Магадански резерват на природата: Фасцинантни глетки од далекоисточната дивина

Кирилл Уютнов (CC BY-SA 4.0)
Овие оддалечени краишта се речиси ненаселени и слабо проучени. Многу е тешко да се дојде до нив. Но, глетките што ве очекуваат, доколку сепак се најдете таму, се едноставно фасцинантни: непречениот живот на морските лавови, соколите и, се разбира, љубопитните мечки.

Магаданската област се наоѓа на крајот на азискиот континент, заплиснувана од брановите на Охотското Море. Тоа е огромно и ретко населено пространство, испресечено со планински масиви и реки. Тука има многу места каде што сè уште не стапнала човечка нога, но и изобилство природни ресурси: злато, сребро, калај и волфрам. Со цел да се заштити локалната флора и фауна, во 1982 година е основан Магаданскиот резерват на природата, еден од десетте најголеми во Русија (со површина од 883.817 хектари).

Резерватот се состои од четири меѓусебно неповрзани области. Таму нема ни патишта ни населби. До нив може да се стигне само по река или преку Охотското Море (дознајте каков вид на превоз е возможен во овие беспаќа).

Симболот на Магаданскиот резерватот е белоопашест орел, кој го има само на Далечниот Исток на Русија и понекогаш во азиските земји.

Но, покрај него, Магаданскиот резерват го населуваат и повеќе од 180 ретки видови птици, кои формираат цели колонии во овие краишта!

Во моментов во резерватот се регистрирани 40 видови цицачи. Меѓу нив има кафени мечки, зајаци и невестулки.

На островот Матикил, еден од Јамските острови во заливот Шеликов, се наоѓа најсеверната колонија на Штелеровите морски лавови во Русија. Овие животни може да се видат само лете, бидејќи Охотското Море зиме е замрзнато. Морските лавови се набљудувани и надгледувани од скриени камери.

Јамските острови нудат неверојатна глетка. Тоа се всушност мали карпести островчиња, на кои практично нема растителен свет. Таму се наоѓа една од најголемите колонии на птици во Русија (научниците избројаа најмалку шест милиони птици на ова место).

Секој дел на Магаданскиот резерват се карактеризира не само со различен релјеф (тундра, карпи, мочуришта, шуми), туку и со различни климатски услови. Макар што на картата може да изгледа дека овие терени се блиску едно до друго (што е само трик).

Магаданскиот резерват на природата е многу поволно место за живот на мечките и тука ги има во голем број. Охотското Море, имено, е богато со лосос, кој е нивната омилена храна, а нема ни луѓе да ги вознемируваат.

Полуостровот Кони е најмистериозниот и најкарпестиот дел на резерватот. Излегува дека луѓето живееле на ова место пред околу илјада и пол години. Имено, археолозите пронајдоа остатоци од шест древни населби покрај брегот (се смета дека таму живееле предците на денешните Корјаци).

А, следува и едно изненадување: на ова место сé уште живеат луѓе! На ‘ртот Таран, имено, живеат двајца работници во светилникот, изграден во 1958 година. Во слободното време ги истражуваат карпестите брегови и одгледуваат зеленчук.

Иако е тешко да се посети Магаданскиот резерват, тоа не е невозможно. Вработените во резерватот воспоставија неколку морски рути за туристите кои сакаат лично да ја искусат убавината на суровото Охотско Море. Центарот кој организира посети на резерватот се наоѓа во градот Магадан, главниот град на регионот, оддалечен од 100 до 650 километри од територијата на резерватот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња