Предавник во руски МиГ: Како пилотот Зуев пребегна од земјата во авион-ловец

МиГ-29

МиГ-29

ZUMAPRESS.com/Global Look Press
Пред 31 година на турски аеродром се спушти советски авион-ловец МиГ-29, една од најсовршените борбени машини во тоа време. Во него беше ранетиот воен пилот од прва класа Александар Зуев. Тоа беше можеби и најспектакуларното бегство од земјата во историјата на СССР.

Александар Зуев во 1982 година ја заврши Армавирската виша воена школа за пилоти. Беше голем потенцијал, за што сведочи фактот дека по летањето со авион МиГ-23М меѓу првите го доби новиот МиГ-29.

Беше успешен во професионалната кариера, меѓутоа имаше проблеми во приватниот живот. Често беше во конфликт со сопругата, чиј татко имаш висок чин во военото воздухопловство. Со текот на времето му се препушти на алкохолот. Командата не сакаше да му даде отказ, иако Зуев бараше. Подоцна тој во мемоарите пишуваше дека побегнал од земјата затоа што се разочарал во советскиот државен поредок, а не поради натрупаните семејни проблеми. Наводно, последната капка во преполнетата чаша било растурањето на опозицискиот митинг во Тбилиси на 9 април 1989 година, кога загина 21 лице, а речиси 300 луѓе беа повредени.

Колегите подоцна кажуваа како Зуев секогаш се интересирал за животот на Западот и како тој не го криел тоа. Дури и му предложил на свој другар да грабнат два авиона и заедно да побегнат, но тој на тоа само ставил прст на слепоочницата и завртел со раката.

Зуев имаше 27 години кога на 20 мај 1989 година прими дежурство во воздухопловната база во грузискиот град Сенаки, каде што ги пречекуваше и испраќаше авионите. Пред тоа им соопшти на колегите дека добил дете, што не беше точно, затоа што неговата сопругата сé уште беше бремена. На дежурство дојде со торта што сам ја направил, додавајќи во неа голема количина седативи од аптеката. Кога офицерите заспаа, тој ја оствари својата замисла.

Најпрвин ги пресече каблите на алармните уреди и комуникациите. Потоа се упати кон авионите. Стражарот се обиде да го запре, се фатија во костец и сé заврши со пукање. Зуев го рани војникот и скокна во авионот-ловец. Пред да изгуби свест, стражарот успеа да истрела неколку пати кон бегалецот, ранувајќи го во рака и главата. Иако ранет, пилотот го подигна МиГ-29 во воздух и се обиде со стрелба да ги уништи преостанатите авиони во базата, но тоа не му појде од рака. Потоа го насочи авионот во правец на Турција.

Кога се спушти на аеродромот во Трабзон, се претстави како државјанин на САД, надевајќи се дека набрзо ќе го посети некој од амбасадата. Американците не успеаја да ја искористат можноста и да го проучат советскиот новитет затоа што Турците им го вратија авионот на Советите, не сакајќи да ги расипуваат односите со СССР.

Потоа во Турција беше поведен судски процес во кој Зуев е ослободен од обвинението, за набрзо потоа да добие политички азил во САД, каде што напиша мемоари за своето бегство, стана воен консултант и тестираше советска техника. Но не живееше долго и среќно на саканиот Запад. Во својата 40 година се урна во советски школски авион Јак-52 на подрачјето на Сиетл. Постои непотврдено мислење дека неговата смрт не била случајност.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња