Поглед на Михаиловскиот дворец, главната зграда на Државниот руски музеј.
Пјотр Коваљов/TASS„Често и сериозно размислувам за потребата во Петербург да се основа музеј на руската уметност. Москва ја има приватната, но одлична Третјаковска галерија, која тој, како што слушам, ќе му ја остави на градот. А, ние немаме ништо“, вака размислувањата на императорот Александар Трети ги има опишано професорот на Императорската академија на уметности и личниот предавач на царот и на царицата Алексеј Богољубов во своите „Белешки на морнарот-уметник“. Од овие размислувања на царот ќе поминат 15 години пред во 1898 година да биде основана установата од клучно значење за националната култура.
С. К. Зарјанко, Портрет на Александар III кога бил велики кнез.
Локален музеј „Гатчина“Императорот бил страстен колекционер на делата на руските сликари. Веќе во 1894 година неговата колекција броела речиси 600 слики. Тој во извесна смисла бил љубоморен на московскиот претприемач и покровител на уметноста Павел Третјаков чија галерија во Москва била нашироко позната.
Иљја Репин. Портрет на Павел Михајлович Третјаков, основач на галеријата. 1901.
Третјаковска галеријаДвајцата најпознати руски колекционери се почитувале меѓусебно, но чувствувале и извесна професионална конкуренција. Авторот на книги за уметноста Лев Анисов во својот труд посветен на Третјаков наведува сцена од еден нивен разговор: „Во Суриковската сала на галеријата започнал разговор за 'Болјарката Морозова'. Царот го замолил сопственикот да му ја отстапи сликата за својот музеј, а Павел Михајлович на тоа му одговорил дека таа повеќе не му припаѓа нему, зашто ја подарува галеријата на градот (тоа се случило во 1892 година – заб. ред.). Тогаш Александар Трети се оддалечил малку од Третјаков и длабоко му се поклонил“.
Серов В. А. 1865, Петербург, 1911. Портрет на Александар III со извештај од 1900.
Руски музеј„Третјаковската галерија се наоѓала во Москва. Москва во тоа време се доживувала како стара престолнина и центар на словенскиот дух. На Александар Трети му било мошне важно да отвори музеј токму во Петербург и на тој начин од европска престолнина да ја направи и престолнина на руската уметност“, коментира историчарката Ољга Кругликова, доцент на Санктпетербуршкиот државен универзитет (СПбГУ).
Како и многумина Романови, Александар Александрович се разбирал во уметноста. Уште како принц свирел на дувачки инструменти во сопствена музичка група, а кога станал монарх го поддржувал развојот на руската опера. Во младоста учел да слика кај професорот по сликарство Николај Тихобразов, а подоцна заедно со својата сопруга Марија Фјодоровна земал часови кај академик Богољубов. Лично познавал многумина руски сликари, ги посетувал нивните вернисажи и ателјеа, нарачувал и купувал уметнички слики, а платната од неговата збирка се прикажувани на најголемите руски изложби.
Семејството на Александар III
РГАКФД„Руските монарси пред Александар Трети, особено Екатерина Втора, колекционирале главно европско сликарство, а тој прв започнал систематски да собира дела од руски сликари и се трудел да го сврти вниманието на европската јавност на нив. Општа црта на епохата на Александар е културната синтеза, кога во сите видови уметност руската старина се прикажувала во европски манир, или, напротив, националните мотиви се интегрирани во класичните европски форми“, истакнува Ољга Кругликова.
Зградата на Третјаковската галерија по реставрацијата.
Владимир Вјаткин/SputnikЦарското семејство го поттикнувало дејствувањето на передвижниците. Тие на реалистичен начин создавале слики по сцени од руската историја и на теми од животот на рускиот народ, а приредувале изложби со цел жителите на провинцијата да се запознаат со домашното сликарство. На императорот Александар не му се допаѓал идеолошкиот судир помеѓу передвижниците и претставниците на академскиот правец и конкретно на раководството на Императорската академија на уметностите, па започнал реформа на оваа образовна установа. На крајот во неа се појавило Високото уметничко училиште каде многумина передвижници биле поканети како предавачи. Сето тоа во голема мера придонело за развој на националната уметност.
Мартенс. Поглед на Михајловскиот дворец од плоштадот. 1820-ти.
Руски музејАлександар Трети не стасал да го отвори музејот зашто во 1894 година ненадејно починал како последица на болест, а неговата голема колекција била раштркана во различни царски резиденции. Указот за основање на музејот во 1895 година го потпишал императорот Николај Втори.
„Како одговор на душевната потреба волјата на покојниот цар да се исполни без одложување, сметавме дека е добро да се основа посебна институција под називот Руски музеј на императорот Александар Трети“, се истакнува во документот.
Е. К. Липгарт. Белата сала на Михајловскиот дворец. До 1896 година.
Руски музејНазивот на музејот говорел во прилог на тоа дека царот бил најголем колекционер на националната уметност и нејзин покровител. Со таков назив воедно е одразена и идеолошката замисла на Александар Трети. По Револуцијата од 1917 година името на царот е тргнато од називот на музејот, но оваа установа до денешен ден се придржува до концепцијата на Александар.
А.А. Грихелес. Медал искована во знак на сеќавање на основањето и отворањето на Рускиот музеј на царот Александра III, 1898 година.
Руски музејЦарот Николај Втори наредил за потребите на музејот да се откупи Михајловскиот дворец од потомците на императорот Павел Први, прадедото на Николај. Зградата која во 1825 година ја подигнал Италијанецот Карло Роси е реконструирана и на 7 (19) март 1898 година свечено е отворена во присуство на новиот монарх, вдовицата-императорка Марија Фјодоровна и на други членови на семејството.
На отворањето на Рускиот музеј 7 (19) март 1898 година.
Руски музејВо тој момент Рускиот музеј заземал 37 сали на Михајловскиот дворец и тие биле поделени на десет одделенија. Денес на музејот му припаѓа и корпусот Бенуа, Михајловскиот (Инженерски) замок, односно поранешната резиденција на императорот Павел Први, Мермерниот дворец кој им припаѓал на потомците на императорот Николај Први, како и Строгановскиот дворец и Летниот Дворец на Петар Први.
1895. Државен руски музеј, некогашен Руски музеј на неговото царско величество Александар III на Плоштадот на уметноста, Санкт Петербург, Русија.
Legion MediaНа почетокот основата на музејската збирка сочинувала 80 слики од Ермитаж, 120 од Академијата на уметностите и 200 од Зимскиот, Гатчинскиот и Александровскиот дворец во Царское Село, како и платна од приватни збирки.
Иљја Репин, „Бурлаци на Волга“, 1872-1873.
Руски музејДенес на музејот му припаѓаат повеќе од 400.000 експонати во кои се опфатени над илјада години од развојот на руското сликарство од 10 до 21 век.
Карл Брјулов „Последниот ден на Помпеја“, 1833 година.
Руски музејПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче