Баби има насекаде низ светот, но „бабушката“ е типично руски феномен. Таа секогаш носи шамија во стилот на „бабушка“. Руските бабушки се најгрижливите суштества на светот! Додуша, бабушката може да биде и по малку „токсична“, особено кога сака да ве нахрани, а вие се прпелкате.
Триаголниот жичан инструмент е веројатно најтипичниот предмет што се асоцира со Русија. Во оваа земја на балалајка се свири уште од XVII век, но сè уште е популарна. Децата во руските музички училишта и ден-денес учат да свират балалајка. Многу модерни групи дури изведуваат кавер-верзии на популарни песни на овој инструмент и на тој начин мелодиите добиваат оригинален руски народен колорит.
Дури и ако никогаш не сте биле во Русија, веројатно сте гледале класичен балет. Па, мило ни е што можеме да ве информираме дека е создаден во Русија! А „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски е веројатно една од најпопуларните и најчесто изведувани балетски претстави на светот.
Овој храм на Црвениот плоштад е веројатно најпрепознатливата градба во Русија. Се прикажува секаде каде што се зборува за Русија - на поштенски марки, разгледници, корици на книги... А дали знаевте дека тука всушност има девет храмови на едно место? И дека храмот официјално се вика поинаку? Не? Тогаш прочитајте повеќе за тоа овде.
Мечки има насекаде низ светот, се разбира, но поради некоја причина токму Русија најмногу се асоцира со нив. Западните медиуми одамна го користат тој стереотип и ја прикажуваат Русија како мечка. Популарен мит е дека мечките често шетаат по улиците на руските градови.
Дали познавате некој руски сликар? Секако дека познавате. Ако ништо друго, барем сте слушнале за Казимир Малевич и неговата култна слика „Црниот квадрат“ околу која сè уште се кршат копја - едни тврдат дека е уметничко дело, додека други го тврдат спротивното. Во секој случај, на почетокот на ХХ век кога настанала сликата, тоа било нешто нечуено! Овде прочитајте подетално за скриеното значење на оваа авангардна слика.
Палачинките се нераскинлив атрибут на руската кујна. Може да се прават со стотици филови и преливи. Секој Русин има свој рецепт кој се пренесува од колено на колено. Има дури и празнична недела кога палачинките се јадат во големи количини. Се вика „Масленица“.
Вашата прва помисла може да биде ова: Чекај малку! Нели боршчот е украински? Верувајте, дискусијата за тоа на која култура ѝ припаѓа боршчот е стара колку и самата таа култура. А всушност работата е што има и руски и украински боршч и рецептите не се идентични.
Не е важно дали е црн или црвен, кавијарот е идеално јадење во секоја боја. Солените ладни „меурчиња“ се одличен додаток на другите јадења и сами по себе се добра закуска. Можеби мислите дека Русите консумираат кавијар во огромни количини, но тоа не е така. Повеќето граѓани на Русија не јадат кавијар редовно, туку најчесто на дочекот на Новата година. Но, тоа е секогаш извонреден и вкусен сувенир од Русија (патем, покрај црниот и црвениот има уште многу видови кавијар!)
Ако некој дојде од иднината, па дури и од друга галаксија, и „слета“ некаде во Русија, веднаш ќе сфати дека тоа е Русија, бидејќи насекаде може да види позлатени куполи! Руските православни цркви по правило се најубавите и најпривлечните градби во многу градови и често може да се видат оддалеку. И самата глетка со руски храм во далечина е типично руска појава.
Еден од најчестите симболи на советската ера сè уште може да се види во Русија. Стои и на кулите на Московскиот кремљ. Петокраката беше на воената униформа уште во царска Русија, а во 1918 година стана главниот симбол на Црвената армија. Петте краци го симболизираат обединувањето на петте континенти во борбата за слобода. Дознајте повеќе и за другите советски симболи.
На шега се вели дека што и да направат Русите, на крајот излегува калашников. Оваа позната (и најбројна во целиот свет) автоматска пушка е проектирана од Михаил Калашников во 1947 година и сé уште се произведува. Колку сте упатени во оваа тема? Проверете со помош на нашиот тест.
Хохлома е еден од најпопуларните украсни дезени со потекло од Русија. Во него доминираат црвената, црната и златната боја. Така веќе подолго од 300 години се сликаат дрвените садови во Русија. Карактеристичните жар-птици и цветните орнаменти станаа вистински бренд во руски стил.
Овој традиционален украс кој жените го носат на главата е познат уште од дамнина. Секој руски регион имал своја автентична форма и начин на украсување. Постојат многу видови кокошници, од мали дијадеми до огромни украси слични на рогови. Прочитајте овде сè што треба да знаете за овој култен руски моден детаљ.
Најкултната руска кукла личи на дама со шал. Внатре во дрвената фигура се крие иста таква, но помала, а внатре трета, уште помала... Може да има и десет такви кукли, една во друга, во зависност од големината на најголемата. Патем, тоа не е типична играчка со која децата во Русија отсекогаш си играле. Матрјошката се појави во поново време, но брзо стана многу популарна!
Во целиот свет оваа салата ја нарекуваат „руска“, а Русите ја нарекуваат „Салата „Оливје“ и сметаат дека името го добила по францускиот готвач кој, наводно, ја смислил додека подготвувал оброци за царското семејство. Во секој случај, за време на советската ера, рецептот за ова некогаш обилно јадење беше поедноставен за секој да може да го подготви дома. И повторно, дури и така поедноставено, ова е главното новогодишно јадење во Русија. Сигурно се прашувате како „руската“ руска салата се разликува од „македонската“ руска салата? Можете да дознаете овде.
Не е тајна дека Русите се речиси опседнати со чај, а една од причините е токму овој „чајник“. Го собирал целото семејство околу себе кога доаѓало време за чај. Повеќето самовари имале голема запремнина и се загревале долго за да може чајот да се пие со часови!
Зборот „спутник“ на руски значи „сателит“, но на меѓународно ниво овој збор се користи за првиот вештачки сателит на Земјата што беше лансиран во орбитата во 1957 година, кога започна вселенската ера во човечката историја. Дали некогаш сте се запрашале што се крие зад тој настан? Можете да дознаете овде.
Овде не е потребно никакво дополнително објаснување, бидејќи зборот „вотка“ постои и во другите јазици, и тоа во руска форма. Се смета дека вотката ја измислил рускиот хемичар Дмитриј Менделеев. Патем, прочитајте неколку совети како да пиете вотка без да се опиете! На здравје!
Се сеќавате ли на пијаниот руски космонаут Лев Андропов во блокбастерот „Армагедон“ (1998)? Носеше ушанка, како и Арнолд Шварценегер во „Црвената жештива“ (1984). Тоа е уште една типична руска шапка со историски корени. Ако ви треба руски костим за „Ноќта на вештерките“ или за журка во руски стил, тогаш дефинитивно ќе ви затреба оваа шапка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче