Сѐ што треба да знаете за хохлома, „златното“ сликање на садовите

Legion Media
Хохлома е еден од најпрепознатливите симболи на Русија. Кога човек ја гледа, веднаш во неа препознава нешто типично руско. Дознајте повеќе за историјата на црвено-црно-златното сликање и за митовите што ја следат оваа стара вештина.

Еднаш еден селанец ја нахранил жар-птицата, а таа во знак на благодарност обичната дрвена чинија му ја претворила во златна. Вака според легендата настанал еден е од најпрепознатливите руски стилови на сликање – хохлома, садови насликани во црвено-црно-златни тонови.

Овој дрвен занает е постар од 300 години, а своето име го има добиено од местото каде бил застапен, според селото Хохлома во Нижегородската област. Овој стил на сликање всушност не настанал во Хохлома, ами во десетина околни села на Заволжје, на територијата на современиот Коверински реон на Нижегородската област. На бреговите на рекичката Узола во селата Велики Бездели и Мали Бездели, Мокушино, Хрјашчи, и во самото Ковернин, кое се смета за татковината на хохлома, што може да се види и од неговиот грб, живееле илјадници луѓе. Токму тие подоцна основалe мајсторски здруженија кои се занимавале со сликање во стилот на хохлома. Додека во самата Хохлома се наоѓал познат пазар каде селските мајстори ги носеле своите производи.

Во домовите на многумина Руси најчесто се среќаваат хохломски лажици. Тие се чуваат и се оставаат во наследство на внуците, кои во детските градинки и во училиштата учат музика свирejќи токму на две вакви лажици во народни ансамбли.

Од останатите садови во руските креденци често се чува кристал од Гусј-Хрустаљни во Владимирската област, како и порцелан насликан во гжељски стил. Тоа е уште еден симбол на Русија, сличен на делфтскиот син порцелан. Во современа доба практично не се користат во секојдневието.

Затоа предметите насликани во стилот хохлома главно се купуваат како сувенири. А, штета е, вели еден од најпознатите мајстори на хохломското сликање, народниот уметник на Русија Николај Гушлин. Хохломските садови, за разлика од порцеланот, се отпорни на промена на температурата. Дури и по замрзнување сликата на него нема да испука, што не може да се каже за порцеланот. Сепак, не треба да се става во микробранова печка, зашто ќе почне да фрла искри. Имено, поради специфичната технологија на сликање на овие садови се присутни метални елементи.

Уметност на избеганите

Нижегородските густи шуми и непроодните мочуришта уште во Стара Русија биле засолниште за избеганите кметови и војници, а од 17 век поради Никоновите реформи таму почнале да се повлекуваат и староверците. Патријархот Никон, имено, ги променил православните обреди и книги, со цел да ги изедначи со грчките од тоа време. Оние што не ги прифаќале реформите биле прогонети или самите заминувале. Оние кои ја исповедале верата „на стар начин“ барале места каде сигурно никој нема да ги најде.

Со себе носеле тајната на позлатувањето и сликање на рамките од иконите, а подоцна оваа технологија почнала да се користи за украсување на садовите. Со нив доаѓале и други занаетчии – стругари и резбари. „Земјата била неплодна“, вели Николај Гушчин. „Назима морале да се занимаваат со нешто, во долгите студени вечери луѓето се обидувале да заработат нешто за семејството“.

Еден цел живот во Русија е формиран околу дрвените садови и мебел. Во 19 век станал модерен „рускиот стил“, па интересот за народното творештво нагло пораснал. За хохломата дознала и царицата Марија Фјодоровна.

Садовите биле изложени во Москва на Серуската мануфактурна изложба во 1853 година, а во 1889 година и во Париз, каде добиле Гран-при. Оттогаш ги засакале и странците. „Освен тоа, за нив овие садови биле евтини“, вели Гушчин. „На други саеми или во својата земја можеле на нивната препродажба убаво да заработат“. Сто километри од пазарот во Хохлома се наоѓал Нижни Новгород, каде се одржувал најголемиот панаѓур во царска Русија – Макаревскиот панаѓур – и каде протекува Волга, тогаш најважната трговска артерија во тој дел од земјата. Оттаму трговците ги разнесувале хохломските садови низ целата земја, а преку Архагељск ги носеле и во странство.

Тајната на позлатата

Освен птицата која чинијата ја претворила во златна, постои уште една легенда за хохломата. Наводно иконописецот Андреј Лоскут избегал од Никоновите реформи во густата шума и „во стар стил“ таму сликал садови. Кога по него биле испратени војници, Лоскут ја запалил својата колиба и себеси во неа. Затоа на црните садови се пробиваат златни и црвени „пламени“ блесоци.

Хохломскиот мајстор Николај Гушчин легендите ги гледа со скепса. „Сето тоа се сказни чија цел е да ги заинтересира луѓето за овој занает“, вели тој. Всушност боите и билни орнаменти на хохломскиот стил на сликање во целост можат да се објаснат со способноста за забележување на мајсторите, со природното опкружување и со самата технологија на изработка на дрвените садови.

„Црната, црвената и златната се основни бои на хохломскиот стил на сликање. Освен тоа се појавуваат и жолтата, зелената и кафеавата боја. Зелената се користела во различни нијанси. Овој избор на бои се закрепил во текот на повеќе децении“, вели Николај Гушчин. „Садовите се калеле во печка, па затоа во палетата се задржале само оние маслени бои кои не гореле. Денес велиме црна позадина, а во моето детство се велеше црна земја или црвена земја, доколку сликањето беше изведено на црвена позадина. Луѓето набљудувале како од снегот се измолнува кокичето, како зрее рјабината, како расте листот на рибизлата и како се појавуваат бобинките. Способноста за набљудување, за доживување на светот и на опкружувањето – сето тоа се влеало во технологијата на сликање. Мајсторите учеле од природата“.

А, сега најголемата „тајна“ на хохломата. Злато за нејзиното производство никогаш не се користело – нити вистинско, ниту, пак, боја што го имитира. Најпрво мајсторите за ефект на топол сјај користеле сребро, а потоа калај. Садовите биле скапи, не можел секој себеси да си дозволи калај: садовите не се покривале во целост со калај, ами само оние места кои требале да добијат златен орнамент. Ваквите садови често се користеле на гозбите на благородниците, а се продавале во манастирите кои нарачувале вакви златни садови од селата, плаќајќи го скапиот калај. Денес, пак, за истата намена се користи прав од алуминиум.

За да се направат хохломски садови, најпрво се прават „баклуши“, грубо обликувани парчиња дрво кои се ставаат на менгелето на стругарот. Токму затоа обликот на садовите секогаш е тркалезен, затоа што тие се прават на струг. Потоа белиот полупроизвод се покрива со премаз кој служи како подлога за боја и за пополнување на дупките во дрвото за да не ги впива металните компоненти. Премазот се израмнува со грубо платно и се покрива со варено ленено масло во неколку слоја. А, кога подлогата делумно ќе се исуши, така што раката уште малку се лепи, се втрива алуминиумски прав и садот се слика. Кога ќе го покриеме со лак и ќе го изложиме на висока температура во печка, низ жолтеникавиот сјај на лакот се пробива алуминиум и се добива ваква топла бронзена нијанса на златна“, вели Николај Гушчин.

Хохломата опфаќа два вида сликање: позадинско и површинско. „Кај површинското сликање со слободни потези на четкичката ги нанесуваме орнаментите на површината на предметот, преку златото“, вели мајсторот. „Додека позадинското сликање се дели на два подвида: позадинско сликање во потесна смисла и кудрина. Најпрво контурата на орнаментот се нанесува со тенка четкичка на предметите, а околу орнаментот се слика со црна или со црвена боја. Тогаш златото останува во тантелата на орнаментот“.

Хохломата некогаш и сега

Хохломските мајстори ја пренесувале својата вештина од колено на колено, ги обучувале младите на занаетчискиот метод, при што еден мајстор имал по тројца-четворица ученици. Семејствата во селата секогаш биле големи. Во градовите заминувале само поединци. Во советско време девојчињата по осмото одделение од училиштето оделе да учат занает од мајсторите за сликање, додека момчињата сѐ до војската учеле за стругари и столари. Сега ситуацијата е поинаква: во селата од градовите повеќе никој не се враќа.

Во 20 век во Копвернино и во Семјонов, соседен град, каде минувала железничката пруга воспоставено е масовно производство. Во Семјонов е отворена школа за сликање, сега тоа е виша техничка школа. Денес се смета дека Семјонов е „втората татковина“ на хохломата, додека од Ковернинската фабрика остана само одделението „Хохлома“ во селото Сухонска и производството на глинени играчки. Семјоновската фабрика се занимава исклучиво со холома. За волја на вистината, ова не се само традиционални производи. Се продаваат сувенири со различна палета бои: сини самовари, сиво-виолетови тацни кои само потсетуваат на хохлома. „Ако денес гледаме дека предмети имаат бела, виолетова, модра, розова нијанса – дури и без да провериме, знаеме дека тоа не е оригинал“, објаснува Николај Гушчин. „Овие садови не минале калење во печка. Тоа се обични акрилни бои покриени со акрилен лак. Тие би изгореле во печка“.

Угледот на хохломското сликање нарушен е по 2000 година, се жали мајсторот. „Сите се обидуваа да заработат на сувенири и сликаа сини черепи во хохломски стил“, вели тој. „Боите пробиваа низ слојот лак, ги валкаа рацете, бојата се лупеше зашто не беше нанесена подлога. Додека традиционалниот хохломски производ како садови можат да се користат во кујната, како порано, така и денес... За луѓето да ги почитуваат изворните занаети, треба да им се објаснува работата на мајсторот, да се одржуваат работилници не како било, ами да се покажуваат старите технологии, да се организираат изложби и да се едуцираат купувачите. Јас, на пример, ќе дојдам во продавница и се чудам, а продавачот ми вели дека сите ги купуваат тие сини черепи. Тој, секако, ќе го купува она што се продава, но наша задача е да го изградиме вкусот“, уверен е Николај Гушчин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња