5 појави против кои се бореше советската власт

Russia Beyond (Public Domain; Grigori Goldstein)
Болшевиците на секој начин се трудеа да ја подобрат самата природа на човекот и целото општество. За таа цел мораа да се фатат во костец со многу појави од предреволуционерниот период.

 1. Религија

Атеистичката и антирелигиозната пропаганда беше меѓу најважните елементи во работата на болшевиците за создавање нов советски човек. Идеологот на револуцијата - Ленин, го претвори цитатот од Карл Маркс во парола: „Религијата е опиумот на народот“. Тој и неговите истомисленици сметаа дека кога обичниот човек ќе сфати дека нема Бог, ќе разбере дека неговиот живот и животот на неговиот народ зависат од неговиот сопствен труд. Тоа делумно имаше смисла, бидејќи институцијата на Руската православна црква на крајот на XIX век во значителна мера го кочеше развојот на општеството. Свештенството со својот став масовно ја штитеше државата, држејќи голем дел од населението во обесправена положба и сиромаштија, што само придонесе за пропаѓање на државата, избивање на граѓанска војна и страдање на милиони луѓе.

Болшевиците направија голем број пропагандни плакати на кои свештениците беа карикатурно прикажани како дебели и крајно одбивни луѓе во мантии и со бради, кои го „заглупавуваат“ народот. Освен тоа, советската влада за „потребите на гладните“ почна да конфискува скапоцености од црквата. Тие ги претопувале црковните ѕвона и од тој метал произведувале оружје и муниција.

2. Неписменост

„За да имаме повеќе, мора да произведеме повеќе. За да произведеме повеќе, мора да знаеме повеќе“

Неколку години пред Октомвриската револуција, според различни проценки, само 20% од руското население знаеше да чита и пишува. Но, новата владејачка класа - работниците и селаните - мораше да се образува за да учествува во општествениот живот и да придонесе за зголемување на производството. Затоа една од првите масовни кампањи на болшевиците беше борбата против неписменоста и промовирање на образованието.

Описменување на Советите, 1920.

Во 1919 година беше објавен декрет според кој сите жители на земјата на возраст меѓу 8 и 50 години имаат обврска да се описменат на руски или на својот мајчин јазик, по нивен избор. Исто така, за да се олесни описменувањето, болшевиците го поедноставија правописот. За десет години беа описменети околу десет милиони луѓе и, како што покажа пописот на населението, во 1926 година, околу 50% од селското население веќе беше писмено, додека во 1939 година речиси 90% од населението на целата земја беше описменето.

3. Социјална нееднаквост

„Секој за колективот, колектив за секој!“

Советската влада сакаше да создаде општество на сеопшта еднаквост, каде што нема да има сиромаштија, туку би важела рамноправна распределба на добрата. Таа го отфрлуваше принципот на лично богатење и приоритетот на приватната сопственост, на кои почива капитализмот. Освен тоа, на идеен план, се негираше можноста човекот со задоволство да користи одредени добра доколку покрај него има некој кому му недостигаат тие добра. Идеалот беше да споделиш со ближниот сè што имаш, па дури и да даваш повеќе отколку што самиот користиш.

Тука се користеше уште една парола на Карл Маркс: „Од секого според способностите, секому според потребите“. Не требаше да има ни богати ни сиромашни, требаше сите да имаат приближно исти примања, сите да работат едни за друго, а заедничкиот производ да се дели на сите.

Според советската етика, човекот не треба да се труди и да работи заради лично богатење и стекнување материјално богатство, туку заради самата работа и свеста за општиот напредок. Тој не треба да добива задоволство од корисењето на материјалните блага (таков двигател на развојот функционира во капиталистичкото потрошувачко општество), туку од процесот на работа и самореализација.

4. Општествен паразитизам

„Безделникот е товар за целиот колектив. Време е да се ослободиме од него!“

Во СССР се веруваше дека секој човек треба да работи, а не да живее од кирија, камата или на туѓа сметка. Затоа власта решително се бореше против „безделниците“. Ленин ги вбројуваше во иста категорија како богатите и измамниците - и едните и другите беа непријатели на пролетаријатот. „Кој не работи, тој не јаде“ - ова е уште една популарна советска парола. Советскиот устав предвидуваше право на работа и на секој граѓанин му беше гарантирано вработување по школувањето.

Во 60-тите години излезе указот за „интензивирање на борбата против лицата кои избегнуваат општествено-корисна работа и водат антисоцијален паразитски начин на живот“. Порано против такви луѓе се организираа вистински хајки. На пример, за време на работното време во јавниот превоз надлежни лица можеа да побараат документи од човек и да го прашаат зошто не е на работа.

Јосиф Бродски во Њујорк

Честопати указот се однесуваше конкретно на дисидентите. На пример, на поетите, писателите, сликарите кои советскиот естаблишмент не ги признаваше. Еден од најпознатите примери е поетот Јосиф Бродски, кој беше осуден за паразитизам и протеран од земјата.

5. Неморал

Болшевиците презедоа бројни христијански заповеди заради формирање на моралниот кодекс на новиот човек. На пример, принципот на еднаквост на сите луѓе („нема ниту Елин, ниту Јудеец“), неопходноста на животот заради општо добро, а не заради лична корист („сакај го ближниот свој како себеси“), нестекнување и отфрлање на приватната сопственост (еден од заветите кои се даваат при замонашување), доживување на жените како еднакви.

Поради отсуството на религија за борба против човечките пороци, советската влада требаше да создаде нови методи за всадување морал. Еден од начините беше општествената критика. Човек кој ќе направеше некаков неморален чин, кој не се однесуваше „советски“, ќе беше повикан пред зборот на колективот во училиштето, институтот, на работа и со него ќе се разговараше воспитно. Затоа што со својата постапка тој не се „срамеше“ само себеси, туку и целиот колектив, па и целиот Советски Сојуз. Посебна борба се водеше против пијанството и развратот. Колективот дури можеше да се меша во семејните работи и да го осуди неверниот сопруг, на пример.

Освен тоа, советската власт за прв пат во историјата на Русија се занимаваше со прашањето на општото образование и образованието на децата. Тоа веќе не беше само семејно, туку државно прашање.

Советската власт исто така интензивно се бореше и против малолетничката деликвенција. По Првата светска војна, а особено по Граѓанската војна, многу деца ги загубија своите родители. Официјално имаше околу 7 милиони бездомници (додека во државните домови имаше само околу 30 илјади деца). Многу деца буквално растеа на улица и, се разбира, крадеа и просеа. Државата целосно ја презеде контролата над проблемот со грижата за овие деца. Беше формирана посебна Детска комисија и отворени голем број домови и воспитни училишта. Посебни оперативни групи работеа на железничките станици и пруги, каде фактички „ловеа“ деца и ги испраќаа во домовите. До 1924 година во домовите веќе имаше 280 илјади деца.

Попис на незгрижени деца во СССР, 1926.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња