Кој бил болшевичкиот водач Владимир Ленин?

Fototeca Gilardi/Getty Images
Во продолжение ќе добиете одговори на најважните прашања во врска со животот на првиот советски водач.

Зошто Ленин е толку посебен и важен?

Владимир Ленин (роден Владимир Уљјанов, 1870-1924) беше водач на болшевичката политичка партија, главната подвижна сила на Октомвриската револуција од 1917 година во Русија. Оваа револуција може да се спореди само со Француската револуција од 1789 година според влијанието што го имала на националната и на светската историја. Руското востание на крајот довело до создавање нова, уште поголема држава, СССР, со Владимир Ленин кој стана нејзин прв водач. Во Русија, но и во странство (во Индија, на пример), постојат стотина споменици на Ленин, а речиси во секој руски град има улица што го носи неговото име.

Каде е роден Ленин?

Тригодишниот Владимир Уљјанов (Ленин)

Ленин, инаку, е роден во имашно семејство во Симбирск (сега Уљјановск, наречен по семејството Уњјанови). Неговиот татко Иљја бил државен службеник во локалниот образовен систем. Владимир имал двајца браќа и две сестри,

Зошто станал револуционер?

Историчарите се сложуваат дека настанот што го поттикнал Владимир да стане револуционер е погубувањето на неговиот најстар брат Александар во 1887 година поради планирање атентат врз царот Александар Трети. Меѓутоа, можеби револуционерните идеи се инфилтрирале претходно. Постарата сестра на Ленин Ана Уљјанова исто така била револуционерка. Во 1886 година првпат била уапсена поради учество во демонстрации. Во секој случај, во 1887 година кога Ленин се запишал на Казањскиот универзитет, многу бргу бил уапсен поради револуционерни активности, а кога бил исфрлен од универзитетот започнал со жар да чита комунистичка литература.

Семејството Уљјанови, 1879 година. Стојат (одлево надено): Ољга (8), Александар (13), Ана (15). Седат (одлево надесно): Марија Александровна (44) со ќерката Марија (1) во рацете, Дмитриј (5), Иљја Николаевич (48), Владимир (9).

Веќе по влегувањето на универзитет, Ленин речиси веднаш бил исфрлен поради учество во студентската буна. Тоа го означило почетокот на неговите неволји со законот. Иако му било дозволено да ги полага испитите на Правниот факултет на Државниот универзитет во Санкт Петербург и да стане адвокат, продолжил со своите револуционерни активности. Во 1895 година Ленин ја создал Лигата за борба за еманципација на работничката класа – марксистичка група, поради што потоа бил уапсен и прогонет во Сибир на три години.

Како го добил псевдонимот?

Студентот Владимир Уљјанов (Ленин), околу 1891 година

Владимир Уљјанов имал повеќе од 100 псевдоними, со кои ги потпишувал своите статии и прокламации, а псевдонимот Николај Ленин за првпат го употребил во 1901 година. Една верзија на настаните тврди дека името е инспирирано од сибирската река Лена. Други извори наведуваат дека всушност постоел човек по име Николај Ленин, чиј идентитет го користел Владимир Уљјанов. По доаѓањето на Владимир Уљјанов на власт, официјалните партиски и државни документи почнал да ги потпишува со „В.И. Уљјанов (Ленин)“.

Како Ленин дошол на власт?

Владимир Ленин беше водач на болшевичката партија, радикално крило на марксистички ориентираната Руска социјалдемократска работничка партија. Во 1912 година Ленин и неговите другари се одвоија од руските социјалдемократи, а од пролетта 1917 година станаа посебна политичка партија.

Дотогаш Руската Империја повеќе ја немаше (Николај Втори абдицираше од рускиот престол – што се случи без влијание на Ленин). По враќањето од Швајцарија, Ленин во своите таканаречени априлски тези изјави дека Русија само „преминува од првата фаза на револуцијата во нејзината втора фаза, во која власта мора да се концентрира во рацете на пролетаријатот и на најсиромашните селани“.

Под водство на Ленин болшевиците ја започнаа Октомвриската револуција во 1917 година, која потоа го доведе на власт.

Каква била вистинската позиција на Ленин во владата на СССР?

Ленин на Црвениот плоштад во 1919 година.

Откако на местото на Руската Империја се појави Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (РСФСР), Владимир Ленин дојде на чело на нејзината влада – претседател на Советот на народни комесари („Совнарком“). Формално, Ленин не беше единствениот и самостоен водач на државата, ами беше задолжен за Совнаркомот каде издаваше наредби на своите следбеници министри – народните комесари. Откако во 1922 година беше создаден СССР Ленин стана шеф на владата на СССР.

На оваа позиција Владимир Ленин го започна таканаречениот Црвен терор, политика која имаше за цел да го елиминира секое политичко несогласување или закана за болшевичката моќ. Тоа беше направено со физичка ликвидација на „класните непријатели“ – буржоазијата, богатите трговци, благородниците и така натаму. Ленин наредуваше погубувања, организираше логори и лишуваше од права определени групи и личности. За време на Црвениот терор беа убиени царот Николај Втори и неговото семејство. Како што веруваат многумина историчари, тоа е направено под директна незабележана наредба на Ленин.

Ленин исто така беше неприкосновен водач на болшевиците (подоцна Комунистичка партија на Советскиот Сојуз), кој на крајот дојде до позиција да управува со целиот СССР преку највисокиот совет, Политбирото.

Каков бил како личност?

Владимир Ленин во 1920 година.

Многумина што го запознале Ленин се сложуваат во тоа дека имал исклучително силна личност. Во детството покажувал исклучителна способност за учење и бил вистински петкаш по сите предмети. Меѓутоа, тој исто така покажувал насилен и заповеднички темперамент.

Ленин бил со среден раст од 164 сантиметри, со цврста и атлетска градба. Сакал лов и риболов, а многу возел велосипед додека бил во прогонство во Швајцарија. Како што се сеќава Брус Лохарт: „Освен неговото високо чело и благите монголоидни очи, немаше ништо особено во неговиот изглед. Неговото одело секогаш му беше како вреќа, а краватата речиси секогаш негрижливо врзана. Сакаше да стои со благо зафрлена глава, и со палците удобно вовлечени во дупките од елечето. Со исклучок на најголемите студови, на главата секогаш носеше работничка капа“.

Владимир Ленин во 1923 година

Како возрасен, Ленин имал фасцинантно паметење – можел да запомни многу страници текст за само неколку минути. Исто така во текот на животот бил страстен вљубеник во шахот.

Артур Ренсом, англиски новинар кој бил мошне близок со болшевиците, има напишано дека Ленин длабоко го погодил со „својата љубов кон животот. Не можев да се сетам на ниту една личност од сличен калибар со ист радосен темперамент. Овој низок, ќелав, избрчкан човек, кој се ниша на столчето од една на друга страна, смеејќи се на оваа или на онаа шега, подготвен е во секој момент да даде сериозен совет на секој што ќе го прекине за да постави прашање“. Британската историчарка Хелен Рапапорт има напишано дека „Ленин беше циничен опортунист – ја менуваше партиската тактика во зависност од околноста и политичката придобивка. Можеби тоа беше негов исклучителен талент како тактичар. Беше немилосрден и строг, бесрамно ги користеше луѓето за своите цели“.

Како починал Ленин?

Во текот на времето кога Ленин беше шеф на државата, извршени се најмалку два обида за негово убиство – едниот го имаа испланирано неговите противници, додека вториот беше само злосторничка заседа.

Неговото здравје нагло се влоши пролетта 1922 година, а како причина за неговата лоша состојба, губењето на помнењето и нејасниот говор се наведуваше атеросклероза на мозокот. По смртта на Ленин во 1924 година на 53-годипна возраст, неговиот мозок беше темелно проучен, но истрагите не дадоа никаков одговор за точната причина за смртта на големиот водач.

Откако почина Ленин, неговото тело беше положено во Мавзолејот на Црвениот плоштад во Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња