Американски пилоти од 510 ловечка ескадрила: МиГ-29 е опасен противник!

Wikipedia
Повеќенаменските ловци од четвртата генерација МиГ-29 претставуваа одговор на советската воено-воздухопловна индустрија на појавата на американските авиони Ф-15 и Ф-16. Како што подоцна се увиде, стануваше збор за летало кое претставува исклучително висока опасност за западните пилоти. За своите искуства од средбите со советскиот фронтовски ловец зборуваат американски пилоти-ветерани од 510 ловечка ескадрила кои ја имале таа среќа да му се приближат на овој авион.

Една од земјите кои активно ги експлоатираше тактичките ловци МиГ-29 беше Источна Германија. Овие авиони ја продолжија својата служба и по обединувањето на двете Германија, не само како дел од силите за брзо реагирање, ами и во воените вежби на НАТО, каде играа улога на мошне квалитетен и реалистичен условен непријател, пренесува Интернет-порталот Марсонлајн.

Пилоти на првите западни борбени авиони кои на вакви воени вежби учествуваа заедно со советските авиони МиГ-29 беа пилотите на ловците Ф-16 од составот на 510 ловечка ескадрила на Военото воздухопловство на САД. Според капетанот Мајк Мекој, кој беше еден од главните пилоти од составот на оваа ескадрила, главна карактеристика на советскиот ловец МиГ-29 е високата маневрибилност на мали брзини и системот за означување цели кој се наоѓа на кацигата на пилотот. Американскиот пилот забележа дека борбата со овие авиони била слична како кога се правеле вежби со ловците Ф-18 Хорнет. Сепак, кај советскиот МиГ-29 имало една клучна предност што Ф-18 Хорнет не можел да ја копира. Тоа се агилноста и суровата сила на овој апарат. Обата авиона имаа мошне добри маневарски карактеристики при ниски брзини, но кај авионот Ф-18 имаше проблеми кај забрзувањето за време на изведувањето остри маневри, па често знаеше да се најде во лоша тактичка позиција во однос на соперникот. Освен тоа, пилотот кој управува со авионот МиГ-29 можеше да лансира ракета Р-73 на противничкиот авион доколку тој се наоѓа под агол од 45 степени во однос на главната оска на неговиот лет.

Системот за брзо ловење на целта кој се наоѓа на кацигата на пилотот во авионот МиГ-29 им правеше огромни проблеми на Американците. Мекој спомена дека овој систем се покажал многу поопасен одошто се мислело на почетокот: „Секој пат кога се искачував на дуел со 29-ка, морав да лансирам ИЦ мамки за да ги избегнам ракетите Р-73“, вели пилотот. Со него се согласува уште еден пилот на ловец Ф-16, потполковник Гери Вест, кој беше командант на 510 стрелачка ескадрила на военото воздухопловство на САД. „Неколкумина наши пилоти дури помислија дека употребата на нишанските системи на кацигите на пилотот на апаратите МиГ-29 доведе до блиска воздушна борба или догфајт во слепа улица, односно во ќор-сокак од кој нема излез“. Но, подоцна беше сфатено дека американскиот ловец Ф-16 сепак е поквалитетно решение коe воздушната борба се изведува на поголема висина, одошто на пониска, каде МиГ-29 суверено владееше.

Капетан Мекој и останатите негови соборци добиле можност и самите да управуваат со 29-ки. Тие директно можеле да се уверат во недостатоците што ги има овој авион. „Погледот од кокпитот не беше нешто што го посакува кој и да е пилот на ловечки авиони, и овој детаљ ни даваше реална предност“, вели тој.

Германскиот капетан Михаил Рајбах кој во тоа време служел на советските тактички ловци МиГ-29 го потврди овој недостаток на кој укажува и американскиот колега: „Погледот од кабината не беше толку добар како на апаратите Ф-15 и Ф-16“. Според него, тој не дозволува истовремено да се одржи визуелен контакт со непријателскиот авион и да се изведуваат остри метни маневри: „Тоа може да создаде реален проблем, особено во дуел со авион со мали габарити, како што е ловецот Ф-16“, уверен е германскиот пилот.

Уште еден германски офицер, капетанот Оливер Пранк, рече дека МиГ-29 не е проектиран за блиска воздушна борба. Него военото воздухопловство на војската на ФДР го има употребувано за пресретнувачки задачи. „Авионот е проектиран на тој начин за што побрзо достигне определена височина, да развие надзвучна брзина, по целите да ги испука сите ракети со кој беше опремен, и со иста брзина да се врати во базата од која што полетал“, напоменува германскиот пилот. Тој спомена дека поставувањето на дополнителни резервоари на поткрилните носачи на авионот драстично ги ограничувало неговите летни карактеристики. Со нив МиГ-29 не можел да лета со брзина поголема од звукот.

Без оглед на овие недостатоци, МиГ-29 е секако e страшен како непријател, смета американскиот капетан Мајк Мекој. „Тестовите само го потврдија она што веќе го знаев – МиГ-29 има висока способност за блиска ловечка борба, но во крајно ограничен воздушно пространство. Но, определената доза страв што ја имав кон овој авион брзо исчезна, веќе по првата заедничка воена вежба“, рече американскиот капетан.

Слично мислење има и американскиот потполковник Гери Вест. „Кога западните пилоти за првпат се сретнаа со 29-ката, тие на неа гледаа со извесна доза стравопочит. Пред себе го имаа авионот кој во целост е резултат на советската воена индустрија. Леталото што го проучуваа многу години“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња