Четири центи за хектар: како Русија ја продаде Алјаска

JLS Photography/Flickr.com
Дури и по 150 години продажбата на Алјаска на САД предизвикува многу прашања, а хрониките на настаните од различни извори се полни со контрадикторни факти. Кој е виновен што Русија ја продала Алјаска, зошто рускиот гроф им давал на американските службеници мито и што се случило со парите заработени од продажбата?

Меѓу народот постојат многу митови околу продажбата на Алјаска и тоа не е изненадувачки, бидејќи по мотивите на оваа приказна би можел да се напише цел авантуристички роман. Сè започнува уште во четириесеттите години на 18 век, кога рускиот офицер од данско потекло Витус Беринг прв го открива брегот на Алјаска. На ова место и претходно доаѓале луѓе, но токму Беринг во 1741 година сфатил дека ја открил токму Северна Америка, а не уште еден остров. Освен тоа, Беринг успева да ја оправда економската привлечност на освојувањето на новите територии.

На патот назад бродот на Беринг е исфрлен на безимен остров (сега остров Беринг), каде морепловците и половина од екипажот му загинуваат, зашто не успеваат да ја преживеат тешката зима. Преживеаните морнари сепак напролет градат нов брод и стигнуваат до Петропавловск - и тоа со купишта скапоцени кожи. Потоа до новите земји почнуваат да се организираат цели експедиции кои им носат на руските трговци стотици илјади рубли.

Зошто Руската империја се плаши да ја освои Алјаска?

Без оглед на ентузијазмот на трговците и очигледната приходност на новите земји, официјален Петербург не брза да ја освои златната жила. Руската империја се плаши од меѓународни последици: не сака да се вплеткува во клопче од колонијални војни кои големите држави ги водат активно во тоа време. Поради оваа причина со Алјаска се занимаваат главно приватни бизнисмени, а најуспешен меѓу нив е Григориј Шелихов.

Компанијата на Шелихов ги проголтува сите конкуренти. На нејзиниот успех активно работи зетот на Шелихов, Николај Резанов - петербуршки службеник кој активно ја пропагира идејата за освојување на Алјаска во круговите на властодршците. По смртта на Шелихов, Резанов станува најголем сосопственик на неговата компанија, а во 1799 година Павел Први го потпишува указот за создавање на Руско-американската компанија (РАК) врз основа на претпријатието на Шелихов. РАК не само што има ексклузивни и монополски права за освојување на Алјаска, но и ја држи целосната власт над овие територии, со тоа што ги извршува управните и судските функции од името на царот. Самиот Резанов, пак, практично добива улогата на „прв човек во Алјаска“ и навистина учествува активно во нејзиното освојување. Тој го организира снабдувањето со прехранбени производи во Ново-Архангељск (тогашната престолнина на рускиот имот во Америка, сега градот Ситка) и со двата брода – „Јунона“ и „Авос“ - плови до шпанската Калифорнија. Таму подоцна е изградена тврдината Форт Рос, која го координира снабдувањето на населбите во Алјаска со производи.

Николај Резанов  / wikipedia.org (CC0)Николај Резанов / wikipedia.org (CC0)

Резанов, кој во тоа време станал вдовец, дури и се обидува да се ожени за помалата ќерка на командант на Сан Франциско, за да ги зајакне добрите односи помеѓу Руската империја и шпанска Калифорнија. Сепак, планираната свадба не се одржува: Николај Резанов загинува на пат кон Петербург.

Проблемите на РАК и стравот од златна треска

Во 1824 година гувернер на канцеларијата на РАК станува идниот декабрист Кондратиј Рилеев. Тој фанатично ја застапува идејата за освојување на тихоокеанското крајбрежје на Америка од Алјаска до Калифорнија со руски раце и со последователна анексија. Петербург сепак не ги поддржува овие планови на Рилеев и тоа од истата причина - не сака да се вовлекува во војна со половина од европските држави и да ги расипе односите со северноамериканските држави. Недостасуваат и ресурси за експанзија, бидејќи руското население во Америка не надминува неколку илјади луѓе.

Кондратиј Рилеев / wikipedia.org (CC0)Кондратиј Рилеев / wikipedia.org (CC0)

Рилеев, можеби без тој самиот да си дава сметка, влијае негативно на судбината на РАК, бидејќи по задушувањето на Декабристичкото востание во 1825 година Николај Први станува сосема незаинтересиран за оваа институција. Именува на раководни улоги во неа воени лица кои, прво, немаат комерцијален талент, а второ, си одредуваат огромни плати. Поради неправилната финансиска политика спрема месното население, доставувањето кожи, бројот на животните со скапи кожи силно се намалува. Настапува криза за РАК и државните пари стануваат единствениот инструмент со кој компанијата може да се задржи на површината.

По Кримската војна во 1853-1856 година економијата на Руската империја не е во најдобра форма - пари за понатамошно искористување на Алјаска нема. Во тоа време во Петербург веќе знаат за големите резерви на злато и други минерали во рускиот Нов свет, но никој не знае како тие да бидат искористени. Објавувањето на оваа информација би можело да привлече во руските земјиште толпи трагачи по злато.

Руската империја се обидува да ја даде Алјаска под фиктивни лизинг на три години на САД, користејќи ги противречностите помеѓу Лондон и Вашингтон. Потоа сепак Компанијата на Хадсоновиот залив (англиски аналог на РАК, кој работи во Канада) ѝ нуди на Руско-американската компанија да склучи сепаративен мир и потребата од фиктивни лизинг опадна.

Продажбата и поткупот се релевантни: последните години на руската Алјаска

Предлогот да се продаде Алјаска доаѓа за прв пат во 1853 година од устата на Николај Муравјов-Амурската, генерал-губернатор на Источен Сибир. Тој му соопштува на Николај Прв дека освојувањето на Приамурието оди подобро, а Алјаска создава премногу проблеми.

Многу упорни предлози да се продаде проблематичната територија почнуваат да доаѓаат и од братот на царот Александар Втори - кнезот Константин Николаевич. Големиот кнез јасно дефинира три главни причини поради кои таа треба да биде продадена: неефикасноста на Руско-американската компанија, бурниот развој на Приамурскиот крај и стремежот кон сојуз со Америка.

Во 1866 година завршува граѓанската војна во Америка и патиштата за преговори се отворени. Во овој момент веќе никој од повисоките руски чиновници не се изјаснува против продажбата. Прашањето е само во цената. И тоа се претвора во своевиден момент на слава за рускиот амбасадор во Вашингтон Едвард Стекља. Тој издејствувал првичната сума од $ 5-5.5 милиони да биде покачена до $ 7.2 милиони. На Стекља му помага американскиот државен секретар Вилијам Стјуард, принципиелен поддржувач на идејата територијата на САД да се протега на двете Америки. Стекља го добива текстот на договорот за продажба на Алјаска ноќе и рускиот амбасадор, без да го чека утрото потрчал кон Стјуард. Во тоа време тој играл твист и наредил да се разбудат сите потребни чиновници - така договорот е потпишан во 4 часот наутро. Претседателот на САД Ендрју Џонсон не ја гледа реалната корист од купувањето на Алјаска и повеќе се потпира на мислењето на Стјуард. Државниот секретар одвај успева да го помине договорот во Конгресот, бидејќи американското општество е поставено скептично кон купување на руското земјиште. Додека Стјуард ги убедува парламентарците, Стекља им дава поткуп на конгресмените - за нив според некои податоци одат околу $ 400.000 (всушност се зборува дека половина од овие пари рускиот амбасадор едноставно си ги прибирал в џеб).

И покрај сите пречки, Алјаска е продадена на САД. Зделката има противници и во руската империја, и во САД (печатот во САД ја нарекува Алјаска „фрижидер на Стјуард“ и „зоолошката градина на поларните мечки на Џонсон“). Подоцна, сепак, Америка, без сомнение, заработува од неа. А, Руската империја со добиените пари купува железничка опрема од Англија.

Грофот Едвард Стекља од многумина во својата татковина е наречен предавник: високото општество не му го простува „предавството“ и само по една година тој е принуден да се повлече. Царот Александар му се заблагодарува на својот амбасадор со премија од 25.000 рубли и годишна пензија од 6.000 рубли. На Стекља му остануваат и парите од мито, со кои тој ги придобивал американските конгресмени. Рускиот амбасадор го поминува остатокот од својот живот во Париз.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња