Како болшевиците ја уништувале Руската православна црква

Russia Beyond (TASS; Public Domain)
Верата и Црквата биле сериозна препрека за формирањето на „новиот советски граѓанин“ и затоа Советите ѝ објавиле војна на религијата, која ја третирале како „опиум за народот“.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Додека сè уште нема воспоставено целосна власт во целата земја, болшевиците веќе тргнаа во пресметка со сето она што било карактеристично за „стариот режим“. Новата советска власт свештенството и обичаите на Православната црква го доживувала како неделив дел од стариот модел на државното устројство и на системот на вредности. Болшевиците фактички сакале да ја ликвидираат приврзаноста кон верата, својствена на обичниот народ, и да создадат нова религија – верба во комунизмот и неговите водачи.

„Опиум за народот“

Народ пред црквата, од првата деценија на минатиот век. Фабричка населба Кошељи, Боровички округ, Новгородска губернија.

Црквата била важна компонента во животот во царска Русија. Таа била задолжена за евиденција на родените и на починатите, за институцијата брак и за моралот на своите парохијци. Овој елемент на духовниот живот во практика понекогаш се сведувал на бирократска формалност на системот според кој функционира државата.

Кога станува збор за руските селани (а, на почетокот на 20 век 85% од селаните во Русија биле неписмени), Црквата на нив и понатаму им била единствен извор на претставата за доброто и за злото. Свештеникот на богослужбите го читал Светото писмо и со проповедите им ја објаснувал смислата на прочитаниот текст и ги поврзувал со секојдневниот живот, им зборувал дека монархијата е облик на постоење на човечката заедница која самиот Бог ја воспоставил, и дека таа не треба да се менува, ами секој треба да го знае своето место во неа. На болшевиците особено им се допаѓало упростеното сфаќање според кое христијанинот за своите страдања добива награда „на оној свет“, а на овој свет мора сè да трпи. Тие во тоа гледале чиста лага со која големите народни маси се држат во состојба на обесправеност и сиромаштија, додека други го користат нивниот труд и уживаат во богатството.

Болшевиците ги инспирирал Карл Маркс, а нему му припаѓаат зборовите „религијата е опиум за народот“. Оваа формулација во своите трудови ја повторувал и лидерот на руската револуција Владимир Ленин. Болшевиците ја усвоиле како парола. Ленин пишувал дека вербата во некаков подобар задгробен живот се раѓа токму благодарение на немоќната положба на угнетената класа и на нејзината неспособност да се спротивстават на „експлоататорите“. Религијата, според Ленин, им нуди „евтино оправдување на целокупното нивно експлоататорско постоење“.

Антирелигиозен плакар, СССР. Автор Дени (Денисов) В.Н., 1919 година.

Болшевичката пропаганда брзо и на мошне пристапен начин започна да води борба против „поповите“, како што тогаш со презир беа нарекувани свештениците. На советските плакати свештенослужителите беа прикажувани како карикатури, како дебели мошне одбивни битија во мантии и со брада која го „залудува“ народот.

Одземање на црковните скапоцености, репресии

Последната фотографија на протојереј Иван (Јован) Кочуров, 1917 година

Болшевиците брзо преминале од зборови на дела. Во крвавата војна против Црквата страдале и праведниците и духовниците. Се смета дека од раката на болшевиците настрадал отец Иван Кочуров, свештеник на Екатериинскиот храм во Царское Село. Го убиле црвеноармејците кога во 1917 година влегле во поранешната царска резиденција.

Потоа во 1918 година бил издаден указ „За одвојување на црквата од државата и на училиштата од црквата“. Црковната земја била национализирана, а бракот и семејните односи повеќе не биле во надлежност на Црквата.

Отворање на гробницата со моштите на свети Александар Невски на 12 мај 1922 година.

Во периодот од 1918 до 1920 година болшевиците започнале антиверска кампања во рамките на која богохулно се сквернавеле моштите на руските светители со желба да се разниша митот за нивната чесност и на тој начин да се сузбие култот на нивното почитување. Пропагандата во голема мера користела фотографии со отворени кивоти.

Црвеноармејци изнесуваат икони и црковни ствари по затворањето на Симоновиот манастир, 1923 година.

Во 1922 година болшевиците отишле уште подалеку и започнале да одземаат црковни драгоцености под изговор дека се борат против масовниот глад, а исто така и за заживување на економијата која беше уништена во Граѓанската војна. Во специјална државна ризница се чувани предмети за богослужба од скапоцени метали, рамки од икони, крстови и сето останато што можело да содржи злато, сребро и скапоцени камења. Многу нешта подоцна се продадени на Запад.

Свештениците се противеле на варварското пљачкосување на храмовите, поради што чекистите ги апселе, ги обвинувале за контрареволуционерна дејност и за антисоветска пропаганда, ги мачеле и ги репресирале. На почетокот на дваесеттите години од минатиот век повеќе од илјада свештенослужители настрадале. Меѓу нив имало и угледни архиереи од Москва и од Санкт Петербург.

Петроградскиот митрополит Венјамин на суд, 1922 година

Голем одек имаше настанот во градот Шуја, во Ивановската област, каде парохијците на Воскресенскиот храм се обидоа да го спречат одземањето на скапоценостите од храмот, по што црвеноармејците отворија оган на група верници. Неколкумина загинаа, а свештениците на овој храм подоцна демонстративно беа осудени на смрт и стрелани.

Раскол во Црквата

Некои свештенослужители по Револуцијата емигрираа, но поголемиот дел од нив останаа во земјата и продолжија да вршат богослужби. Важно е да се истакне дека летото 1917 година, значи наспроти Револуцијата, во Москва беше одржан голем црковен собор и тогаш беше воспоставена патријаршијата што ја имаше укинато уште Петар Велики. Новоизбраниот патријарх Тихон уживаше голем авторитет кај архиереите. Кога започна Граѓанската војна тој ги осуди луѓето кои пролеваат крв и ги повика да се вразумат.

Кревање во воздух на Храмот на Христос Спасителот на улицата Волхонка.

Тихон беше уапсен во 1922 година и можеше да се очекува дека ќе биде погубен како и многумина други свештенослужители. Меѓутоа, набргу беше пуштен, а во негово име е направено признание дека тој, наводно, бил под штетно влијание на антисоветски настроените лица и дека „отсега не е непријател на советската власт“. Со намера да се пресметаат со црковната јерархија болшевиците инспирирале раскол во руското православие. Имено, свештениците лојални на болшевиците, таканаречените „обновувачи“, се свртеа против патријархот и на крајот го тргнаа од тронот.

Затворање и уривање храмови

Кревање во воздух на Храмот на Христос Спасителот на улицата Волхонка.

По смртта на Ленин во партијата се распламти борба за власт, така што репресиите врз Црквата привремено спласнаа. Меѓутоа, веќе во 1928 година повторно беа преземени мерки за „зајакнување на антирелигиската борба“, која сега веќе беше изедначена со класна борба. Започна масовно кревање во воздух на храмови, и тоа траеше до крајот на триесеттите години од минатиот век. Пред воспоставување на советската власт во царска Русија имаше 54.000 храмови, а пред распадот на СССР останаа само околу 7.000.

Определени храмови беа повторно изградени, како на пример Храмот на Христос Спасителот во Москва. Многумина, сепак, беа неповратно изгубени. Болшевиците сакаа да го уништат и Храмот на Василија Блажени, но заштитниците на културата се зазедоа за негово зачувување и во него отворија музеј. За волја на вистината, постои и друга верзија, односно цела историска анегдота за тоа како опстојал овој храм. Имено, се зборува дека соборецот на Сталин Лазар Каганович на водачот му претставил проект за реконструкција на Црвениот плоштад и дека од макетата ја тргнал фигурата на храмот, но Сталин, наводно, му рекол: „Лазар, врати го тоа на место!“

Болшевиците без двоумење кревале во воздух и древни храмови доколку тие претставувале пречка за изградба на хидроелектрана или за проширување патишта и улици. Многу храмови беа затворени, а потоа се користеа за некакви други намени, од магацини за жито до фабрички простории. Манастирите често се пренаменуваа во затвори, а во Казањската соборна црква во Санкт Петербург беше отворен, ни помалку ни повеќе, Музеј на историјата на религијата и атеизмот.

Нов бран репресии

Кон крајот на триесеттите години од минатиот век започнал Големиот Сталинов терор, односно масовните репресии. Не беа поштедени ниту преостанатите свештенослужители. Тие постојано беа апсени, често за време на богослужба, и најчесто од политички причини, односно „за антисоветска агитација“. Голем дел од православните свештеници и архиереи завршија во затвор или во прогонство, а исто така и на тешка работа во логорите на Гулагот. Многумина се стрелани таму или на друг начин ги изгубиле своите животи.

Фотографија на луѓе, жртви на политички репресии, загинати на Бутовскиот полигон во Москва.

На Бутовскиот полигон во близина на Москва во 1937 и 1938 година беа стрелани околу 20.000 луѓе, од кои илјада служители на различни вероисповеди. Патријархот Алексеј Втори во текот на деведесеттите години од минатиот век за масовната гробница на ова место рекол дека тоа е „Руска Голгота“ зашто сите луѓе беа репресирани без судење, по пресудите што ги изрекуваа „тројките на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД)“. По распадот на СССР канонизирани беа светите Бутовски новомаченици (321 свештеник).

Вкупно се канонизирани над 1.700 новомаченици и исповедници на Црквата Руска кои беа гонети по револуцијата од 1917 година. Според некои процени, поради црковните прашања за време на постоењето на СССР настрадале 100.000 луѓе.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња