Како да пиете вотка со Руси, а да не се опиете

Извор: Lori / Legion Media

Извор: Lori / Legion Media

Странците ги сметаат Русите за љубители на алкохол и често си го поставуваат прашањето „Зошто Русите толку ја сакаат вотката?“, но за време на овие зимски празници станува актуелно друго прашање: „Како да пиете вотка заедно со Руси?“

Многумина ја објаснуваат необичната способност на Русите да испијат големо количество вотка со посебната градба на рускиот организам. Сепак самите Руси велат дека наведената способност нема никаква врска со биологијата, туку е пред сè поврзана со руската традиција. 

Рускиот бизнисмен Артјом Минаев често кани странци во московските ресторани за да разговараат за бизнис и смета дека странците не умеат да пијат вотка. 

- Најголемиот проблем на Европејците, Кинезите и Американците се состои во тоа што тие пијат и не мезат. Веќе по втората или третата чашка со нив едноставно не можете да разговарате за работа! Русите ја сакаат вотката затоа што таа навистина ве загрева, а исто така и прекрасно оди со руската кујна, вели Артјом. Кога пиеш вотка, треба задолжително да мезиш масни производи, макар и павлака! Треба да се јаде варен или печен компир, леб, колбас, сирења, масна риба! Постои мноштво евтини закуски кои ќе помогнат да не се опиете. 

Има и други тајни 

Многумина Руси пред празнувањето на Новата година испиваат по едно живо јајце. Велат дека тоа е најдобриот начин да се издржи целиот празник и да се стане од масата трезен. Меѓутоа лекарите се категорично против таквиот метод, затоа што живите јајца се најголемиот пренесувач на салмонела. Ако не сте сигурни во квалитетот на јајцата, можете едноставно да се напиете супена лажица растително масло.   

Вотката и нејзините тајни
Вотката е најпопуларен дел на руската традиционална трпеза, позната во сиот свет. Жителите на Русија се страсни љубители на вотка, но и нејзини страсни противници. „Руска реч на македонски“ ви дава совети како да изберете вистинска вотка и како и со што да ја пиете.

„Тоа беше моето прво доаѓање во Москва и јас добро се подготвив за празнување на Новата година со другарите на мојата девојка. Прочитав дека маста ја забавува апсорпцијата на алкохолот, затоа испив неколку лажици масло и изедов два компира. Тешко е да се поверува во тоа, но јас останав трезен откако испив цело шише сомнителна вотка!“, вели Мексиканецот Сантјаго Фонсека. Без оглед на тоа, дека маста помага да не се опиете, многу е важно да не се прејадете и да не јадете многу тестенини и благо, затоа што тоа силно го напрегнува црниот дроб и тој не може да го разложи алкохолот. 

Сибирјанката Анастасија Кнежевич продава во својата продавница голем број разни видови вотка и мора цело време да им објаснува на странците како во Сибир се пие вотка.  

- Сметам дека проблемот на странците се состои во тоа што тие ги мешаат коктелите, а и од самата вотка едвај потсркнуваат. Цело време повторувам дека треба да се пие на екс и да се издишува не низ уста, ами низ нос. Токму затоа Русите можат да испијат многу вотка и да останат живи, се смее Анастасија. 

Артјом Минаев смета дека за странец на руски банкет е важно да покаже дека тој е дружељубив човек.  За тоа е потребно да се испијат првите две-три чашки, потоа може да се пропуштат неколку чашки и да се соберат нови сили за продолжение на банкетот. 

- Веднаш штом странецот е подготвен одново да испие чашка, тој треба да го земе шишето и да им ги наполни чашките на сите присутни. Имаше случај кога еден Јапонец цела вечер си налеваше вотка само во својата чашка, - тоа беше толку нетактично, што никој повеќе не ни сакаше да го покани за одење некаде. Впрочем, тој и не успеа да ги потпише важните договори со партнерите заради кои долета во Москва, раскажува Артјом Минаев. 

Доколку сите овие совети не ви помогнаа, искористете уште еден совет од „Руска реч на македонски“ и испијте утрото по забавата на празен стомак чаша вода или расолница од конзервиран солен зеленчук – тоа е најефикасниот стар народен рецепт за мамурлак и главоболка.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња