Американските стручњаци одмавнуваат со рака на прашањето за новата маскирна шема на авионот Су-57

Слободан Ѓукиќ
Според зборовите на американските експерти, новата маскирна шема која неодамна беше видена на авионите Су-57 е бескорисно нешто. Исклучителна функција на ваквото украсување на авионот е дизајн и маркетинг.

Руските ловци од петта генерација Су-57 неодамна ги добија своите нови камуфлажни бои. Според тврдењата на пилотите, најновата текстура на камуфлажната боја значително ќе ја намали оптичката видливост на авионот додека се наоѓа во воздух. Но, според американскиот интернет портал „Национален Интерес“, применетата шема на бои нема да биде толку битна во пракса.

Во текстот се наведува дека комбинацијата од посветли бои, кои се наоѓаат од долната страна на трупот на авионот, со потемни тонови, кои се нанесени на горната страна на леталото, создаваат остар премин видлив во сите услови. Токму ваквата агресивна примена на боите може да ја намали неговата оптичка „невидливост“.

Ваквите примероци на дигитална камуфлажа кои се применуваат на леталата можеби и имаат потенцијал да го измамат човечкото око, но прашањето е колку е тоа ефикасно денес. Таквиот вид камуфлажа ја имаше својата функција во текот на 20 век, додека денес е надмината, се констатира во публикацијата.

Во современа воздушна битка маскирната шема на авионот нема никаква функција во борба против самонаведувани ракети од класите „воздух-воздух“ и „земја-воздух“ кои користат високосензитивни инфрацрвени глави за наведување. Уште помала шанса авионот да се „скрие“ остава примената на најновите радарски системи кои се опремени со фазни радарски решетки, кои со голема брзина го пребаруваат воздушниот простор. Значи, во евентуален воздушен судир на авиони кои го носат епитетот на летала од петта генерација, сѐ ќе биде решено автоматски, многу пред пилотите визуелно да успеат да се видат.

Според авторот на текстот, најновата камуфлажна шема на авионите која е видена на руските 57-ци е исклучително поврзана со маркетинг. Таа претставува обид на рускиот воено-индустриски комплекс да ги увери своите странски партнери (пред сѐ Индија) дека активно се работи на овој авион и тоа како на внатрешен, така и на надворешен план. Значи, ним им е цел да ја уверат Индија дека авионот е сѐ поквалитетен, со намера повторно да ја вратат во работа.

Се разбира, тука американскиот стручњак прави превид во однос на сериозниот пакет средства за противелектронска борба, кој сигурно ќе биде интегриран во комплетот задолжителна опрема на повеќенаменскиот ловец Су-57. Неговата основна функција ќе биде силно попречување на софистицираните технички средства за откривања и наведување кои се имплементирани во ракетите од последна генерација и нивните платформи. Значи, постои голема шанса современата воздушна битка повторно да се приближи на условите кои беа актуелни во Втората светска војна.

Со примена на блиска воздушна борба, популарниот „догфајт“ на кратки растојанија, повторно ќе дојде до израз оптичката видливост на борбеното летало, поточно камуфлажната шема на боите со која ќе биде третирана неговата надворешност.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња