Сталиновите методи: Како да се стане успешен диктатор?

Global Look Press/Getty Images
Јосиф Сталин е запаметен како авторитарен лидер кој ја имал апсолутната власт во најголемата земја на светот, но тој не бил секогаш толку моќен.

Лев Троцки, заколнат непријател на Сталин, своевремено рекол дека Сталин е „најистакнат просечен човек на [Советската комунистичка] партија“. Ваквата интерпретација му се удрила од глава зашто „просечниот“ го победил во политичката борба, го потиснал од партијата и од земјата, испратил убиец по него и на крајот го дотолчил во 1940 година,

Троцки и останатите негови колеги во врвот на комунистичката хиерархија, како што се Григориј Зиновјев и Николај Бухарин, можеби не ни сфатиле колку во борбата за власт успеал да ги победи еден скромен човек кој во апаратот на партијата бил на средна административна положба. Дене, сепак, по неполни 100 години можеме да го анализираме успехот на Сталин и да ги дефинираме методите што му помогнале да стане Дарт Вејдер на руската историја.

(Негирање одговорност: Russia Beyond не го поддржува Сталин и неговите методи).

Метод број 1: Да се прифати секоја работа што ќе ви биде понудена

Веројатно нема да ве изненади фактот што Јосиф Сталин воопшто не бил „гадлив“ дури ни кога требало да се потпишуваат наредби за егзекуција. Тој во болшевичките кругови стапил во 1901 година, а на почетокот на дваесеттите години од минатиот век направил сè што од него барала партијата: основал печатница за издавање болшевички весници, пишувал статии, се поврзувал со пратениците на Државната дума и дури одработувал илегални работи.

На крајот таа исплатливост му се исплатела – Сталин во 1912 година е примен во Централниот комитет на болшевичката партија, односно во социјалистичката елита, меѓу идните раководители на СССР. За волја на вистината, во тоа време ова значело дека е надвор од законот. Царската полиција го уапсила Сталин, по што тој четири години минал на Сибир. Не е ни чудо што во Петроград, тогаш веќе Санкт Петербург, се вратил „малку нервозен“ по револуцијата од 1917 година.

Метод број 2: Бидете му лојален на својот шеф (сè дури е посилен од вас)

На почетокот на втората деценија од минатиот век Владимир Ленин блескал како лидер на Болшевичката партија, тој бил нејзиниот највлијателен идеолог и непријател на капитализмот. Сталин никогаш не го доведувал во прашање авторитетот на Ленин, иако можеби бил загрижен на почетокот од својата кариера поради недостигот од внимание од страна на Ленин.

Еднаш, за време на престојот во прогонство, Ленин дури и го заборавил вистинското име на Сталин, па во 1915 година им се обратил на некои болшевици со молбата: „Се сеќавате ли на презимето на Кобин? Имам голема молба: дознајте го... презимето (Јосиф, а презимето е веројатно на буквата Џ..? Заборавивме)“ пишува Олег Хлевњук во биографијата на Сталин.

Но, затоа по револуцијата од 1917 година Ленин добро го запомнил Сталин зашто Јосиф Висарионович бил меѓу првите болшевици кои стасале во Петроград и почнале да го организираат работничкото востание. Тоа било во времето пред Ленин да се врати од Швајцарија.

На почетокот Сталин зазел умерен став и се обединил со другите социјалистички партии, но набргу се премислил штом Ленин ги изнел своите крајно левичарски ставови и прокламирал узурпација на власта и светска револуција. „Сталин како и обично се придржувал на политиката што ја дефинираше Ленин и беше негов лојален и верен соборец. Ленин тоа, секако, го ценеше“, пишува Олег Хлевњук. Сè до 1922 година кога Ленин, веќе тешко болен, остро го критикуваше Сталин поради „жестокоста“, тие двајца беа во пријателски односи, што многу му помогнало на Сталин. Во тој познат конфликт Ленин не стаса да се пресмета со Сталин – почина во 1924 година.

Метод број 3: Зборувајте што помалку и никогаш не потценувајте ја бирократијата

За разлика од познатите говорници Лев Троцки и Григориј Зиновјев, Сталин никогаш не бил красноречив, но затоа многу се трудел и бил добар во вршењето обични должности. Кога болшевиците победиле во Граѓанската војна 1917-1921 и ја прокламирале новата, црвена Русија, Сталин бил на челото на малиот Народен комесаријат за националности и велел дека „комитетот се занимава само со агитација, а не со административни права“.

Но, во 1922 година Сталин станал генерален секретар на Сесојузната комунистичка партија, односно бил на челото на нејзиниот бирократски апарат кој станувал сè поголем. Се сметало дека оваа негова функција е главно од техничка природа, но Сталин влијаел на партиските функционери од среден ранг и успеал да „врбува“ многу болшевици и да ги намами во својот табор.

И покрај тоа, извесно време се однесувал скромно и воздржано, така што ривалите на Сталин ги потцениле неговите можности. „Сталин се концентрирал на 'рутинските' интерни работи и на своите партиски другари поради тоа сè повеќе им делувал како урамнотежен лидер кој не е склон кон раскол, но и како мошне вреден човек кој не изговара громогласни пароли, ами врши вистински работи“, објаснува историчарот Алексеј Волинец. Од таа причина за време на судирот во болшевичката елита во текот на дваесеттите години од минатиот век на страната на Сталин главно било мнозинството болшевички функционери од понискиот и од средниот ранг.

Метод број 4: Создавајте сојузи, а потоа напуштајте ги

Климент Ворошилов, Јосиф Сталин и Николај Бухарин (во центарот од лево кон десно) со група делегати од Четвртиот серуски конгрес на Советите

Кој е најдобриот начин за да победите неколку ривали и да станете вистински господар на ситуацијата? Треба внимателно да застанете на страната на еден ривал, потоа на друг, и така по ред, па на тој начин сите меѓусебно да ги судрите. Токму тоа го правел Сталин во текот на дваесеттите години од минатиот век.

Најпрво во 1923 година заедно со Григориј Зиновјев и неговиот соработник Лев Каменев го нападнал Троцки, и овој негов потег можел да се предвиди. „Имено, Троцки пред револуцијата се противел на болшевиците, а во редовите на Ленин застанал дури во 1917 година“, пишува Волинец. Поради тоа Сталин, Зиновјев и Каменев го искористиле своето влијание и го потиснале Троцки од Црвената армија, за чие основање придонел многу.

Потоа Сталин се свртел против Зиновјев и Каменев, а тие во 1925 година застанале на страната на Троцки и ја формирале „обединетата опозиција“. Но, било премногу доцна. Заедно со поумерените лидери како што е Николај Бухарин Сталин ги окарактеризирал Троцки, Зиновјев и Каменев како радикални левичари и во периодот од 1926 и 1927 година ги принудил да го напуштат Централниот комитет.

А, тогаш на ред дошол Бухарин, кого Сталин во 1928 година со поддршка на партиското мнозинство го жигосал како десничарски опортунист и му ги одзел сите раководни функции. Така до почетокот на триесеттите години сите болшевички лидери од највисокиот ранг од „старата гарда“ биле или протерани (Троцки) или дискредитирани (Зиновјев, Каменев и Бухарин).

„Руската револуција почна да ги јаде своите деца како што тоа веќе се случи со Француската револуција“, резимира Олег Хлевњук уште во текот на дваесеттите години од минатиот век. Тогаш само иднината на Сталин била посветла од кога и да е, за разлика од стотина илјади советски граѓани погубени во големите чистки од тој период. Јосиф Сталин стекнал апсолутна власт на која би му завидувале дури и императорите од 19 век.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња