Москвич – подемот и падот на познатата фабрика за автомобили

Archive photo
Познатата московска фабрика неколку пати го има менувано името и мина низ различни фази додека на крајот не банкротираше. Ова е хронолошка фотоприказна за фабриката АЗЛК.

1. Зградата на московската фабрика за автомобили „Комунистичка младинска интернационала“ попозната од називот КИМ. Започна со работа во 1930 година.

2. Еден од првите Фордови „Модел А“ кој само што е спуштен од фабричката лента. КИМ на почетокот не ги проектираше своите автомобили зашто советските инженери сѐ уште немаа доволно знаења и искуства. Составувани се кабриолети по лиценца и од делови кои се донесени од САД. Се правеше и товарен модел Форд АА. Во 1933 година фабриката стана дел од заводот во Горки (денешен Нижни Новгород, 400 километри североисточно од Москва).

3. Новата фаза настапи во 1940 година кога КИМ веќе пет години беше самостоен и започна да произведува сопствени модели автомобили. Така во 1940 година на пазарот беше исфрлен првиот модел „КИМ 10-50“ (на фотографијата). Беше полесен од моделите на Форд, развиваше брзина од 90 километри на час. Тоа беше седан инспириран од британскиот модел Ford „Prefect 1938“. Потоа следуваше кабриолетот „КИМ-10-51“, но ниту едниот, ниту другиот модел не беа доволно евтини за да станат популарни кај народот. Во 1941 година фабриката се преориентираше на производство на воена техника.

КИМ-10-50, седан, 1940 година.

4. По Големата татковинска војна фабриката го промени називот и стана Московска мала фабрика за автомобили, позната и како МЗМА. Тогаш почна да го прави новиот модел „Москвич 400“ во чест на 800-годишнината од основањето на Москва која беше одбележана во 1947 година. И овој модел беше направен врз основа на германскиот автомобил Opel Kadett 1938. Потоа во 1954 година направена е обновена варијанта „Москвич 401“ со посилен мотор. Подоцна имаше и други модели.

„Москвич-400“, производство 1946-1954, производ на Московската фабрика за малолитарски автомобили (денес Фабрика за автомобили „Ленински комсомол“ АЗЛК) Експонат на музејот на АЗЛК.

5. Инженерите на МЗМА во 1957 година направија универзален модел под називот „Москвич 423“, првпат на база на советски („Москвич 400“), а не на странски модел. За разлика од современите модели, багажникот му се отвораше налево. Во рекламата се велеше дека овој „вагон“ може да носи 250 килограми товар.

Москвич-423, 1958-1959.

6. „Москвич 407“ беше вистински хит на МЗМА. Се произведуваше од 1958 до 1963 година. Имаше силен мотор и развиваше брзина од 115 километри на час, што за тоа време беше добар резултат. Новиот модел беше дизајниран подобро и воедно чинеше помалку, така што го купуваа многу советски граѓани. Беше популарен и во странство. Се извезуваше во другите социјалистички земји, па дури и во Западна Европа. Доби гран-при на изложбата ЕКСПО 58 во Брисел во 1958 година.

Москвич 407

7. Успешен беше и следниот „Москвич 408“ чие производство започна веќе следната година. Тој исто така беше исклучително популарен и во СССР и во европските земји.

8. Фабриката МЗМА направи неколку тркачки автомобили. Интересен пример беше „Москвич Г-4“ (на фотографијата). Направен е во 1965 година во само три примероци.

9. МЗМА во 1968 година го промени називот во Фабрика за автомобили „Ленински комсомол“ и беше позната како АЗЛК. Овој нејзин назив и денес остана во најдобро сеќавање. Под новото име продолжи да прави нови модели сè дури во 1986 година не беше направен „Москвич 2141“, познат и под називот „АЗЛК-2141“ и „Алеко“. Тоа беше последниот успешен модел на фабриката АЗЛК и првиот советски автомобил со предна влеча.

Москвич-2141 „Алеко“, Фабрика за автомобили „Ленински комсомол“ (АЗЛК).

10. Валентин Коломников беше долгогодишен директор на фабриката, додека уште се нарекуваше МЗМА, а потоа и АЗЛК. Беше на чело на фирмата од 1953 до 1992 година. Многу работници сметаа дека е исклучително строг раководител, но кога почина во 1992 година им се стори дека станале сирачиња. Од 2015 година неговото име го носи една улица во близина на поранешниот круг на фабриката АЗЛК.

Валентин Петрович Коломников, генерален директор на производственото здружение „Москвич“, заменик-министер за автомобилска индустрија на СССР-а во својот кабинет.

11. Коломников почина во тешки времиња по распадот на СССР. Фабриката АЗЛК во 1992 година последен пат го промени називот во акционерско друштво „Москвич“. Другите фирми, како што е ВАЗ, беа голема конкуренција на Москвич, побарувачката опадна, а работниците наместо плата добиваа автомобилски делови.

12. На крајот за „Москвич“ немаше спас, па во 1998 година оваа фабрика радикално ја смени концепцијата и реши наместо евтини автомобили да прaви модел од премиум класа под називот „Иван Калита“ (во чест на прочуениот московски кнез од 14 век) врз основа на моделот „Москвич 2141“. Производството беше запрено во 2001 година зашто квалитетот не одговараше на автомобилите од премиум класа. А тоа не им се допадна на купувачите. Две години подоцна започна процедура за банкрот. „Москвич“ беше официјално затворен во 2010 година.

13. Музејот на АЗЛК (од 1992. музеј „Москвич“) отворен е во 1980 година. Зградата во облик на НЛО служеше како изложбен простор за модели кои повеќе не се произведуваат. Музејот беше затворен во 2006 година кога беше завршена процедурата за банкрот, а автомобилите беа префрлени во други изложбени простори. Сега просториите ги користи друга организација.

Напуштениот клуб „Москвич“

14. Интересно е што називот на фабриката беше тргнат од горниот дел на зградата дури во 2014 година. Тогаш Renault ја зазеде територијата на „Москвич“, а некои згради беа напуштени. Покрај тоа, московските власти решија да ја реорганизираат индустриската зона во градот, така што во поранешните објекти на АЗЛК е отворен Технополис „Москва“, а неискористените објекти беа урнати еден по друг.

Зградата на фабриката на која се врши демонтажа на натписите „АЗЛК“ и „Москвич“, а која подоцна ќе стане дел од комплексот на центарот за иновативна индустрија „Технополис Москва“.

15. Останатиот дел од територијата на АЗЛК денес се претвора во станбена населба со трговски центар. Тука исто така има неколку продавници за стока за домаќинство и автосервис. Останата уште една помала секција на фабриката, но и таа е делумно демонтирана. Наследството од прочуениот „Москвич“ се ближи кон крајот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња