Од ова напуштено руско село на Чукотка погледот допира до Алјаска (ФОТО)

Јуриј Смитјук/TASS
Според локалната легенда, китовите ги однеле најубавите жени од селото, давајќи им на жителите за возврат заштита, среќа и напредок.

Наукан порано беше најисточната населба во Евроазија, сé додека не беше напуштено 1958 година. Денес некогашната ескимска населба лежи на рускиот брег на Беринговиот теснец кој рускиот Далечен Исток го одвојува од Алјаска.

Се смета дека Ескимите ја основале населбата Наукан во XIV век. Во 1648 година, рускиот морнар и истражувач Семјон Дежнев изгубил еден од своите бродови во близина на ова село, кога поминувал низ Беринговиот теснец 80 години пред Витус Беринг. Овој историски инцидент подоцна е обележан со биста поставена на планината Ингегрук во Наукан.

Во 1958 година на локалното население му било наредено да ја напушти населбата во рамките на советската политика за згаснување на таканаречените „неперспективни населби“, мали села кои се сметале за неважни за развојот на советската планска економија. Во согласност со оваа политика, луѓето од малите села беа раселувани во поголемите рурални населби каде имаше поголема концентрација на производство и социјални услуги. Советската влада го оцени Наукан, тогаш село со околу 400 жители, како една од таквите населби.

И покрај неговиот правен статус во тоа време, Наукан всушност беше прилично населен според стандардите на оваа оддалечена и ненаселена област. Во селото живееја 13 ескимски кланови. Нив ги поврзуваше специфичниот дијалект и посебните обичаи, легенди и приказни.

Според една таква приказна, луѓето од селото склучиле договор со китовите: мудрите божества во форма на овие животни кои живееле покрај брегот можеле да ги земат најубавите жени од селото за свои жени, а за возврат китовите ги благословувале селаните и им обезбедувале среќа и просперитет..

Денес тоа е село на духови во кое напуштените градби се единствениот потсетник на неговите поубави денови: колибите, споменикот во вид на светилник, објектите на метеоролошката станица, остатоците од помошни објекти.

Тоа е напуштено место на крајот на светот до кое е доста тешко да се стигне. Наукан најмногу го посетуваат туристи и авантуристи како дел од крстарења или експедиции.

Ретките посетители на напуштената населба се наградени со неверојатниот поглед на морето и брегот на Алјаска, кој може да се види на ведар ден, бидејќи американската територија е оддалечена само околу 80 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња