Дали на Русија некогаш ѝ беше платено за Алјаска?

Kira Lisitskaya (Photo: Werner Forman Archive, Bilderbox /Global Look Press; Unsplash)
Според популарната теорија на заговор, вистинското злато што САД ѝ го платиле на Русија за Алјаска потонало на Балтикот, а ништо не стигнало во Санкт Петербург. Единствената вистинита работа во оваа конкретна приказна е дека Русија не примила ниту една пратка со злато.

Легендата вели дека по склучувањето на договорот за продажба на руските територии на Алјаска на САД, Русија добила 7 милиони долари. Еден и пол милион отишле во банка [во Лондон] за конверзија, а преостанатите 5,5 милиони во вид на златни шипки наводно биле испратени од Лондон во Санкт Петербург. На почетокот на јули 1868 година златото било натоварено на брод по име „Оркни“, кој на 16 јули 1868 година потонал пред да стигне до Санкт Петербург. А осигурителната компанија, за да не плати отштета за вредниот исчезнат товар, брзо прогласила банкрот. Значи, Русија не добила никакви пари, вели легендата.

Потписниците на договорот за продажба на Алјаска

Пред сé, иако во 1868 година постоел брод со име „Оркни“, таа година тој бил на пат за Јужна Америка, дознала американската писателка Бони Лошбо. По 1868 година бродот продолжил да плови, се споменува во регистарот од 1871 година итн. Значи, целата приказна најверојатно е само измислена.

Меѓутоа, вистина е дека Русија никогаш не добила толкава количина злато. Згора на тоа, логистички би било многу тешко и опасно да се направи тоа. Во 1867 година 7,2 милиони долари биле повеќе од 11 милиони рубли (додека, на пример, годишниот буџет на Руската морнарица во тоа време бил околу 15 милиони рубли). Така, наместо да испорачува злато од САД или од друго место, Русија одлучила да ги потроши парите во странство - очајно ѝ требала американската машинерија за нови железнички пруги. 

Во Рускиот државен историски архив истражувачот Александар Петров пронашол документ од втората половина на 1868 година. Документот докажува дека навистина поголемиот дел од парите платени за Алјаска отишле за финансирање на железницата. „Од северноамериканските држави се примени 11.362.481 рубли и 94 копејки за отстапените руски поседи во Северна Америка. Од таа сума, 10.972.238 рубли и 4 копејки се потрошени во странство за купување на прибор за железницата: Курск-Киев, Рјазан-Козлов, Москва-Рјазан итн. Преостанатите 390.243 рубли и 90 копејки се добиени во готовина“.

Значи, на крајот, Руската империја добила малку готовина, но 390 илјади рубли биле сума што лесно можела да се носи во багаж, без какви било бродови - освен, се разбира, оние бродови кои подоцна ја донеле железничката механизација во Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња