Истражниот комитет на Русија објави детали за убиството на семејството на последниот руски цар

Getty Images
Истражниот комитет (ИК) на Русија на својот официјален сајт ја објави првата од вкупно трите книги посветени на истрагата за убиството на семејството на последниот руски цар Николај Втори, сооопшти службата за односи со јавност на овој ресор.

Како што се наведува, другите две книги се занимаваат со истражувачка работа за периодот од 1918 до 1924 година, како и истрагата водена во поново време. Книгата ќе донесе и актуелни резултати од истрагата на злосторството што ИК на Русија ја обнови есента 2015 година и која е реконструирана објективна слика на несреќните настани и пополнување празнини.

Императорот Николај Втори по одрекувањето од престолот. Царское село, пролет и лето 1917 година.

Со години не се знаеше кој ја наредил ликвидацијата на царското семејство. Дали тоа била болшевичката врхушка или локалната власт. Од материјалот што го објави Истражниот комитет на Русија следи дека револуционерите не се сложувале во поглед на судбината на рускиот монарх. И додека едните предлагале итна ликвидација, а тоа пред сè биле претставниците на левите есери во Уралскиот извршен комитет, другите сакале голема претстава од „последните денови на царизмот“. Ленин се залагал за сенародно судење кое би се завршило со смртна казна. Водачот од пропагандни причини сакал максимално јавен процес.

Тужител требало да биде лично Лев Троцки, член на политбирото кој во тој момент бил најпопуларен и уживал најголем авторитет.

Меѓутоа, татковците на револуцијата не сметале дека до престолнината на Урал толку бргу ќе се пробие чехословачкиот корпус белогардејци. На почетокот од јули веќе било јасно дека градот набрзо ќе биде заземен. Уралскиот областен извршен комитет ја преплавил централата со телеграми со само едно прашање, што да прават со царот.

Јункери и козаци пукаат врз работниците кои излегле на демонстрации на Невската авенија. Петроград, 4 јули 1917 година.

Всушност, не постоела официјална наредба за убиство. Од презентираниот архивски материјал може да се заклучи дека од централата размислувале како да се „измијат“, повикувајќи се на наводна лична иницијатива од Урал. Меѓутоа, според недвосмислените сведоштва на очевидците, Политбирото било известено.

Поради тоа, погубувањето на Романови било тајно. Смислен е изговор, наводно царското семејство од послугата дознало за офанзивата на белите и разработило план за бегство. Владетелот со сопругата, наследникот и ќерките, тврделе болшевиците, веќе се обиделе да избегаат во Тобољск, каде од средината на август 2017 година до крајот на април следната година се наоѓале во прогонство. Инаку, непосредно по одрекувањето на императорот од престолот членовите на императорското семејство биле уапсени и биле сместени во Царское Село. Последното место каде отседнало царското семејство била куќата на трговецот Ипатјев во Екатеринбург.

Одрекување од престолот на царот Николај Втори, 2 март 1917 година. Во царскиот вагон: министерот на дворот барон Фредерикс, генерал Н.Рузски, В. В. Шуљгин, А. И. Гучков, Николај Втори..

Изгледа дека џелатите долго го избирале убиството на Романови. Да кажеме имало такви кои апсолутно се залагале за бомби, сметајќи дека тоа е мошне „сигурен“ начин. Но, шефот на обезбедувањето бил против, зашто од врвот стасала наредба сè да биде извршено тивко. Од таа причина се откажале од втората варијанта, стрелање во време кога сите дома спијат. Стражарите се плашеле соседите да не слушнат пукање.

Така, вечерта на 16 јули бил утврден составот на стрелачкиот вод. Јурковски за акција ги избрал „Латвиците“, така се нарекувале стражарите од надворешниот круг на обезбедувањето. Станува збор за двајца прибалтијци, еден Унгарец и четворица Руси. На тој начин убиството на царското семејство не било исклучиво „дело на Евреите“, тој антисемитски мит интензивно беше ширен со децении.

Меѓутоа, мнозинството „Латвици“ откако дознале дека треба да ги убијат ќерките на царот, одбиле да учествуваат во тоа. На крајот биле пронајдени 13 лица, претежно Руси.

Ноќта помеѓу 16 и 17 јули заробениците биле разбудени и им било наредено да се подготват за пат и притоа „ништо да не носат со себе“. Надвор имало камион кој бил донесен со цел буката од неговиот мотор да го задуши пукањето. Кога чадот од пукањето се расчистил, излегло дека не се сите убиени. Трите велики кнегињи Татјана, Ољга и Анастасија останале живи благодарение на дијамантите сошиени во корсетите. На крајот на Татјана и на Ољга кои клечеле им пукале во глава. Истото го направиле и со престолонаследникот.

Анастасија, најмладата ќерка на царот, се преправала дека е мртва. Џелатите тоа не го сфатиле веднаш, ами кога телата биле ставени на носила. Со оглед на тоа дека кутрата девојка „страшно чкрипела“ ја докрајчиле со бајонети и кундаци.

Истражниот комитет утврдил дека никој не преживеал. На тој начин дефинитивно е разбиен митот кој се ширеше со децении за Анастасија, која наводно успеала да избега во Европа.

Прочитајте исто така: Судбината на убијците на последниот руски цар

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња