„Доктор Живаго“ во шпионска игра

Изненадувачкиот факт за вмешаноста на ЦИА во првото издание на овој роман на руски јазик е потпората на новата книга на Петра Куве и на Питер Фин „Случајот Живаго“. На фотографијата: Борис Пастернак. Извор: ИТАР-ТАСС.

Изненадувачкиот факт за вмешаноста на ЦИА во првото издание на овој роман на руски јазик е потпората на новата книга на Петра Куве и на Питер Фин „Случајот Живаго“. На фотографијата: Борис Пастернак. Извор: ИТАР-ТАСС.

Новинарите и научници Петра Куве и Питер Фин поминале многу години во обид да ја откријат вистината за првото издание за еден од најпознатите руски романи. Излегло дека славниот „Доктор Живаго“ на Пастернак на руски јазик го има објавено ЦИА во склоп на својата пропагандистичка војна против СССР. Куве и Фин за „Руска реч на македонски“ зборуваат за резултатите од истражувањата наведени во нивната нова книга „Случајот Живаго“.

По повеќедецениски труд познатиот руски писател Борис Пастернак во 1956 година го завршил својот најпознат роман „Доктор Живаго“, епска приказна за љубовта и за страдањата. Делото отстапувало од официјалната херојско-работничка естетика. Советските власти не дозволиле романот да биде испечатен, но ракописот тајно бил пренесен во Италија. На крајот завршил во рацете на ЦИА. Тоа што многумина не го знаат е дека токму американската агенција го има објавено првото издание на руски јазик и го има претставено на светската изложба во Брисел во 1958 година. 

Изложбата претставуваше ретка можност за голем број советски граѓани да посетат некоја манифестација на Запад – Белгија имаше издадено околу 15.000 визи за посетителите од СССР. Затоа ова беше одлична можност за ЦИА да ја дистрибуира тукушто напечатената книга. „Овој роман има големо пропагандно значење“, стоело во дописот на ЦИА упатен до шефовите на одделите за СССР, „не само поради самата порака која наведува на размислување, туку и поради околностите под кои е печатен: имаме можност да ги поттикнеме граѓаните на Советскиот Сојуз да се запрашаат што не е во ред со нивната влада, кога едно вакво вредно книжевно дело на најголемиот жив руски писател не смее да биде објавено во неговата сопствена земја“. Изданието од 1958 година е само едно од низата. Следната година ЦИА објавува џебно издание во мека поврска, припишано на фиктивен издавач, кое требало да им биде поделено на советските и на источноевропските студенти на Светскиот фестивал на младината и на студентите за мир и пријателство во Виена во 1959 година. 

Гласовите се вистина

Изненадувачкиот факт за вмешаноста на ЦИА во првото издание на овој роман на руски јазик е потпората на новата книга на Петра Куве и на Питер Фин „Случајот Живаго“, која неодамна беше објавена во издание на „пантеон“. „Интересна е и самата приказна во овој роман – од настанувањето до контроверзиите околу Нобеловата награда“, вели Куве, предавач на Санктпетербуршкиот универзитет. Како што започнала да ги открива тајните околу објавувањето на романот, приказната станувала сè позанимлива. 

Советската принцеза и индискиот раџа: кого сакала ќерката на Сталин
Проектот за филмот за романсата на ќерката на Сталин со смртно болниот Индиец Бриџиш Син им беше претставен на руските продуценти на филмскиот фестивал во Кан и побуди интерес, како меѓу руските, така и меѓу индиските инвеститори.

Куве уште во деведесеттите години од минатиот век доаѓа до сознание за улогата што ја има одиграно холандската разузнавачка служба (БВД). Еден поранешен службеник на оваа организација ѝ рекол дека БВД на барање на ЦИА има помогнато романот да биде објавен на руски јазик во Холандија. „Првата статија што ја напишав се занимава со реконструкција на настаните и се засновува на холандски, француски, руски, германски и на американски извори“, вели Куве. Статијата е објавена во јули 1998 година во едно амстердамско литературно списание, со „донекаде неодреден крај“. Во јануари 1999 година врз основа на оваа статија снимена е популарната телевизиска документарна емисија. 

Емисијата ја гледале и двајца поранешни агенти на БВД вмешани во операцијата „Живаго“. Еден од нив, Кес ван ден Хувел, на своите осумдесетина година, добил желба да изнесе уште податоци. „Го посетив неколку пати“, вели Куве. „Ми рече дека ЦИА била главен иницијатор на проектот 'Живаго', што претставуваше прво конкретно сведоштво за вмешаноста на оваа агенција“. 

Питер Фин, сегашен уредник на темите за национална безбедност во „Вашингтон пост“ и поранешен шеф на московското дописништво, пишуваше за ова во 2007 година, а две години подоцна прв од ЦИА побара да го види документот поврзан со случајот „Живаго“. Барањето му било одбиено: „Првиот одговор што го бев добил беше едноставен – не“, вели Фин. „Секако, како и секој новинар, не се откажувам лесно“. 

„Питер разговараше со неколку поранешни службеници на ЦИА“, продолжува Куве. „Тие му укажаа на ова Одделение за историски записи и историчарите од агенцијата покажаа извесна заинтересираност...“ На крајот, три години по првото барање на Фин, авторите го добиле документот кој долго време го чекаа. Гласовите за вмешаноста на ЦИА во објавувањето на изданието од 1958 година „се ширеа и за тоа се шпекулирало речиси од моментот кога оваа книга се појавила“, објаснува Фин, но агенцијата дури сега „конечно ја призна својата улога во оваа работа“. 

Возбудливи моменти  

Овој роман има големо пропагандно значење не само поради самата порака која наведува на размислување, туку и поради околностите под кои е печатен. 

допис на ЦИА упатен до шефовите на одделите за СССР

Куве и Фин го опишуваат добивањето на документот од ЦИА во август 2012 година како „најдобар момент“. „Стаса со редовна пошта на домашната адреса на Питер во Вирџинија“, вели Куве. Во следните месеци авторите заминале во Милано за да го интервјуираат синот на Џанџакомо Фелтринели, првиот издавач на романот „Доктор Живаго“ на италијански јазик. Книгата се појавила во 1957 година во Италија. Куве се сеќава: „Тогаш Питер ми го даде документот. Тоа беше прекрасен ден, па седев на клупа во еден мал парк со куп хартии пред себе. Бев возбудена. Истражувањата ги започнав уште во 1997 година. Дали ова ќе биде 'големото финале'?“ 

Веднаш знаев дека ЦИА е вмешана во печатењето на првото издание на романот на руски јазик“, вели Куве. Документите биле редигувани, но авторите успеале да ги „ископаат имињата“ и да дознаат повеќе за актерите во овој настан врз основа на архивската граѓа и интервјуата. Друг „возбудлив момент“ за Фин бил контактот со ракописот прокриумчарен за Фелтринели. „Страниците беа поврзани со канап и на нив се гледаше ракописот на Пастернак“, се сеќава тој. 

Книгата „Случајот Живаго“ започнува со опис на настаните од мај 1956 година, кога криумчарот на ракописот, италијанскиот новинар Серџо д'Анџело, тргна во слеската дача во Переделкино за да го убеди Пастернак да му го предаде своето дело. Авторите имаат објавено интервју со д'Анџело, кој и самиот има напишано книга за „случајот Пастернак“. 

Тајни што треба да се откријат 

Личните средби на авторите со луѓето од окружувањето на Пастернак ѝ даваат на книгата нота на живост и на автентичност. Иако се опишани настани кои се одиграни пред повеќе од половина век, дејствието е често напнато како во шпионски трилер. Поради реорганизација во рамките на ЦИА, споменатите документи станаа достапни за јавноста на почетокот на годинава, додека Куве и Фин имале ексклузивен пристап кон материјалите во времето додека работеле на книгата. 

Документите сведочат и за вмешаноста на Британците. Неименуван британски агент успеал да го фотографира ракописот на романот „Доктор Живаго“ и да го проследи до ЦИА. Според Фин, постојат уште една или две тајни кои треба да се откријат: „Едно од најважните прашања е името на човекот кој го проследил ракописот до британската разузнавачка служба“. 

Фин вели: „Дојдовме до мали и до големи откритија врз основа на фрагменти од преписката на американскиот конзул во Минхен со Стејт департментот за еден разговор со една од личностите која била вклучена во преводот на романот“. Од првите откритија до кои има дојдено Куве кон крајот на 20 век, до годинашнава интересна публикација, авторите имаат доживеано вистинска литературна авантура. „Ова е навистина фасцинантно патување“, заклучува Фин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.