Што се случи со потомците на Пушкин?

Russia Beyond (Public Domain)
Големиот руски поет имал четири деца. Еве каква била нивната судбина.

Трагичниот живот на најстарата ќерка

Марија е родена во Санкт Петербург во 1832 година. Сите зборувале дека девојката била плукната на татка си. Дури и поетот имал амбивалентни чувства по тој повод бидејќи, како што самиот признавал, „арапската монструозност“ на неговиот изглед (предокот на Пушкин бил Етиопјанец) не му се допаѓала. Сепак, познато е дека многу ја сакал својата ќерка.

Децата на Пушкин, цртеж од 1839 година, Н. И. Фризенгоф.

Таа е единствената од децата што добро се сеќавала на смртта на Пушкин во кобниот двобој. Во тоа време имала пет години. Другите браќа и сестри биле сè уште премногу мали за да сочуваат некакви спомени од настанот. Марија била горда на својот татко и го сметала за пример за мажественост и талент. Таа го одржувала неговиот спомен и присуствувала на настани посветени на поетот.

Марија Гартунг

По смртта на татка си, семејството Пушкин живеело во сиромаштија. Иако поетот бил од благородничко потекло и познат уште за време на неговиот живот, тој зад себе оставил огромни долгови: не само парите што ги изгубил на карти, туку и сметки кај кројач, во бакалница, пекара итн. Семејството водело аристократски начин на живот кој не одговарал на нивните примања. По смртта на Пушкин, неговите долгови ги исплатил царот, но семејството сè уште немало доволно пари за живот. Затоа Наталија Гончарова со четирите деца се преселила кај мајка ѝ и брат ѝ на имотот Полотњани Завод, каде што останале седум години. Иако во тоа време водела живот речиси без да излезе во општеството, таа им посветувала многу внимание на своите деца. Затоа Марија совршено ги научила францускиот и германскиот јазик, одлично свирела на пијано и знаела да црта.

Марија Гартунг

Како што растела Марија, нејзината надворешност станувала сé попривлечна. На крај таа се стекнала со репутација на исклучителна убавица во благородничките кругови и станала дворска дама на сопругата на Александар II. Дури и писателот Лав Толстој бил толку маѓепсан од нејзината убавина што Марија станала прототип на Ана Каренина од истоимениот роман.

Марија се омажила на 28 години. Го прифатила запросувањето од генерал-мајор Леонид Гартунг.

Леонид Гартунг

Тој бил управител на Императорската одгледувачница на коњи во Тула и Москва, припаѓал на познато благородничко семејство и имал големи можности за развој на кариерата. Биле навистина среќни во бракот. Во својот дом континуирано приредувале раскошни „чајни балови“. Меѓутоа, семејната идила ненадејно завршила. Во 1877 година Леонид бил неправедно обвинет за кражба, по што извршил самоубиство во самата зграда на судот. И иако подоцна бил пронајден вистинскиот сторител, а Леонид постхумно ослободен од вината, Марија била неутешна. Умирајќи, тој им прости на своите непријатели, но јас не им простувам“, напишала таа во едно свое писма. Заедно поминале 17 години.

Со смртта на сопругот Марија останала без средства за живот. Успеала да го наговори императорот Александар II да ѝ даде материјална поддршка потсетувајќи го на писмото од Николај I во кое тој ветил дека ќе се погрижи за неговото семејство. После тоа, Марија добила пензија од 200 рубли. Од тоа можела да живее во Москва, но дури ни тие пари не можеле да ја извлечат од сиромаштија. По револуцијата во 1917 година, роднините на Марија се нашле во различни делови на земјата, па немало кој да ѝ помогне. Во 1918 година таа побарала од новите власти пензија од која би можела да живее и добивала 1000 рубли месечно.

Но, Марија Гартунг никогаш не ги видела тие пари, бидејќи во 1919 година умрела од глад сосема сама во мала соба. Тоа се случило пред бирократската машинерија да ги среди хартиите и да ѝ ги исплати парите наменети за неа.

Што се случило со останатите деца?  

Александар Пушкин и Наталија Гончарова, покрај Марија, имале уште три деца: Наталија, Александар и Григориј. Никој од нив не ја надживеал својата сестра.

Наталија 

Наталија практично половина од својот живот го поминала во странство, во Унгарија, обидувајќи се да го раскине несреќниот брак со Михаил Дубелт, за кого се омажила на 17 години. Со надеж дека ќе заработи малку пари за да живее, заедно со писателот Иван Тургенев таа се обидела да ги објави писмата на Пушкин, но ниту јавноста ниту нејзините браќа Александар и Григориј не ја поддржале таа иницијатива. Многумина сметале дека тоа ќе биде „нискост“ и дека ќе го поткопа угледот на големиот писател. Станува збор за тоа дека, според мислењето на јавноста, објавувањето на писмата би било прерано и би оставало впечаток на покажување на „валканата облека“.

По разводот Наталија се омажила за германскиот принц Николај Насауски, со кого останала до крајот на животот. Починала во 1913 година од емболија. Наталија во текот на животот родила шест деца - по три од секој сопруг.

Александар 

Постариот син го посветил својот живот на војската и успеал да стекне чин генерал на коњаница. Неговата прва сопруга била Софија Ланска - таа била сираче израснати во благородничкото семејство Лански. Имале 11 деца.

Во вториот брак со Марија Павлова, Александар добил уште две деца. Починал во 1914 година во селото Мало Останкино во близина на Москва кога имал 81 година.

Григориј 

Помладиот син Григориј, како и неговиот постар брат, прво почнал да гради кариера во војската, но на крајот станал судија. По примерот на својата најстара сестра Марија, тој го негувал споменот на својот татко, па дури и го уредил неговиот кабинет на семејниот имот Михајловское. По некои детали таа соба потсетувала на „кабинетот на Онегин“ и, во суштина, била едно од првите меморијални места посветени на Александар Сергеевич Пушкин. Подоцна Григориј ја подарил целата таткова библиотека на Румјанцевскиот музеј.

Починал во 1905 година на имотот на неговата сопруга Варвара Мошкова во Маркутје кај Вилнус. Григориј и Варвара имале четири деца.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња