Во Москва почна склопувањето на моделот „Москвич 3“. Каков автомобил е тоа? (ФОТОГРАФИИ)

Агенција за градски вести „Москва“
Фабриката за автомобили „Москвич“, поранешно претпријатие на концернот „Рено“, повторно е пуштена во погон. Започна сериското производство на кросоверот „Москвич 3“. Според министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров, во тековната година треба да почне и производството на електричниот автомобил „Москвич 3е“.

Во московската фабрика „Москвич“ започна сериско производство. Првиот кросовер „Москвич 3“ веќе слезе од производствената лента.

На свечената церемонија по повод стартувањето на погонот беа присутни потпретседателот на владата и министер за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин. Министерот ги презентираше плановите за производство на електрични автомобили и за постигнување технолошка независност на фабриката.

„Во 2022 година стартува SKD склопување на возила, т.е. склопување на целосно подготвени големи компоненти на автомобилот „Москвич 3“ и производство на електрични автомобили. Задачата е во најскоро време, до крајот на 2023 година, да се организираат процесите на SKD монтажа, т.е. склопување на поединечни делови и подсклопови со ангажман на локални добавувачи. Следната фаза ќе биде создавање на сопствена универзална платформа за домашен електричен автомобил, која според планот ќе почне да се реализира до крајот на 2025 година“, изјави Мантуров.

Кросоверот ќе може да се купи во дилерската мрежа „Москвич“ веќе во март 2023 година, соопшти Министерството за индустрија и трговија на РФ. Планирано е автомобилите од оваа марка подоцна да бидат вклучени во државната програма за поддршка на побарувачката, рече Мантуров. Министерот не прецизираше колку отприлика ќе чини новиот „Москвич“.

„Москвич 3“ е преработена верзија на кинескиот кросовер JAC JS4. Се проценува дека основната конфигурација ќе чини 1.999.000 рубли (во моментов околу 32.000 евра). Електричниот „Москвич Зе“ е копија на електричниот автомобил JAC iEVs4 и чини отприлика исто толку.

„Москвич 3“ има бензински турбо-мотор, автоматски CVT менувач или шестстепен мануелен менувач. Станува збор за компактен кросовер со погон на предните тркала, долг 4.410 мм, широк 1.800 мм и висок 1.660 мм. Неговото меѓуоскино растојание е 2.620 мм, а масата 1.440 кг. Електричната верзија на „Зе“ ќе има електромотор од 68 КС, батерија од 55 киловат часови (kWh) и со едно полнење ќе може да помине 410 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња