Russia Beyond (Jefferson Mendoza / EyeEm/Getty Images; Портрет на А.С. Пушкин, 1827, Орест Кипренски // Александар Дима, 1855. / William Henry Powell)
Третјаковска галерија / Public Domain // Smithsonian American Art Museum / Public DomainСмртта на познатите личности во Русија често служи како повод за преплетување на разно-разни легенди. Така една од нив вели дека императорот Александар Први не починал млад, ами дека ја дочекал староста како испосник во еден сибирски манастир. Познатиот руски писател Николај Гогољ наводно бил погребан жив, зашто не починал, ами паднал во летаргија, а ќерката на царот Николај Втори Анастасија го преживеала стрелањето на царското семејство...
Смртта на Пушкин исто така дочека „второ, поправено и дополнето издание“. Звучи парадоксално, но денес, по неполни 200 години од смртта на поетот, сѐ уште никнуваат нови легенди. Да кажеме, веќе десетина години на рускојазичниот Интернет се шири хипотезата за тоа дека Александар Пушкин не бил убиен во двобој, ами дека се преселил во Франција и дека продолжил да пишува под името Александар Дима (неговите романи се сѐ уште популарни во Русија, и не постои Русин што го нема прочитано „Тројцата мускетари“)
Изненадувачки, имено, излезе дека во биографиите на Пушкин и на Дима има многу нешта што се преклопуваат. Еве, можете и самите да се уверите.
Во 1836 година во Санкт Петербург се проширил глас дека сопругата на Пушкин Наталија Гончарова има љубовна врска со Французинот Жорж Дантес. Импулсивниот Пушкин не можел да поднесе таква навреда и го предизвикал Дантес на двобој, во којшто е смртно ранет и по два дена им подлегнал на раните. Погребот бил извршен далеку од очите на јавноста.
Портрет на А. С. Пушкин, 1827, Орест Кипренски // Александар Дима, 1855, Надар.
Третјаковска галерија / Public Domain // Музеј на ликовните уметности во Хјустон / Public DomainСмртта на најголемиот руски поет многумина ја доживеале како трагедија. Санктпетербуржаните сметале дека вината е кај власта и кај високото општество. Илјадници луѓе се собрале пред куќата на поетот и го изразиле своето незадоволство. Со желба да се избегнат можни нереди, императорот одлучил погребот да се изврши далеку од очите на јавноста. На луѓето им било кажано дека простувањето од поетот ќе се изврши во Храмот на свети Исакиј во Санкт Петербур, но ковчегот во придружба на жандари во текот на ноќта бил транспортиран далеку во Псковската губернија. Таму Пушкин бил погребан мошне тивко, во манастирот во близина на семејниот имот во Михајловское. На погребот, доколку не се земат предвид жандарите, присутвувал само еден негов пријател и неколкумина слуги.
Ваквата смрт и ваквиот погреб се околности коишто даваат големи можности за фантазија и за конструкции. Покрај тоа, во последните години од животот Пушкин често се жалел на чувството на безизлезност. Поканите од дворот му биле понижувачки, имал обврска да ги посетува баловите, бил во комплицирани односи со царот Николај Први и во огромни долгови, а сопругата не сакала да го остави животот во престолнина и да замине со него на село. Од тој ќорсокак тој, наводно, видел само два излези: или да умре или да исчезне. Покрај тоа, Пушкин никогаш во животот не бил во странство, а многу сакал да ја посети Европа. Една од конспиролошките верзии вели дека лично рускиот цар го испратил Пушкин во Париз, и тоа во својство на шпион под името Александар Дима, и наводно за возврат му платил 70.000 рубли долг (што се огромни пари за тоа време).
Портрет на А.С. Пушкин, 1836, Пјотр Соколов // Александар Дима, 1847, Франсоа Жозеф Хеим
Серуски музеј „А.С.Пушкина“, Санкт Петербург // Музеј на Версајската палата / Public DomainПушкин совршено зборувал француски и своите први стихови ги има напишано токму на овој јазик. Со други зборови, теориски гледано тој би можел да пишува и романи на француски. Покрај тоа, сите познати романи на Александар Дима по кои писателот се прочул („Тројцата мускетари“, „По дваесет години“, „Грофот Монте Кристо“ и трилогијата за Анри Четврти, позната како „Романсите на Вало“) се напишани кон средината на четириесеттите години од 19 век, односно по „смртта“ на Пушкин.
Постои уште едно невообичаено совпаѓање. Под името Александар Дима во 1840 година излегува романот „Учител по мечување“. Дејствието се одвива во Русија, и излегува дека авторот добро ги познава санктпетербуршките топоними и тогашните руски реалии.
Романот зборува за тоа како авторот доаѓа до бележник на еден учител по мечување којшто држел часови во Русија. Многумина негови ученици подоцна станале декабристи, односно учесници во буната на аристократите од 1825 година во Санкт Петербург. Буната е задушена, а декабристите биле протерани во Сибир.
Темата за декабристите му била мошне блиска на Пушкин зашто многумина од нив биле негови пријатели, а тој лично не се приклучил на заверата зашто во тоа време и самиот бил во прогонство. И покрај тесните врски со декабристите, Пушкин на руски јазик нема напишано ниту едно прозно дело на оваа тема.
Интересно е и тоа што Александар Дима во текот на шеесеттите години од 19 век бил на патување низ Русија. Кратко престојувал во престолнината, а потоа се упатил на Кавказ (каде што одел и Пушкин), и се среќавал со луѓе кои му служеле како прототип за романот „Учителот по мечување“. Дима покажал голем интерес за руската литература. Меѓу другото, ја превел Пушкиновата ода „Слобода“, поради која поетот бил во прогонство, како и стихови на Михаил Лермонтов и неговиот роман „Јунакот на нашето време“. Велат дека Дима не знаел руски и дека му помагал писателот Дмитриј Григорович (чија мајка била Французинка).
По некакво чудо Дима и Пушкин имаат многу заеднички нешта. На пример, обајцата имаат корени од Африка. Прадедото на Пушкин бил Етиопјанецот Абрам Ханибал, соработник на Петар Први, а бабата на Дима била црномуреста робинка од Хаити. „Тој беше налик на моќна стихија зашто во него вриеше африканска крв“, вака е опишан Александар Дима од страна на неговиот биограф Андре Моруа. Нешто слично зборувале и за Пушкин неговите современици.
Покрај тоа, тие биле речиси врсници. Пушкин е роден во 1799 година, а Дима во 1802 година. На обајцата тешко им паѓала дисциплината, како и какви било ограничувања, обајцата биле страсни и импулсивни, и неверојатно ги привлекувале жените. И едниот и другиот биле во немилост на својот владетел и во прогонство. Впрочем, погледнете ги нивните портрети, очигледно е дека си личеле еден на друг!
Дима, 1828, Жозеф Беноа Гишар // Пушкин, 1899, Константин Сомов.
Public Domain // Public DomainИ ракописите им биле слично, доволно за веќе да стане сомнително...
Во корист на конспиролошките теории зборува и овој интересен факт: во романот „Грофот Монте Кристо“ главниот јунак се вика Едмонд Дантес (а, убиецот на Пушкин се викал Жорж Дантес). Дантес кај Дима ја инсценирал сопствената смрт и го променил својот идентитет – се претставувал како гроф Монте Кристо. Зарем тоа не е случајот на Пушкин?
И во „Евгениј Онегин“ на Пушкин е опишан двобојот и загинувањето на поетот Ленски поради љубомора. Сето тоа премногу се поклопува со биографијата на авторот.
Освен тоа, и двајцата писатели биле мошне плодни, и двајцата сакале историја, романтизам во книжевноста, и двајцата пишувале дела од различни жанрови – драми, романи и стихови.
Кога ќе се земе предвид сево ова, со малку мечта може и да се поверува дека Пушкин бил всушност Дима... Но, тогаш не е јасно како кон крајот на дваесеттите и на почетокот на триесеттите години (значи пред смртта на Пушкин) на сцената на париските театри се поставени драмите на Александар Дима „Анри Трети и неговиот двор“, „Антони“, „Наполеон Бонапарта или Триесет години од историјата на Франција“ и други дела. И како тоа за време на патувањето на Дима низ Русија никој во него не го препознал Пушкин?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче