Експерт: Донбас постепено, но неизбежно се приближува до Русија

Суштината на политичкиот дел на Минската спогодба е Донецката и Луганската Народна Република да се вградат во политичкото тело на Украина, но на Украина тоа не ѝ одговара, смета експертот Александар Васиљев

Суштината на политичкиот дел на Минската спогодба е Донецката и Луганската Народна Република да се вградат во политичкото тело на Украина, но на Украина тоа не ѝ одговара, смета Александар Васиљев, историчар, пратеник во градскиот совет на Одеса, кој беше принуден да ја напушти Украина во мај 2014 година. Денес се наоѓа во Донецк, каде работи во состав на тимот на „Сепак. Евроазија“. Тимот работи на книга за државниот систем на ДНР и реализира неколку медиумски проекти.

„Да, навистина, суштината на политичкиот дел на Минската спогодба е Републиките да се вградат во политичкото тело на Украина. Но токму републиките, со своите лидери, тенковите, топовите, даночните системи, вооружените сили итн. Ако се реализира тоа, тоа би бил навистина „лукав план“ кој е погубен за Украина, затоа што тоа би овозможило силната економија на Донбас да работи со полни гради, што само би ја зголемило силата на Републиките“, изјави Васиљев во интервју за порталот „Политнавигатор”.

Меѓутоа, тој смета дека Украинците го знаат тоа и дека никогаш нема да се согласат на тоа. Затоа Донбас никогаш нема да се откаже од својата војска како гарант на независноста од Украина, а Украина нема да ги прими со таа војска.

„Затоа „лукавиот план“ на хартија можеби е и добар, но јас лично не гледам дека е возможна неговата реализација. И затоа е потребен план Б, не толку лукав, но пореален. Дали тој постои и во што точно се состои, јас лично не знам. Но денес гледаме дека републиките фактички се сѐ подалеку од Украина, а сѐ поблиску до Русија. Економијата, финансиите, стандардите за образование, дури и политичкиот систем, сето тоа полека, но незапирливо се приближува до Руската Федерација“, објаснува експертот.  

„А морам и да ги разочарам оние кои ја гледаат сликата на беспомошниот Донбас кого го уништуваат непријателите со премолчена согласност на властите и доброволечките сили. Тоа нема никаква врска со реалноста“, додава Васиљев. 

Одговарајќи на прашањето какво е расположението меѓи населението и дали многумина се подготвени да се врата во состав на Украина, „само да се заврши сѐ што побрзо“, Васиљев вели дека најпопуларен поглед на иднината на Републиката е желбата да се интегрира во состав на РФ според кримското сценарио. „Меѓутоа, многумина не веруваат дека е можно ова решение. Исто така, популарни се идеите за тоа ДНР да се интегрира во некоја поголема единица, од обединување со ЛНР, до основање на Новорусија од Харков до Тираспол. Луѓето овде навикнаа да размислуваат широко, на нив и во Украина им беше тесно, додека територијата со „посебните реони“ главно ја трпат како привремена појава. За мнозинството е минимум да се постигне враќање на границите на областа“, објаснува експертот. 

Тој истакна дека според неговото мислење главните достигнувања за Донбас се рускиот идентитет и сопствените вооружени сили, како гарант на идентитетот. „Сето останато луѓето, со стегнати заби, можат да го жртвуваат. Но не и тоа. Луѓето исто така сосема јасно разбираат дека нивната благосостојба е врзана за функционирањето на тешката индустрија, која овде се гледа како посебна вредност и навистина влијае на општеството и неговиот менталитет. Надежите за обнова на индустријата исто така се врзани пред сѐ за РФ“, изјави Васиљев.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.