Каква смисла се крие зад петте главни советски симболи?

Овие амблеми, предмети и зборови се препознаени од светот како симболи на советската држава и социјалистичка идеологија.

Црвено знаме

Според толкувањето на болшевиците, црвената боја на комунистичкото знаме ја симболизира крвта на луѓето кои се бореле за слобода. Ова објаснување потекнува уште од времето на револуционерна Франција на крајот на 18 век, кога црвеното знаме за првпат се појавило како симбол на бунтот против монархијата.

Црвеното знаме го користеле социјалистите и анархистите од различни струи, но по 1917 година стана препознатливо како симбол на советска Русија, за потоа да стане официјално знаме на СССР.

Борис Кустодиев, 1920

Ѕвезда петокрака

Ѕвездата петокрака повеќе од 3000 години е позната како знак на заштита и безбедност. Ја користеле луѓе од различни култури од античка Грција и Персија до Јапонија и домородна Америка.

Овој симбол се користел и во Руската империја на еполетите на некои воени чинови. Во 1917 година, по наредба на Александар Гучков, министер за одбрана и морнарица на Привремената влада, ѕвездата петокрака е додадена на кокардите на капите на руските војници. Кога болшевиците на 26 октомври 1917 година го зазедоа Зимскиот дворец во Санкт Петербург, им се придружија неколку илјади припадници на морнарицата со ѕвезди петокраки на униформите. Според Виктор Кибаљчиќ, советски револуционер и писател, ѕвездата петокрака потоа станува еден од главните симболи на советска Русија.

Во согласност со советската идеологија, ѕвездата станува црвена. Нејзините пет краци го симболизираат обединувањето на петте континенти во светот во борбата за слобода. Ѕвездата петокрака е исто така знакот на Марс, старогрчкиот бог на војната и на тој начин симбол на одбраната на мирнодопската работа на работниците и селаните. Во 1918 година станува главен симбол на Црвената армија.

Срп и чекан

Главниот амблем на Советскиот Сојуз - српот и чеканот, го создадоа раните болшевици. Го претставува сојузот на работниците и селаните. Се верува дека е создаден од уметникот Евгениј Камзолкин (1885-1957) во 1918 година.

Со текот на времето, српот и чеканот станаа официјален симбол на СССР и советското знаме.

„Пролетери од сите земји, обединете се!“

Мотото првично настана на германски - Proletarier aller Länder, vereinigt Euch! - а се преведува како „Пролетери од сите земји, обединете се!“ Фразата ја запишале Карл Маркс и Фридрих Енгелс во нивниот „Манифест на Комунистичката партија“, првпат објавен во Лондон 1848 година.

Првичното значење на зборот пролетер е изведено од латинскиот збор proletarius, оној кој создава потомци. Зборот се однесувал на сиромашните граѓани на Рим кои немале друг имот освен своето потомство. Така што за римската држава тие биле добри само за раѓање на идните граѓани на Рим. Во современиот свет тоа беа сиромасите. Затоа Маркс и Енгелс го користеле овој збор за да ја означат најсиромашната и најугнетената класа - работниците.

Од 19 век овој слоган го користат социјалистите од различни струи. „Пролетери од сите земји, обединете се!“ беше напишано на грбот на СССР на јазиците на сите федерални републики и на грбовите на републиките на јазиците на сите сојузни републики, и на грбовите на републиците на јазиците на тие републики и на руски. Мотото беше напишано со големи букви на банкнотите, на насловната страница на секој документ на Комунистичката партија и на многу други места.

„Интернационала“

Текстот на „Интернационалата“ го напишал францускиот поет и револуционер Ежен Потје (1816-1887) за време на Париската комуна, француска револуционерна влада која траела 72 дена. Текстот првично се пеел на мелодијата на „Марселезата“, но од 1888 година се користи оригинална музика, компонирана од Пјер Де Гејтер, работник и композитор.

„Интернационалата“ е преведена на многу јазици и стана универзално обележје на социјалистите и комунистите, како што некогаш беше „Марселезата“. Владимир Илич Ленин рекол: „Без разлика во која земја ќе се најде освестениот работник, без разлика каде ќе го фрли судбината, без разлика што се чувствува како странец, без јазик, без познаници, далеку од родната земја, тој секогаш може да најде другари и пријатели со помош на познатата мелодија на Интернационалата“. Во периодот од 1918 до 1944 година, „Интернационалата“ беше државна химна на СССР, сé до усвојувањето на нова.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња