Зошто руската БАБУШКА е феномен (ФОТО)

Овчинников Александр /TASS
Овие слатки бабички ќе ве сакаат, ќе ве хранат и ќе се грижат за вас... Но, исто така можат и да ве скршат од ќотек.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Самиот збор „бабушка“ ги топи и најтврдите руски срца. Бабушка е нешто што симболизира љубов и нежност, што секогаш се грижи за вас, без оглед на тоа колку години имате. Но, во исто време, руската бабушка... може да биде и мошне опасна! Ајде малку да се позанимаваме со овој руски феномен!

Што е бабушка?

Рускиот збор „бабушка“ буквално се преведува како баба. „Бабушка“ води потекло од зборот „баба“, кој на руски јазик историски означувал селанка (а, сега се смета за непристоен збор за ословување жена). Порано за баба се зборувало „бапка“ (рус. „бабка“), но денес и овој збор исто така се смета за лош, додека деминутивот „бабушка“ стана почест поим.

Русите имаат стотина начини за нежниот збор „бабушка“ (акцентот е на првото А од почетокот на зборот) да го направат уште посладок: „бабуља“ (акцентот тука и понатаму е на У), „бабусја“, „бабусењка“ и така натаму. „Бабушка“ во поширока смисла е старица, синоним за „старушка“ Дококолку видите мошне стара дама на улица, можете да се обидете (да се дрзнете) да ја ословите со „бабушка“. Бабушка е сепак баба, а марама е марамата што таа баба ја носи.

Инаку, и кралицата Елизабета Втора исто така го сака овој „бабушка-стајлинг“. Но, згора на тоа го надополнува и со фенси јазол со машна.

Понекогаш милата „бабушка“ со марама може да се нарече со идиомот божий одуванчик, што буквално значи „божје глуварче“, односно некој што ни мравка не би згазил.

Бабушка = љубов (и вкусна храна)

Се чини дека ниту еден родител не може да го сака своето дете како што вистинска руска бабушка ги сака внуците. Како целиот нејзин живот да бил подготовка за оваа највозвишена судбина или дури мисија – да се грижи за потомството на своите деца (и да ги разгали).

Руската бабушка ќе го тероризира детето со галење и со бакнежи. Ќе му купи што било (а, особено слатки и играчки кои родителите не му ги купуваат и не ги дозволуваат). Ќе го пуштат детето да шета колку сака и ќе ги прикрива сите негови бели пред родителите.

„Кога бев дете, целото лето го минував со мојата бабушка на село, додека моите родители работеа“ се сеќава Александар (35). „Сега, едноставно не можам да замислам колку ѝ било тешко на баба ми да се грижи за едно немирно момче три месеци нон-стоп. Но, таа никогаш не се бунеше и што и да направев и колку и да бев правлив и валкан, таа ќе ме измиеше и ќе нахранеше со вкусни палачинки“. Сега, како возрасен човек со свое семејство, Александар и понатаму ја посетува својата бабушка и оди кај неа на палачинки.

Храната е уште една работа со која бабушка ја покажува својата љубов. Секогаш го прашува детето што да зготви, па дури и ако готвела цел ден, а детето тоа не го изело, секогаш е подготвена да направи уште еден оброк. Бабушка е обично мајстор за што годе, без разлика дали е тоа боршч, палачинки или некои комплицирани пити. Згора на тоа, со оглед на фактот дека израснала во советските тешки времиња, таа може да направи совршена вечера од сите остатоци или од што и да се најде во фрижидерот.

„За Нова година посетив еден мој пријател во Москва и отидовме на вечера во станот на неговата бабушка. Ви се колнам, доколку бевме во мала колиба во шума, ќе бев убеден дека некој ме тови за печење“, вели за своето искуство американскиот писател Бенџамин Дејвис. „Руска салата, леб, путер на леб, кавијар на леб, месо на леб, месо на месо, кашкавал на месо на леб. Вечерав на волшебна чинија која никогаш не беше празна“.

А, кога конечно ќе се истркалате од домот на бабушка, таа сигурно ќе ви спакува храна за со себе, да кажеме огромни тегли со кисели краставички или со џем.

Модерните бабушки изгледаат поинаку. Не носат марами, обично работат, активни се и сакаат да се дружат со своите внуци, ги делат сите тајни и имаат доверливи односи со нив. Злоупотребата на храна сега обично се заменува со давање дополнителен џепарлак.

Бабушка не е секогаш баш синоним за нешто мило

По сите убави зборови што ги посветивме на бабушките, конечно е време да ги отвориме картите. Бабушката исто така знае да биде и сосема поинаква. Сериозно, постојат некои бабушки што би требало да се викаат „опасни бапки“!

Бенџамин Дејвис еднаш имал исклучително поинакво искуство со случајна старица на улица која, според неговите кажувања, изгледала брутално, опишувајќи како „дама“ на која сигурно не би сакале да ѝ помогнете да ја мине улицата.

Ваквите бабушки секогаш се први во кој било ред (туркајќи ги сите настрана со лакти и со торба за пазарење со тркала). Ваквите бабушки обично седат во близина на своите куќи или на зградите и ги гледаат луѓето како влегуваат и како излегуваат... и никогаш нема да се двоумат за да дадат отровен коментар за вашиот изглед. Млада, фенси облечена девојка една ваква баба сосема лесно може да ја нарече „проститутка“. Додека сите момчиња што излегуваат и брзаат автоматски се претвораат во „наркомани“. Ова се најпопуларните дефиниции што бабушките можат да ги дадат за младите – а, на Интернет постојат и многу мемиња посветени на оваа тема.

„Бабушките ги контролираат влезовите во станбените згради со бесплатен надзор. Не кршете го законот на бабушките. Предупредени сте!“, вели еден корисник на Quora. Точно е и нема што да се додаде!

Можеби се сеќавате на комедијата во која глуми Силвестер Сталоне со наслов „Стој! Или мајка ми ќе пука“ (1989). Па. Мајката што во него е прикажана би можела да биде лошата страна на руската бабушка.

Инстаграм блогерката Валентина Кулешова zametki_babushki

А, каде е дедушка?

Сите зборуваат за руските бабушки. Но, што е со нејзиниот сопруг, дедото или подобро кажано „дедушка“? Низ бруталната историја на 20 век многумина мажи загинале во текот на неколку војни и „чистки“. Советските бабушки понекогаш морале самите да ги одгледуваат своите внуци и била нормална практика родителите да ги подаруваат своите деца на бабите и на дедовците, не само за празниците, ами и за живот кај нив, додека тие напорно работат.

Згора на тоа во 2021 година просечниот животен век на мажите во Русија е околу 65 години, додека кај жените е некаде околу 74 (овие бројки се помалку-повеќе исти со оние од деведесеттите години од минатиот век). Значи, мошне е вообичаено на крајот неколку години бабушката да живее сама и единствената работа за која се грижи се нејзините внуци. И, понекогаш, овие мајки стануваат токсични кон сопствените деца, непрестајно прашувајќи КОГА конечно ќе родат и ќе ѝ подарат внуци. „Сакаш да умрам, а да не ги видам своите внуци?“ Вистински „драма-кралици“.

Меѓутоа, дедушка е и херој од анегдотите. Обично го нервираат „тие гласни деца“ (и нивото на грижа што обично им го дава неговата жена). Поголемиот број Руси се сеќава дека дедото пушел (а, можеби и пиел), главно молчел, одел на риболов и берел печурки и се обидувал да не ја изгуби смиреноста и трпението. Но, тоа е друга приказна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња