МС-21-300
Дмитриј Терехов (CC BY-SA 2.0)На почетокот на март „Боинг“ и „Ербас“ ги повлекоа своите авиони изнајмени од руски компании и истовремено го прекинаа техничкото опслужување на тие машини. Поради тоа, сега не се во функција околу 80% од авионите на цивилната авијација во Русија. Тие авиони стојат во хангарите.
Во моментов Русија има околу 1300 патнички авиони од сите големини (за кратки, средни и долги линии), од кои 824 летала им припаѓаат на компаниите „Ербас“ и „Боинг“.
Како Русија и нејзините компании ќе излезат од оваа ситуација и кои авиони ќе ги користат Русите сега?
Патнички авион Airbus A320 на компанијата „S7 Airlines“.
Виталиј Ањков/SputnikСитуацијата во која се најде Русија по забраната за користење на авиони на компаниите „Ербас“ и „Боинг“ во современиот свет е практично без преседан, така што не постои ни подготвен и брз одговор на ова прашање. Нешто слично се случи во Иран по Исламската револуција 1979 година, кога земјата се најде под тешки американски санкции. Но, дури и Иран успеа да зачува каква-таква воздухопловна флота што сè уште ја користи. Русија е во подобра ситуација бидејќи има искуство во производство на воени и патнички авиони во советскиот период. Меѓутоа, во моментов нема на располагање значителен број подготвени авиони исклучиво од домашно производство (особено за летови на долги релации). Потребни се една до три години за да се појават, и тоа според оптимистичките прогнози.
Олеснителна околност за руските цивилни авиокомпании се состои во фактот што побарувачката за нивните услуги драстично опадна уште за време на пандемијата. Граѓаните на Русија веќе две години не можат слободно да патуваат низ светот. Сега, поради наметнатите западни санкции, голем број вообичаени дестинации и понатаму ќе бидат затворени. Тоа е, покрај падот на курсот на рубљата, уште еден фактор што значително ја намалува потребата на граѓаните на Русија за летови во странство. Во моментов сé уште има голема побарувачка за летови во Русија. Тука, за волја на вистината, во многу правци, наместо авионски летови, лесно може да се користи железницата, која е многу развиена во Русија и ја покрива речиси целата територија на земјата.
Сепак, Русија има огромна територија, многу големи градови се оддалечени илјадници километри едни од други, така што, се разбира, секогаш ќе има потреба и од воздушен сообраќај, како и од летови до тешко достапни оддалечени населби.
Boeing 747 на компанијата „Трансаеро“.
Виталиј Ањков/SputnikСпоред експертите, постои само еден краткорочен излез од новонастанатата ситуација, а тоа е продолжување на летовите со авионите на „Боинг“ и „Ербас“ во Русија, и во исто време започнување на процесот на оживување на домашното производство на авиони.
„Имаме голем број центри за сервисирање во земјата кои се сертифицирани од „Боинг“ и „Ербас“ и кои можат технички да ги опслужуваат овие авиони без посредници од страна. Најголем проблем се деловите. Сега авиокомпаниите и центрите за сервисирање бараат начини за набавка на делови преку трети земји (Индија, Турција итн.). Ако добиеме резервни делови, ќе можеме да ги користиме тие авиони на територијата на Русија“, додава Власов.
Според него, „Росавијација“ веќе го пропишала овој чекор како единствено можно решение во новонастанатата ситуација и ги доставила своите предлози до руската влада.
„Авионите и понатаму летаат, бидејќи нема избор. Ќе треба долго да ги чекаме нашите сопствени авиони. Таквиот потег ќе ѝ овозможи на нашата авијација да издржи година-две“, заклучува експертот.
Склопување на МС-21-300 во фабриката за авиони на корпорацијата „Иркут“.
Сергеј Мамонтов/SputnikРусија ќе се обиде да се извлече од ситуацијата со тоа што по итна постапка ќе започне со производство на домашни авиони.
Работите не се толку лоши кога се во прашање авионите со краток и среден долет.
„Регионалните линии (до 3000 километри) ќе ги покриваат руски авиони SSJ-100. Можеме дополнително да произведуваме триесетина авиони годишно. Но, и тука има нијанси. За моторите и електрониката на тие авиони се користат француски компоненти“, вели Алексеј Власов, експерт во областа на безбедноста на летовите.
Тој истакнува дека Русија во моментов нема мотор за патнички авиони со краток и среден долет кој би се состоел исклучиво од домашни компоненти, а за создавање на таков мотор ќе биде потребно време.
„Работиме на новиот мотор ПД-8, но тој сé уште не е тестиран. Веќе имаме проект кој е доста напреднат, но ќе ни требаат најмалку три години пред да заврши тестирањето и добивањето на сертификатот, по што ќе започне сериското производство“, додава експертот.
Според него, првите неколку авиони за средни линии на патнички сообраќај (долет 6000 километри) МС-21 ќе се појават веќе кон крајот на оваа година.
МС-21-300 на аеродромот „Раменское“ подготвен за сертификациските тестови
UAC/Global Look PressСпоред процената на Јуриј Сљусар, првиот човек на корпорацијата ОАК, која тој ја изнесе пред актуелните настани, планирано е до 2025 година да се достигне темпо со кое годишно ќе се произведуваат 36 авиони МС-21, а до 2025 година производството ќе се зголеми на 72 летала годишно. Меѓутоа, во сегашните услови тие планови може да бидат ревидирани во корист на побрзо производство и поголеми количини.
Покрај тоа, Русија има можност да го обнови производството на советските авиони со среден долет Ту-204 и Ту-214. Тие би имале мотори ПС-90А кои веќе се произведуваат. Меѓутоа, стручњаците веруваат дека обновувањето на производството ќе бара повеќе труд и време отколку организацијата на производството на делови и склопови за МС-21.
„Можеме да зборуваме за производство на Ту-204 и Ту-214, но не знам колку е тоа актуелно и реално изводливо. Тука би требало да се направи опремата и да се почне со производство“, истакна експертот за безбедност на летови.
Стручњаците се сомневаат и во целисходноста на започнувањето на производството на новиот авион со долг долет Ил-96-400. „Воронешката фабрика е подготвена да ги произведува“, истакнува Власов. Меѓутоа, на Русија не ѝ требаат многу такви авиони, а цената на нивното производство е многу висока и тешко дека тоа би било исплатливо.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче