Како да ја посетите Чукотка, најоддалечениот регион на Русија?

Алексеј Жарухин, Вјачеслав Викторов
Можеби не можете едноставно да купите авионски билет, да резервирате хотел и да отидете на самиот крај на континентот. Но, тоа не значи дека таму нема да бидете добредојден гостин.

Чудесен свет на арктичко студенило, поларна светлина и бескрајна тундра - вака можете да ја опишете оваа далечна земја. Всушност, Чукотка е вистинскиот раб не само на Русија, туку и на целиот евроазиски континент. Тука се протега 180 меридијан, кој ги дели западната и источната хемисфера и служи како референтна точка за датумската линија - која го дели времето на „вчера“ и „денес“. Тука се наоѓа и поморската граница меѓу Русија и САД (оддалеченоста помеѓу островите Диомед, од кои едниот е руски, а другиот американски, е само 4 километри).

Луѓето одат таму за да ја видат неверојатната и речиси нескротена природа, каде шетаат кафеави и бели мечки, да гледаат моржови (иако сé уште е прашање кој кого гледа), да се маваат со снежни топки во лето (затоа што е вечен мраз!) и едноставно да се предизвикаат себеси и да стигнат до најдалечната точка на Евроазија, ‘ртот Дежнев. Веќе пишувавме за најдобрите места во овој регион, а сега да погледнеме детално како да стигнете до нив.

Кој живее на Чукотка

Ова е голем (колку неколку европски земји!) и најретко населен регион на Русија, со само 50000 луѓе, од кои половина се Руси, четвртина се домородните народи Чукчи, а другата четвртина се други етнички народи, вклучувајќи ги и малцинствата. Номадските народи во тундрата главно се занимаваат со одгледување ирваси, а домородните жители на брегот се главно морски ловци.

Анадир

Централна Чукотка е градот Анадир, главниот град на регионот. Ова е најскапиот град во Русија (ќе зборуваме за него во следните статии), но е и најубав. Сите куќи се обоени во весели бои за да се избалансира недостатокот на вегетација за окото. Во предградието на Анадир, туристите се качуваат на ридовите, а исто така го истражуваат вливот на Анадир со чамец.

Западниот дел ги опфаќа градовите Билибино (каде што се наоѓа единствената нуклеарна централа на пермафрост во светот) и Певек (најсеверниот град во Русија), езерото Ељгигитгин и островот Врангел (исто така наречен „Остров на мечките“).

Источна Чукотка е најинтересниот дел од регионот, каде што можете да видите моржови, китови и орки во дивината, како и да ги посетите домородните народи. Можете исто така да отидете до ‘ртот Дежнев и да ја видите точката каде што се спојуваат Арктикот и Тихиот Океан.

Не е потребна само руска виза

Обично секој странец може сам да организира патување во Русија: да добие виза, да резервира хотел, да купи авионски билети и да организира локален превоз. Но, во случајот со Чукотка, морате да ги контактирате локалните туристички компании и да патувате во група. Дури и ако добро знаете руски. Добрата вест е - ова е на крај поевтино и побезбедно отколку да се обидувате сами да си го организирате патувањето.

Покрај руската виза (ако воопшто ви е потребна), ќе ви треба и дозвола од регионалната канцеларија на Федералната служба за безбедност (ФСБ), бидејќи Чукотскиот автономен округ е таканаречена територија со регулиран режим на посета. Со дозволата за туристичката група ќе се занимава туристичката агенција.

Но, дури и ако можете сами да обезбеди дозволата, ќе се соочите со друг проблем. Доаѓањето од едно место до друго понекогаш е можно само со авион, хеликоптер или теренско возило. Туристичките агенции можат да резервираат чартер летови за група и да организираат трансфери. И тоа не е нешто екстремно - тоа е вообичаен локален начин на транспорт.

Исто така, од безбедносни причини, подобро е да патувате во група: демнат диви животни, временските прилики се сурови и брзо променливи, а мобилните телефони не работат надвор од населените места.

Како да дојдете до Чукотка?

На Чукотка има три града кои го поврзуваат овој регион со остатокот од светот. Повеќето патувања започнуваат од Анадир. Аеродромот се наоѓа во населбата Угољније Копи од другата страна на вливот, до кој може да се стигне со траект или хеликоптер, во зависност од сезоната. Таму пристигнуваат авиони од Москва (8-9 часа), Иркутск (5-6 часа), Новосибирск (6-7 часа), Владивосток (5-6 часа), Петропавловск-Камчатски (5 часа), Јакутск (5-6 часа) и Хабаровск (4-5 часа). Вториот град е Певек. Можете да летате тука од Магадан (5 часа) и Јакутск (6 часа). Третиот град е Билибино, каде што можете да летате само од Магадан (3 часа).

Аеродроми има и во големите села: Егвекинот, Лаврентија, Провиденија, ‘ртот Шмит, каде што оперира локалната авиокомпанија „Чукотавија“.

Поради мочурливата почва и пермафростот, железница нема. Автопати речиси и да нема, претежно се земјени патишта, а само во некои населени места се бетонирани, бидејќи ниту еден асфалт не може да ја издржи оваа клима. Зиме луѓето користат „ледени патишта“.

Запомнете дека на Чукотка времето одлучува за сè: зимата по правило трае околу девет месеци, додека од јуни до август е нешто како ветровито лето со силно сонце. Поради топографијата, времето може да биде поинакво дури и на мала оддалеченост, затоа бидете подготвени!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња