

Аничков мост  

Аничковиот мост на реката Фонтанка се наоѓа на познатиот Невски проспект, опкружен со поранешните царски палати. Од далечина се препознава по огромните скулптури кои се наречени „Припитомување на коњот“. А ако погледнете одблиску, на оградата на мостот ќе забележите орнаменти со сирени и морски коњчиња.

Скулптурите на коњи кои гледаат во правец на Плоштадот на Востанието (кон Московската железничка станица) немаат потковици, додека оние што гледаат кон Адмиралитетот имаат. Историчарите ја објаснуваат оваа архитектонска идеја на различни начини. Според една верзија, поткованите коњи се оние кои веќе се скротени. Според друго толкување, во близина имало бројни ковачници, што може да значи дека дивите коњи одат кај ковачот, а оние што се враќаат од него се веќе потковани и скротени.

Мостот „Ломоносов“ 

Низводно по реката Фонтанка се наоѓа уште еден величествен мост, именуван по рускиот научник Михаил Ломоносов. Меѓутоа, тоа име е од понов датум, од 1948 година. Пред тоа мостот го носел името на Екатерина Велика, а потоа и на грофот Чернишов. Во 19 век бил подвижен мост, но по реконструкцијата во 1913 година ја изгубил таа можност. Украсен е со монументални гранитни кули, поврзани со синџири, во кои некогаш бил скриен механизмот за подигање на мостот.

Биржевој мост  

Ова е еден од главните патни мостови во Санкт Петербург, кој ги поврзува островите Василевски и Петроградски. Го нуди најубавиот поглед на Дворцовиот кеј, Петропавловската тврдина и Ермитаж. Биржевој мост е украсен со Нептунов трозабец. Ноќе е богато осветлен.

Троицки мост 

Ова е еден од најнеобичните мостови во Санкт Петербург! Станува збор за подвижен мост изграден 1903 година, кој ги поврзува Петроградскиот и Адмиралтејскиот остров. Механизмот за движење е „еднокрилен“, што значи дека се крева само едната страна на мостот. Друга необична карактеристика на Троицкиот мост се неговите фенери, кои изгледаат како џиновски свеќници, а посебно внимание привлекува гранитниот обелиск со двоглав орел.

Болшеохтински мост  

Овој мост на реката Нева го поврзува северниот дел на историскиот центар на градот со реонот Мала Охта. До 1917 година го носел името на Петар Велики. Препознатлив е по гранитните кули во вид на светилници во романски стил, кои се осветлени ноќе. Оригиналниот механизам овозможува централниот дел на мостот да се подигне за само 30 секунди.

Троен мост 

Три моста на едно место. Името Троен мост на оваа градба ѝ го дале жителите на градот, а всушност станува збор за три мали моста во близина на местото каде што се вкрстуваат реката Мојка и Грибоедовиот канал, недалеку од црквата Спас на Крови. Официјално овие мостови се викаат: Театрални, Мало-Коњушени и Липкин мост. Сите се изградени во стилот на класицизмот и украсени со интересни детали: глава на Медуза, палмови лисја и позлата.

Лавов мост (Мостот на четирите лава) 

Санкт Петербург е град на лавови! Тие ги красат замоците, улиците и речните брегови. И, се разбира, лавовите имаат свој мост, кој се наоѓа во близина на Мариинскиот на каналот „Грибоедов“. Го чуваат четири огромни железни лава во кои се кријат носачите на мостот. Жителите на градот веруваат дека ќе ви се оствари желбата доколку ја сакате и во исто време ги допрете шепите на два соседни лава. Помала копија од овој мост може да се види во паркот Тиргартен во Берлин.

Банковски мост

Овој популарен мост, подеднакво омилен меѓу локалното население и туристите, се наоѓа во близина на каналот „Грибоедов“. Отворен е 1826 година, но и денес ги воодушевува посетителите со својот дизајн. Неговите грифони - или летечки лавови - исто така ги кријат носачите на мостот. Според старогрчката легенда, грифоните го чувале златото во земјата на Хиперборејците. Ги викале „кучињата на Зевс“. Тие симболично ја чуваа и ризницата на Руската империја.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња