Разбивачи на митови: Не, Русија не ја даде под наем Алјаска на 99 години

Александар Кислов
Често го слушаме мислењето дека Американците незаконски ја одзеле Алјаска, дека Руската Империја никогаш не ја ни продала, туку ја отстапила во наем на 99 години но, ете, годините поминале, а Американците одбиле да ја вратат. Оваа верзија ја повторуваат и некои вистински историчари и аматери, а ние ќе се обидеме да објасниме што се крие зад сето тоа и како во тоа е вмешан Сталин.

Во 2014 година, во екот на присоединувањето на Крим кон Русија, на официјалниот сајт на Белата куќа се појави петиција за присоединување на Алјаска. Што се вели, „со право“. Затоа што Русите ја откриле оваа територија, ги основале првите населби, ја развивале и воспоставиле своја власт. Иако петицијата ја потпишаа преку 35000 луѓе, таа, се разбира, ништо не донесе, освен разбранувани страсти и повторување на приказната за „кој знае по кој пат измамената Русија“.

Сталиновата закана „од чист мир“

Законитоста на сопствеништвото на Американците над Алјаска со децении никој не го доведуваше во прашање.

Кога 1918 година власта во Русија ја презедоа болшевиците, ги одбија сите финансиски и територијални обврски на кои се согласи Руската Империја. Според договорот за продажба половина милион хектари руска територија на Соединетите Американски Држави од 1867 година, на Америка засекогаш ѝ припадна целата територија на Алјаска.

Се зборува дека сепак во текот на конференцијата на Јалта Сталин во еден момент споменал дека повеќе нема да бара присоединување на Алјаска на Советскиот Сојуз. Американците биле малку збунети, затоа што СССР де јуре и де факто немаше никакви права на територијата на Северна Америка. Но, оттогаш и одвреме-навреме оваа приказна испливува на површината, па за тоа дискутираат и некои руски политичари како што е лидерот на Либерално-демократската партија Владимир Жириновски.

Како и да е, постои уште еден мит поврзан со Алјаска, а тоа е тврдењето дека Русија никогаш не ги добила ветените пари.

Златото кое не потонало

Според овој втор мит, 7,2 милиони американски долари, или 11362481 рубли и 94 копејки на 16 јули 1868 во златни прачки потонале на дното на Балтичкото море заедно со бродот „Оркни“.

Сопственикот на бродот, извесен Вилијам Томсон го кренал „Оркни“ во воздух за да го добие осигурувањето за изгубената роба. Случајот во детали е раскажан во оваа статија, а главниот минус на теоријата за ограбената Русија е очигледен: исплатата на парите е извршена на 1 август 1868 година и бродот „Оркни“ никако не можел да превезува злато за Русите. Дотолку повеќе што истата година патувал за Јужна Америка, а не за Санкт Петербург.

А што се однесува до парите, како што пишува рускиот историчар Александар Петров, речиси 11 милиони рубли (од 11362481) не ни дошле до Русија, туку се потрошени во странство за купување опрема за изградба на руската железница, така што и немало потреба златото да се превезува преку море.

Четири центи за хектар: како Русија ја продаде Алјаска

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња