Како е направен и лансиран првиот Земјин вештачки сателит?

Russia Beyond (Првиот советски вештачки сателит на Земјата. Кадар од филмот/ TASS)
Пред 65 години СССР го лансираше во вселената сателитот „Спутник“. Со тоа човештвото влезе во вселенската ера. Што му претходеше на овој епохален настан?

Годината е 1955. Воениот институт НИИ-4 во Болшево (Подмосковје) се занимава со пресметки за балистички ракети, а тоа е дејност што претставува државна тајна. Во една од просториите на институтот се сместени „фантазерите“. Тој прекар го добија научниците чија задача беше да ги проучуваат проблемите што веројатно ќе се појават за време на вселенските летови. Поминаа само десет години од крајот на Втората светска војна и сé уште никој не полета во вселената.

Модел на првиот советски вселенски вештачки сателит на Земјата во павилјонот „Наука“ на Сесојузната земјоделска изложба во Москва. Советскиот вселенски брод, лансиран во орбитата на 4 октомври 1957 година.

Повремено „фантазерите“ бучно расправаат за тоа што ќе се случи. Ако човек отиде во вселената, тој ќе изгори при спуштањето на Земјата, бестежинската состојба ќе го надуе или растргне, радијацијата ќе го убие, итн. Понекогаш доаѓаат колеги од другите одделенија да видат каква е тоа врева, па немо ќе завртат со прстот на слепоочницата и тивко ќе ја затворат вратата, за да не допира до нив вревата на љубителите на научната фантастика.

Така поминаа две години. И што се случи? „Фантазерите“ сега, две години подоцна, работат на најамбициозниот проект на човештвото – го испраќаат во вселената првиот Земјин вештачки сателит.

Потребна е ракета

„Спутник-1“, макета. Космодром Капустин Јар.

Пред задлабочувањето во идејата за испраќање на вештачко тело во орбитата на Земјата, требаше да се проектира средство што ќе го однесе таму, т.е. ракета.

„Приказната за создавањето на првиот сателит е всушност приказна за ракета. Ракетната технологија на Советскиот Сојуз и САД има германско потекло“, истакнува научникот и конструктор Борис Черток.

По Втората светска војна советските пронаоѓачи добија пристап до германската трофејна технологија, вклучително и ракетата „Фау-2“ со дострел од 320 километри, која беше искористена за да се изведе првиот суборбитален вселенски лет во светот. Тие до нијанса ги проучија трофеите и врз основа на германскиот прототип направија низа советски ракети. Името на Сергеј Корољов, раководителот на советската вселенска програма, се чува во строга тајност (необична е и неговата кариера: во 1938 година е осуден на 10 години робија, а потоа префрлен во таканаречената „шарашка“, т.е. затворено конструкторско биро за осудени научници).

Под негово раководство во 1954 година се појавува „седмицата“, т.е. ракетата Р-7 со дострел од 9500 км. „Кога од полигонот Тјура-Там [потоа полигонот беше преименуван во космодром Бајконур] беше лансирана балистичката ракета Р-7 во 1957 година  и кога ја погоди целта на полигонот во Камчатка, стана јасно дека имаме носач за лансирање на сателити во орбитата. Да бидам искрен, пред тоа не верував дека сите 32 ракетни мотори можат истовремено да се запалат и да си ја завршат работата онака како што е предвидено“, се сеќава академик Георгиј Успенски, еден од „фантазерите“ од онаа бучна просторија на институтот.

Сергеј Павлович Корољов (втор од лево) меѓу членовите на групата за проучување на млазниот погон, 1932. Од фондовите на Државниот историски музеј.

Објект „Д“

Во истиот момент односот спрема „фантазерите“ се менува. Ним им е доверено да го конструираат првиот сателит под назив објект „Д“. Зададената маса е 1000-1400 кг, а апаратурата за истражување тежи дополнителни 200-300 кг. Во една варијанта на сателитот беше предвиден дури и контејнер со „биолошки товар“, т.е. со огледно куче. Со други зборови, тоа не беше минијатурен „Спутник“, туку тешка „машина“ што ракетата Р-7 требаше да ја изнесе во орбитата во 1957-1958 година.

Меѓутоа, набргу беше увидено дека не е возможно да се реализира толку гломазен проект за толку краток временски период. Работата се одолговлече, а СССР знаеше дека и САД имаат слични проекти, т.е. дека се создава Minimum Orbital Unmanned Satellite of Earth кој треба да биде лансиран во исто време. Затоа Корољов решава да се откаже од „тешкашот“ и наместо тоа да испрати во орбитата лесен сателит кој има само два радио-предаватела.

„Луѓето спиеја на помошни кревети на расклопување во конструкторското биро“

Поштенска марка

Однадвор сателитот изгледа како херметички затворена алуминиумска топка со четири антени, со дијаметар од 58 см, тешка само 83,6 кг. Внатре има два радио-предаватела. Дијапазонот на предавателот е избран така што дури и радио-аматери можат да го следат сателитот. Многумина од нив го запаметија тој карактеристичен звук „Бип-бип-бип“ кога „Спутник“ прелета над нив.

На проектирањето на сателитот се работи со неверојатно темпо. „Луѓето со денови не ги напуштаа работните места, спиеја на помошни кревети на расклопување во конструкторското биро на Корољов! Првиот сателит, се разбира, имаше многу едноставна конструкција и уреди. Во него беше вграден сензор чија цел била да провери како радио-брановите минуваат низ атмосферата. Тогаш ни тоа не го знаевме“, раскажа Успенски.

Првата варијанта на Р-7 е тестирана 1957 година.

Меѓу успешното тестирање на ракетата Р-7 во август 1957 година и лансирањето на сателитот поминаа само два месеци. Ракетата-носач со „Спутник“ е лансирана во вселената на 4 октомври 1957 година во 22:28 часот по московско време.

Првиот сателит беше во функција до 4 јануари, т.е. вкупно 92 дена. За тоа време помина 1440 пати околу Земјата, а неговите радио-предаватели работеа две недели од моментот на лансирање. Поради триењето во горните слоеви на атмосферата, сателитот изгуби брзина, навлезе во погустите слоеви и изгоре.

Црвена Месечина (Red Moon)

Казахстанска ССР. Лансирање на сателитот „Спутник-1“ од космодромот Бајконур.

Веста дека Советите лансираа сателит во орбитата одекна како бомба. Новинарите ширум светот зборуваа дека тоа е „вселенски потрес“ и „не само најголемото научно достигнување, туку и еден од највеличествените настани во историјата на целиот свет“. Американскиот печат му го даде името Red Moon (Црвена месечина).

Тие денови многу луѓе се обидуваа да го видат „Спутник“ на изгрејсонце или зајдисонце. Додуша, можеа да го видат само централниот блок на ракетата (додека не изгоре), а не малата топка со дијаметар помал од еден метар. Но, дури и главниот советски весник „Правда“ сметаше дека тоа се „ситници“ и ги повикуваше луѓето ширум планетата да гледаат во небото.

„Ноќта кога „Спутник“ првпат го запара небото јас <...> гледав нагоре и размислував како иднината е однапред одредена. Затоа што тоа мало пламенче што се движи молневито од едниот до другиот крај на небото беше иднината на целото човештво. Иако Русите се фантастични во своите потфати, знаев дека наскоро ние ќе тргнеме по нив и дека на небото ќе го заземеме местото што ни припаѓа“, напиша подоцна Реј Бредбери.

Еволуцијата на советските ракети-носачи.

Покрај научно, овој настан имаше и големо политичко значење. На тој 4 октомври стана јасно дека Советскиот Сојуз има повеќестепена интерконтинентална ракета која противвоздушната одбрана не може да ја запре. Тоа сознание комплетно го промени системот на меѓународните односи.

Прочитајте повеќе: Руски ровер пред половина век атерираше на Венера!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња