Како се облекуваше Сталин

Јосиф Сталин на Првиот Сојузен конгрес на колхозници-ударници во Москва на 19 февруари 1944 година. Извор: РИА Новости

Јосиф Сталин на Првиот Сојузен конгрес на колхозници-ударници во Москва на 19 февруари 1944 година. Извор: РИА Новости

Стилот на облекување на Сталин бил аскетски и едноставен, но истовремено оставал впечаток на самодоверба и увереност во својата сила и во својата владарска моќ. Полувојничкиот френч и меките кавкаски чизми, а нешто подоцна и мундир на генералисимус, го сочинувале имиџот на најпознатиот советски лидер.

Игра на спротивности 

Ликот на Ленин, водачот на болшевичката револуција, бил впечатлив и необичен. Тој бил низок и ќелав, имал говорна мана (неправилно ги изговарал „р“ и „л“), носел препознатлива капа со ширит („кепка“), одел брзо и бурно ги изразувал своите емоции. На спомениците кои порано ги имало во центрите на секој град на Советскиот Сојуз обично беше прикажуван во движење, со различни видови капа, ако не на главата, тогаш во раката.

Извор: РИА Новости

Во улога на сенароден лидер Ленин беше заменет од Сталин, кој бил негова целосна спротивност. По хаосот на Руската граѓанска војна на земјата ѝ беше потребна стабилност, што значи дека лидерот треба да биде човек кој остава впечаток на сила, самоувереност, доверба и на непоколеблива моќ. Сталиновата кавкаска појава и вродената сталоженост биле токму она што е потребно. Од сеќавањата на првиот министер за нафтена индустрија на СССР на владата на Сталин, Николај Бајабаков; „Влегов и застанав, гледам, стои Сталин, Врховниот командант, мене ми е завртен со грб. Приоѓам, не смеам ниту да се накашлам. Го гледам неговиот изглед: на себе има сива војничка блуза и меки чизми. Облечен е скромно за прв човек на државата...“ 

Војници на Револуцијата и деца на Граѓанската војна

Френчот во Русија 

Френчот (струкирана војничка блуза со однадвор сошиени џебови) во Русија се појавил за време на Првата светска војна, кога во војската практично важел „слободниот стил на облекување“. Многу руски офицери кои кај своите британски и француски колеги ги виделе моделите, со задоволство почнале да носат вакви војнички блузи. Во британската војска биле користени два вида френч: офицерската варијанта била со построг крој и поотворена, се носела преку кошула и со кравата, додека војничката варијанта била покомотна, со висока јака и без кравата. Токму овој, војничкиот модел, повеќе му се допаднал на командниот состав на Црвената армија.

Од Револуцијата па сè до средината на Големата татковинска војна, Сталин со задоволство носел затворена војничка блуза со строг крој од висококвалитетен материјал со однадвор сошиени џебови, таканаречен френч, и панталони вовлечени во меки кавкаски чизми.  Одозгора облекувал едноставен војнички шинел, кој го носел со години, сè дури не ви се излител. Артјом Сергеев, син на близок пријател и соработник на Сталин, ова ѝ го раскажал на Екатерина Глушик во „Разговори за Сталин“ (интервју објавено во 2006 година во списанието „Завтра“ во облик на пријателски разговор): „Еднаш Сталин си дошол дома, а таму бил закачен нов шинел. Кога го водел, тој запрашал 'А, каде е мојот шинел?' Му рекле дека веќе го нема. Тогаш пламнал: 'За државни пари и секоја недела може да се менува шинел. Стариот можев да го носам уште барем една година, а па дури потоа да ме прашаат дали ми е потребен нов?' Добиле сериозен прекор.“ 

Во Комунистичката партија постоела неофицијална униформа која за основа ја имала војничката блуза. „Војниците на Револуцијата“, како што себеси се нарекувале тогашните партиски функционери, не носеле полувојничка облека само поради идеолошки причини, Пред да ги заземат местата во кабинетите на Владата, поголемиот дел од нив се бореле на фронтот во Првата светска војна, потоа учествувале во Револуцијата, а подоцна ги предводеле единиците на Црвената армија или вршеле некаква политичка работа за време на Граѓанската војна. Војничката блуза им била поблиска и помила од какво и да е цивилно одело.


Сталин на конференција во Јалта (4-11 февруари 1945 година) Извор: ИТАР-ТАСС.

Но, почнувајќи од 1938 година костумите на државните функционери, вклучително и некои мундири на Сталин, ги изработувала Црвената експериментална воена кројачка работилница за изработка на нови модели униформи за генералите на Црвената армија, која функционира и до денешен ден под називот „43 Централен експериментален кројачки комбинат“. Сите модели од воените дизајнери, сè до обликот на копчињата, порано морал да ги одобри Сталин. 

Раѓањето на „сталинскиот ампир“ 

Дома исто така сакал едноставност. Артјом Сергеев се сеќава: Низ дома носеше ленени домашни панталони и платнено сако, кое понекогаш го симнуваше и седеше само во памучна кошула, слична на војничка. Никогаш го немам видено во цивилно одело. На одмор носеше платнено одело: сако со дворедно закопчување, а под него бела кошула“.

Сталин во френч. Извор: РИА Новости

Од сите видови капи, Сталин со најголемо задоволство носел ниска рамна шапка. Секоја шапка за него била правена рачно исклучиво кога претходната била износена. Доколку Сталин, додека ја пробал новата шапка, наоѓал некаква забелешка, едноставно ќе продолжел да си ја носи старата. 

Откако на Сталин му биле доделени чиновите маршал на Советскиот Сојуз и генералисимус, фантазијата на дизајнерите се соочила со едноставниот вкус на водачот. Почетната варијанта на мундирот, кој бил во тиркизна боја, богато украсен со златен вез и фактички скорен по моделот на француските мундири од почетокот на 19 век, била одбиена уште во фазата на презентација и бил испратен во музеј, каде се чува до денешен ден. А, на Сталин му бил сошиен мундир со строг кој со светлосива боја со спуштена јака (првобитната подигната јака не му била удобна на Сталин), со класични четири џеба и со маршалски еполети. Со него оделе панталони со лампас (украсна лента долж ногавиците), така што целото одело изгледало мошне ефектно и достоинствено. На тој начин се покажала склоноста на Сталин кон стилот ампир, кој истовремено е строг и впечатлив, едноставен и величествен.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња