Позната цената на првиот автомобил „Москвич“

Агенција за градски вести „Москва“
Во првата фаза со продажба и опслужување на „Москвич“ ќе се занимаваат 11 дилерски центри во главниот град на Русија.

Сите што сакаат да го купат новиот кросовер „Москвич 3“ ќе треба да платат најмалку 1.970.000 рубли, соопшти информативната служба на препородениот бренд. Тоа значи дека овој автомобил најверојатно ќе може да учествува во државната програма за повластени автомобилски кредити. Еден од условите за учество во таа програма за автомобили со мотор со внатрешно согорување е нивната цена да не надминува 2 милиони рубли.

Овој модел веќе се произведува во московската фабрика и треба да се појави во продажба до крајот на годината. Од компанијата истакнаа дека возилото првично ќе се продава само во главниот град. Во првата фаза со продажба и опслужување на автомобилот „Москвич“ ќе се занимаваат 11 московски дилерски центри“.

„Завршивме со изборот на понуди и ги одбравме дилерските центри во главниот град кои во првата фаза ќе ги продаваат автомобилите во Москва. Следната година ќе се фокусираме на големите руски милионски градови, а како што ќе се зголемува производството, ќе го шириме нашето присуство на пазарот во Русија. Првиот модел ќе биде кросоверот „Москвич 3“. Тој ќе ги пополни возните паркови за такси и за каршеринг“, велат од компанијата.

„Москвич 3“ е преработена верзија на кинескиот модел JAC JS4. Автомобилот има погон на предните тркала и мотор со внатрешно согорување со запремнина од 1,6 литри со 109 КС.

На клиентите ќе им биде понудена и електрична верзија на кросоверот наречен „Москвич 3е“. Тој автомобил ќе има електромотор со 68 КС и ќе може да помине 410 километри без полнење на акумулаторот. Цената за овој модел ќе биде објавена подоцна. За „зелениот“ автомобил веројатно ќе важи специјалната државна субвенција во износ од 925.000 рубли. Такви услови, на пример, сега се нудат за рускиот електричен седан Evolute.

Склопувањето на целосно подготвените крупни компоненти, односно SKD (Semi Knock Down), започна кон крајот на ноември во Московската фабрика за автомобили „Москвич“. Производството се реализира по принципот на склопување на автомобили според технологијата DKD (Disassembled Knock Down). Тој пристап се разликува од класичното склопување на автомобили CKD (Complete Knocked Down), кое вклучува испорака на целосно готови автомобилски компоненти од фабриката што ги произведува до погонот каде што се врши финалното склопување. Кога станува збор за DKD, тука моторот, менувачот, суспензијата и помалите склопови и погонски делови се отстрануваат од готовиот автомобил, се регистрираат на царина како автоделови, а потоа возилото повторно се склопува.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња