Ми-14 во ново руво

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Некои системи за вооружување кои пред перестројката ефикасно функционираа полека застаруваа, но немаа адекватна замена во современа Русија. Еден од тие системи е противподморничката одбрана. Со цел модернизација на противподморничката авијација во Русија, повторно ќе се произведува хеликоптерот-амфибија Ми-14.

Основата на подморничката одбрана во моментов ја сочинуваат палубните хеликоптери Ка-27, авионот-амфибија Бе-12 Чајка, подморничкиот Ил-38 и далекустрелниот противподморнички авион Ту-142. Во согласност со современите барања модернизирани се само двата последни авиони од овој список (или нивната модернизација е во тек).

Амфибии со длабински бомби 

Една од варијантите за зајакнување на поморската авијација стручњаците ја гледаат во обновување на хеликоптерот-амфибија Ми-14, кој беше сигурен штит против упадите на подморниците на НАТО во територијалните води на СССР. Способноста да бидат во воздух 5.5 часа додека патролираат над крајбрежјето на оддалеченост од 300 километри, со стандардно сопствено вооружување кое се состои од една нуклеарна длабинска бомба со сила од 1 kt, самонасочувачко подморничко торпедо или осум бомбо со маса од 250 килограми, зајакнати во модернизацијата од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, како и способноста да носи ракети „воздух-брод“, придонесоа овој хеликоптер да претставува закана. Произведени се 273 парчиња за потребите на Воената морнарица на СССР и тоа во три модификации – противподморничка, спасувачка и ловец на мини. Хеликоптерите Ми-14 постепено беа повлекувани од составот на руската флота. 

„Катран“ во борба против бродови и тенкови
Русија ја продолжува работата за создавање морнаричка верзија на ударните хеликоптери Ка-52 и покрај нејасната ситуација со испораката на десантните носачи на хеликоптери од типот Мистрал за воената морнарица на РФ.

Во интервју за изданието „БИЗНИС Online“ постариот научен соработник на Академијата „Жуковски“ Евгениј Матвеев потврдува дека Министерството за одбрана во моментов има издвоено средства за обновување на 10 хеликоптери Ми-14 кои сега се конзервирани. Според него, програмата во целост предвидува три етапи за враќање на оваа амфибија во авијатичката флота: ремонт на хеликоптерите што се наоѓаат во хангарите, модернизација на обновените хеликоптери и обновување на производството. 

Без оглед на мислењето на претседателот на Академијата за геополитички проблеми, докторот на воени науки, капетан од прва класа Константин Сивков дека Ми-14ПЛ спаѓа во застарениот вид воена техника, во моментов за него не постои алтернатива. Тој сепак смета дека опремувањето на хеликоптерот-амфибија со систем за пребарување и за следење како што е комплексот „Новела“ кој се користи во авијацијата на Воената морнарица, во голема мера ќе ги зголеми неговите борбени можности. 

Постојат и поинакви мислења за тоа дека повторното производство на хеликоптерот Ми-14 чини многу, а со оглед на тоа дека фабриките за производство на хеликоптери повеќе ја немаат опремата и документацијата за производство на овие машини, сметаат дека оваа работа е мошне комплицирана.

Не постои алтернатива 

Сепак, тешко дека во блиска иднина конструкторите на авиони ќе можат да предложат аналог на овој оригинал на борбен комплекс. Според Роман Гусаров, главен уредник на порталот Avia.ru, дури ни сериското производство на новиот хеликоптер Ми-38 кое започнува оваа година, нема да го забрза создавањето на неговата амфибиска верзија врз база на овој хеликоптер. 

Претпоставениот обем на производство на „новите“ Ми-14 изнесува 100 парчиња, а стручњаците ги изнесуваат своите претпоставки во врска со местото на производство. Според мислењето на главниот уредник на агенцијата „АвиаПорт“ Олег Пантелеев, една од варијантите е Казанската хеликоптерска фабрика, зашто во советско време таму и се произведувал Ми-14. 

Овој проект, кој според мислењето на многу стручњаци беше затворен со непосредно учество на САД по инцидентот со подморницата на НАТО која беше „притисната“ имено со овој хеликоптер во територијалните води на СССР кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, ги има сите шанси да добие нов живот. Освојувањето на арктичката територија од страна на Руската Федерација, пак, изискува целосно опремени амфибиски сили не само за спасувачките, туку и за ударните машини, а Ми-145 може да ја реши оваа задача.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.