МиГ-29 – машина „гладна“ за блиска воздушна борба

МиГ-29

МиГ-29

Пред 40 години, на 6 октомври 1977, рускиот тест-пилот Александар Федотов низ синото небо го вивна леталото со сериски број 9-01 кое беше прототип на новата генерација советски лесен фронтовски ловец МиГ-29.

На овој руски пилот веднаш му падна во очи неверојатната сила, но и леснотијата за управување со леталото во споредба со неговиот претходник МиГ-21. „Ова е нешто што постои само во сништата“, си зборувал во себе легендарниот руски ас кој како фурија летал низ облаците, тестирајќи ги дотогаш непознатите маневарски способности што ги нуди овој авион. Шест години по првиот пробен лет започна масовното производство на авионот МиГ-29, кој стана основен лесен ловец во составот на РВ на Советската армија. Проценето е дека се направени вкупно 1.600 авиони од овој тип, и дека тој во различни варијанти се наоѓа во вооружувањето на 25 земји во светот.

Авион со кој не треба да си имате работа во услови на т.н. догфајт

Главната задача на овој авион е остварување на воздушна превласт на локалното пространство, најчесто над определен дел од фронтот. Но, оваа карактеристика се однесува на земјата која има најголема површина на светот, на Руската Федерација, и на искуствата од Втората светска војна каде фронтот се протегал во должина од неколку илјади километри. Задачите кои покрај тактичкиот имаат и оперативен, па и стратегиски карактер се доверени на тешкиот ловец Су-27 и на неговите подоцнежни бројни модернизации. Значи, МиГ-29 според своите техничко-тактички карактеристики е авион кој е непосредно поврзан со блискиот радиус, односно овој авион има задача да ја штити пешадијата и оклопните единици од непријателското воздухопловство, да ги чува важните објекти кои се наоѓаат во блиската тактичка длабочина на фронтот, како и да ги напаѓа набљудувачките средства на непријателот (набљудувачки авиони, авиони за противелектронски дејствија, беспилотни летала). Лесен ловец, како што е МиГ-29, по правило се базира во близина на фронтот, на аеродроми кои имаат куси ленти за слетување и за полетување и кои според својот вкупен габарит и комфор не личат на класични аеродроми. Значи, станува збор за сигурен, исклучително издржлив авион, на кој не му требаат Бог знае какви услови, ниту претерано „дотерување“. Тој слободно може да се спореди со славниот АК-47 кога станува збор за стрелечкото оружје. Токму МиГ-29 има мошне слични карактеристики во однос на другите борбени апарати кога станува збор за издржливост и за сигурност.

МиГ-29

„Дваесет и деветката“ е исклучително моќна, брза борбена машина. Двата мотори РД-33 на форсаж даваат поттисок од 17 илјади килограми во секунда, што е повеќе од доволно за овој апарат, кој во просек тежи околу 15 тони. Авионот може да постигне брзина одоколу 2.450 километри на час, како и да изведе широк спектар мошне сложени и изискувачки борбени маневри кои се мошне важни во услови на блиска воздушна борба. Неговите маневарски квалитети се исклучително ценети кај непријателот, така што основните препораки на НАТО за пилотите кои ги нападнаа СР Југославија и Ирак беа доколку воочат ваков авион да извршат врз него напади со голем број ракети со среден или со голем дострел, и тоа во ситуација на исклучителна бројна надмоќ. Според признанието на западните пилоти кај „дваесет и деветката“ особено се цени способноста за нагли промени на правецот на летот и за генерален пресврт во воздухот, каде што е практично невозможно да се задржи во видното поле. Каков било впуштање во блиска воздушна борба со овој авион едноставно не доаѓа предвид. Покрај подобрите маневарски карактеристики за разлика од мнозинството западни авиони од 4 генерација, американските пилоти особено се плашеа и од руската ракета Р-73 со краток дострел, која и до денешен ден е супериорна во однос на своите западни аналози. Во секој случај главно станува збор за апарати чија авионика не била модернизирана, и кои во тој сегмент имале голем недостаток во однос на западните авиони кои ги поседувале технологиите од последната генерација. На сето тоа треба да се додаде и огромната воздушна предност, каде на еден или на два авиони МиГ-29, како во глутница напаѓаа групи од 10-15, а понекогаш и 20 непријателски ловци.

МиГ-29

Концернот „МиГ“ исфрли нови авион од генерацијата 4++

Во СССР и подоцна во Русија, вкупно се направени околу дваесет модификации на овој авион. Ќе ги споменеме само МиГ-19УБ кој од еден премина на два члена на екипажот, потоа МиГ-29М кој претставува верзија специјализирана покрај ловечките задачи да изведува и напади на цели на земјата со употреба на современо вооружување воздух-земја, МиГ-19ОВТ со уште подобри маневарски карактеристики по примената на мотор со променлив векторски поттисок, МиГ-29К со крилја што се склопуваат ) морнаричка верзија која се базира на носачите на авиони) итн. Современите апарати на база на МиГ-29 сега носат мошне поефикасно вооружување, поседуваат неспоредливо поквалитетна авионика, средства за навигација и комуникациски системи. 

Последната модернизација на легендарната „дваесет и деветка“ е повеќенаменскиот борбен авион МиГ-35С, кој за првпат беше претставен на пошироката јавност на авиокосмичкиот саем МАКС-2017. Според бројните показатели станува збор за сосема нов вид авион кој освен физичката сличност со претходните верзии на МиГ-29, нема никакви допирни точки, особено кога станува збор за неговата авионика. Имено, овој авион е опремен со нов радар Жук-А, кој е опремен со активна фазна антенска решетка, со кој можат да се следат 30 цели, а истовремено да се гаѓа 6 воздушни цели. Покрај зголемените борбени способности на самиот радар, новата фазна решета ќе овозможи и зголемување на максималниот дострел на детекција на воздушните и на копнените цели во однос на постоечките модули (до 300 километри кога станува збор за некој поголем објект, на пример разорувач, и најмалку 160 километри кога станува збор за цели со величина на ловец).

Тука се наоѓа и дигиталниот електронски систем со далечинско управување со три канали. Со дигиталните електрични команди на летот во целост се спроведува желбата на пилотот за подобрен квалитет и за давање голема помош во управувањето со авионот. Пилотот се ослободува од грижата за сите ограничувања што го следат управувањето со авионот, како што е граничната издржливост на структурата и границата на нападниот агол. За зголемување на неговата максимална брзина и на маневарските карактеристики задолжени се  модернизираните мотори РД-33МКВ „Медуза“ со векторски поттисок, кои се посилни, но и порентабилни од претходните верзии. Тие покрај високите маневарски способности обезбедуваат и остварување максимална брзина од околу 2.560 километри на час. Направени се и унапредувања и на планот на интеграција на нов пасивен електрооптички комплекс, како и електронски системи кои се наоѓаат на визирот на шлемот на пилотот. Во целина земено, новиот МиГ-35С има поголема носивост на борбени средства, поголем капацитет на резервоарот со гориво, подолг ресурс на погонската група мотори, и значително пониска цена на одржување и употреба на авионот. Поседува и стелтни карактеристики (невидливост) што го прави летало од 4++ генерација. 

Во меѓувреме, потенцијалните купувачи за него покажаа голема заинтересираност. Особено се заинтересирани државите кои во својот арсенал имаат постари верзии МиГ-29. На прво место е Индија, но и голем број други држави кои традиционално купуваат руско современо оружје. Едноставно, овој авион може во воздух да направи буквално сè што може да направи и Су-35С. Тука речиси и не постојат некакви разлики кога станува збор за карактеристиките на летот. Се одликува со исклучително силна радарско-електронска компонента, со дури 2.5 пати пониска цена за одржување во однос на постарите машини. Според главните луѓе на компанијата РСК „МиГ“ авионот е речиси во 100% обем комплетиран, и се очекува за 2 години да започне неговото сериско производство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња