Зошто Ленин во Русија создал држава независна од Москва?

Russia Beyond (Photo: Анатолиј Деманов; W. Pleyer; МАММ/МДФ/russiainphoto.ru)
Болшевиците дозволиле во земјата што тие ја контролираат да се формира независна Далекоисточна Република, и сесрдно ја поддржувале. Таа официјално опфаќала огромна територија од Бајкал до Сахалин.

Во времето на крвавата Граѓанска војна во источниот дел на Русија се појавила независна Далекоисточна Република. Особено е необично што оваа нова република била создадена на иницијатива на Москва. Болшевиците ја жртвувале сопствената територија за основање нова држава со намера да ја зауздаат Јапонија која имала намера да го покори целиот руски Далечен Исток. Во што конкретно се состоел итриот план на Ленин?

Мапа на Далекоисточната Република, 1922 година.

За време на Граѓанската војна силите на Антантата на чело со Велика Британија извеле сеопфатна интервенција во Русија. Во таа интервенција учествувале и Јапонците. Сојузниците беа незадоволни што Советска Русија по Брестскиот мировен договор во март 1918 година истапи од Првата Светска Војна, па застанаа на страната на Белото движење, чии лидери се заколнаа дека штом ќе ги победат болшевиците и ќе дојдат на власт, ќе ја продолжат борбата против Германците до конечната победа. Западниот воен контингент, меѓутоа, не брзаа отворено да се спротивстават на Црвената армија – излегоа на различни делови од земјата, но главно се држеа настрана од фронтот, во заднината на своите руски сојузници.

Кон средината на 1919 година Антантата започна да размислува за постепено повлекување на своите единици од територија на Русија. Првата светска војна веќе одамна беше завршена, а сѐ помалку постоеше надеж дека власта на Ленин ќе биде урната. Меѓутоа, Јапонија не планираше да ја напушти руската земја. Напротив, таа започна интензивно да трупа единици во неа. На Јапонците Граѓанската војна во Русија ѝ отвори нови и големи можности.

„Нашите единици ќе нападнат од копно, од воздух и од вода и ќе го избркаат непријателот од Сибир“ – јапонска пропагандна разгледница.

„Светската војна на Јапонија ѝ донесе неочекуван подарок, а тој подарок беше Сибир, недопрената ризница на богатство. Јапонците... треба да ја индустријализираат сибирската ризница... Нејзиното приклучување кон Јапонија, не во смисла на воена узурпација, ами во економска смисла, зависи од тоа колку ќе бидат вешти Јапонците“, има напишано уредникот на „Народен весник“ И. Рокуро. Јапонците полека, но сигурно воспоставуваа контрола на териториите на Далечниот Исток и на Источен Сибир. Некаде самите ја контролираа земјата, а некаде преку свои штитеници како што се атаманите Григориј Семјонов и Иван Калмиков. Експанзијата на Јапонија ја кочеше само стравот од отворено народно востание и остриот став на САД кои беа против толкавото јакнење на геополитичкиот ривал.

Рускиот Далечен Исток за Москва долго време имаше второстепена улога. Во европскиот дел од Русија се бореа жестоки борби, така што на исток против Јапонците се бореа само раштркани одреди на „црвените“ партизани.

Јапонски интервенти позираат покрај телата на своите жртви, 1920 година.

Состојбата се смени во периодот од пролетта 1919 до почетокот на 1920 година кога Црвената армија успеа да ја столчи белата Руска армија на Источниот фронт, да ги премине Уралските Планини и да тргне во силна офанзива низ Сибир, така што на крајот стаса до приодот на Бајкалското езеро, зад кое веќе беа близу и јапонските гарнизони.

Во тоа време се водеше советско-полска војна, а на југот од земјата беа концентрирани силите на „белите“ под команда на генералот Антон Денкин. Поради сето тоа болшевиците сметале дека отворен судир со Јапонија е најлоша варијанта. „Ќе излеземе идиоти доколку си дозволиме глупаво напредување понатаму во Сибир, а за тоа време Деникин да живне и Полјаците да удрат од своја страна. Тоа би било злосторство“, му телеграфирал Ленин на претседателот на Револуционерниот воен совет Лев Троцки во февруари 1920 година.

Токму тогаш се појави идејата за создавање тампон-држава помеѓу териториите кои беа под контрола на Москва и на Токио. На „ничија“ земја дејствуваа низа просоветски влади кои под влијание од Москва на 6 априла 1920 година прогласија основање на Далекоисточната Република („Дальневосточная республика“, ДВР) која формално беше независна од Советска Русија. Новата држава официјално опфаќаше огромна земја од Бајкал до северен Сахалин, иако фактички многу „нејзини“ територии тогаш беа под власт на „белите“ и на Јапонците.

Митинг по повод прогласувањето на Далекоисточната Република.

Создавањето на ДВР во тој момент им одговараше на сите – и на Москва, и на Вашингтон, и на антисоветските сили на Сибир кои стравуваа од ширењето на советската власт, па и на Токио, кој веднаш започна чистка на болшевичките територии под своја контрола, сметајќи дека подоцна ќе се потчинат и на новата држава во целина. Само определени команданти на црвените партизански одреди изразија протест, па болшевиците мораа да вложат многу напор за да ги убедат дека оваа мера е привремена и неопходна.

Далекоисточната Република доби устав, грб, знаме и валута (рубља ДВР), формирани беа органи на законодавна, судска и извршна власт. „О, тоа беше весела република ДВР!“, има забележано писателот и новинар Виктор Кин: „Во парламентот дивееја фракции, нешто воведуваа, усогласуваа, претседателот молеше за мир. Над сето ова стоеше грб, речиси советски, но наместо срп и чекан имаше будак и сидро. Знамето беше црвено, но со син квадрат во аголот. Армијата носила петокраки, но половина сини, половина црвени. И целата република беше таква, односно половична“.

Амблем на Далекоисточната Републоика // 1.000 рубли (лице) Далкоисточна Република.

Кога во јули 1920 година претседателот на владата на ДВР Александар Красношчков го праша Ленин какво треба да биде уредувањето на републиката, тој му одговори: „Се допушта демократија со мали привилегии на комунистите“. Во реалноста болшевиците сѐ уште беа апсолутно мнозинство во раководството.

Москва интензивно ѝ помагаше на Далекоисточната Република со пари и со ресурси, а исто така забрзано ја вооружуваше нејзината Народнореволуционерна армија, во која регуларните единици беа споени со многубројните партизански одреди, така што во ноември 1920 година армијата имаше 100.000 припадници (исто толку војници имаа Јапонија и Русија). Командантите на Црвената армија беа испраќани во оваа република на командни функции. Еден од нив, Василиј Бљухер, извесно време беше воен министер на ДВР и командант на нејзините единици. Тој во 1935 година дотурка до маршал на Советскиот Сојуз. Беше стрелан три години подоцна во масовните репресии познати под називот „Големиот терор“.

Фјодор Петров на преговори.

Нарднореволуционерната армија немаше право да се бори против Јапонците (но сѐ уште им се спротивставуваа партизанските одреди), иако интензивно ги уништуваше остатоците од белите единици на Далечниот Исток. Во октомври 1920 година беше исчистена големата територија на Забајкалскиот регион од единиците на атаманот Сенјонов, а ослободената Чита стана главен град наместо дотогашниот Верхедуниск. Претходно на Далекоисточната Република ѝ трга од рака со дипломатски методи да ги потисне Јапонците од регионот.

За неколку години сферата на влијанието на Јапонија на рускиот Далечен Исток беше сведена на минимум. Исцрпени од борбите против партизаните, Јапонците започнаа да ги гудат позициите. Токио сфати дека болшевиците сега се голема сила, а Народнореволуционерната армија на ДВР им служи како авангарда во регионот.

Влегување на единиците на НРА во Владивосток.

Во февруари 1922 година нејзините единици го ослободија Хабаровск од „белите“, а на 25 октомври истата година влегоа во Владивосток, движејќи им се буквално зад петиците на јапонскиот гарнизон кој се евакуираше. Само северен Сахалин остана во рацете на Јапонците, но и него мораа да го вратат во 1925 година.

Самораспуштената Далекоисточна Република на 15 ноември 1922 година влезе во состав на РСФСР како Далекоисточна област.

Кога источните територии беа ослободени од „белите“ и од интервентите повеќе не постоеше потреба од постоењето на Далекоисточната Република. Затоа Народното собрание на ДВР на 14 ноември 1922 година прогласи самораспуштање и ѝ се обрати на Москва со молба „за присоединување на Далечниот Исток кон единствената Руска Социјалистичка Советска Република“, што веднаш беше сторено.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња