Како луѓето во Русија се возат онаму каде што нема патишта?

Вячеслав Викторов/Росконгресс
Во оддалечените краишта на земјата меѓу две соседни населби понекогаш има стотици километри патишта беспаќе. Како жителите, на пример, на Чукотка ги решаваат овие проблеми?

Патиштата на Крајниот Север се многу условен термин (тука можете да дознаете каде се протега Крајниот Север на Русија). Како по правило, надвор од градовите тие нагло завршуваат и таму започнува тундра, степа или мочуриште. Автомобилски патишта најчесто воопшто нема, бидејќи се тешки за градба поради географските услови. Посебно е тешка состојбата со патиштата на Чукотка, каде меѓу населбите се протегаат стотици километри мочуришни и планински тундри. Но, како луѓето патуваат тогаш?

Хеликоптер наместо автобус

Во принцип, на Чукотка можете да стигнете само со хеликоптер. Главниот меѓуградски сообраќај го сочинуваат хеликоптери и мали авиони. Тие не превезуваат само обични патници (кои одат во соседната населба да посетат некого или деловно) и стока. Хеликоптерите, исто така, ги превезуваат децата на одгледувачите на ирваси од тундрата до училиштата-интернати и ги враќаат дома за распустот. А еве и еден интересен факт: на 50.000 жители, а тоа е целото население на огромниот Чукотски автономен округ, има 11 аеродроми. Покрај тоа, во секоја населба има хелиодроми.

Најголемите аеродроми се наоѓаат во главниот град на регионот Анадир, Певек и Билибин. Исто така, неколку аеродроми беа изградени за време на Втората светска војна според договорот за заем и наем со САД. Северните аеродроми изгледаат многу пријатно и во нив владее специфична атмосфера. Најчесто се наоѓаат во центарот на градот и наликуваат на обични дрвени куќи.

„Трекол“ против „Грабливец“

Теренските возила „Трекол“ и „Хишчник“ (Грабливец) се најдоброто превозно средство за возење во природа. Во Анадир, на пример, има неколку популарни излетнички места во ридовите до кои можете да стигнете само ако имате огромни тркала и неуништливи амортизери. Локалните жители велат дека кога времето е суво до нив може да се стигне и со обично теренско возило, но треба добро да го знаете патот за да не заглавите во мочуриштето. Меѓутоа, понекогаш во мочуриштето може да се заглави и теренско возило и тогаш може да го извлече само друго слично возило.

Возилата „Трекол“ и „Хишчник“ се користат и за рамнење на зимските патишта: тие се движат едно по друго и го натупкуваат снегот. Звучи малку необично, но патниот сообраќај е најактивен токму во зима. Надвор може да биде -40, па и -50, мочуриштата тогаш замрзнуваат и можете да се движите меѓу населбите со обичен автомобил (се разбира, добро загреан и подготвен за студ). За жителите на Анадир, на пример, најважниот „зимски пат“ минува по лиманот (широк залив на устието на реката) помеѓу аеродромот и градот. Лете луѓето се префрлаат на другата страна со траект, а во меѓусезоната со хеликоптер.

Теренските возила често вршат функција и на јавен сообраќај на Чукотка. На пример, меѓу селата Лорино и Лаврентија патниците го поминуваат патот во огромен товарен автобус „Урал“ на осум тркала.  

Со леснотија низ град

Во самите населби на Чукотка патиштата често се земјени или едноставно се бетонски плочи (асфалтот брзо се расипува во такви услови). А во селата можете да сретнете жители кои се возат во баги. Според руските правила за патен сообраќај, низ град можете да возите баги, но не можете да излезете на магистралните патишта. А тие не постојат таму.

А во номадските населби на сточарите на ирваси, кои живеат и работат во тундрата, обично има две-три моторни санки. Ги користат за да одат до населбата до продавница (патем, платата ја добиваат на обични банкарски картички) или во здравствен дом, а ги користат и за преместување на нивната куќа-јаранга на ново место.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња