Русија е подготвена за експлоатација на неизмерните богатства кои се скриени под арктичкиот мраз. Извор: Lori / Legion Media.
Владата на Русија планира да изгради меѓународен иновациски центар за проучување на Арктикот на полуостровот Јамал на Крајниот Север.
Зошто е потребен ваков центар? Според прогнозите, за 50 години Арктикот може да стане еден од основните извори на енергенси и клучен сообраќаен јазол на планетава. Меѓутоа, смислата на арктичкото прашање далеку ги надминува милијардите барели нафта или гас кои овде можат да се експлоатираат. Неодговорниот однос кон Арктикот, наместо глобалните предности, може да донесе глобални проблеми. „Поради тоа, основна задача на сите арктички земји сега е широка примена на напредни, иновативни технологии кои ги штедат ресурсите и можат да функционираат во хармонија со природата“, убеден е губернаторот на Јамал, Дмитриј Кобилкин.
Зошто научниот центар треба да биде токму во Салехард, главниот град на Јамало-Ненецката област? Пред сè, затоа што под Јамал се наоѓаат невидени резерви на енергенси. Испитаните резерви од природен гас, вклучувајќи го и континенталниот гребен на Карското море (продолжеток на копното под морето), сочинуваат 90% од руските и 25% од сите светски залихи. Денес 85% од руската и 20% од светската експлоатација на природен гас се реализира во овој регион. Околу 40% од гасот кој се троши во земјите во Европа доаѓа од Јамал. Освен тоа, наскоро започнува експлоатацијата на наоѓалиштето Бованенково кое крие во себе 5 трилиони кубни метри гас.
Затоа стручњаците кажуваат дека богатствата на Јамал се доволни да ја хранат цела Русија најмалку сто години.
Сево ова го условува бурниот економски развој на регионот. Во наредните 10 години се планира создавање на сообраќајна инфраструктура во овој крај, кој, како и во целиот Краен Север, има доста мала сообраќајна мрежа. Тоа е пред сè пругата и автопатот Надим-Салехард, пругата Салехард-Воркута и големо морско пристаниште, околу три пати поголем од она во Мурманск, во моментот најголемо на рускиот Арктик.
На огромниот простор на рускиот Арктик живеат и работат 4 милиони луѓе, повеќе отколку во која било друга арктичка земја. Извор: ИТАР-ТАСС.
Активната експлоатација на подводните богатства на Арктикот ќе започне во блиска иднина и Русија сѐ поинтензивно се подготвува за тој потфат. Меѓутоа, потребни се многу повеќе стручњаци за арктичкиот континентален гребен, отколку што моментално ги има, бидејќи во услови на климатски промени, неопходно е секој градежен потфат да биде проследен со научни истражувања, од проектирање, па сѐ до надгледување на изградените објекти. Само така може да се зачува природната средина и да се изградат долговечни објекти. И повторно Јамал е во центарот на вниманието. Според зборовите на Владимир Мелников, академик во Руската академија на науки (РАН) и директор на институтот за криосфера на Земјата, „јамалското подрачје е природна научна лабораторија“: овде е собран најмногу материјал поврзан со проблемите на вечно замрзнатото тло.
Новите истражувања го потврдуваат она што старите народи на Крајниот Север отсекогаш го знаеле: Арктикот дава живот.
Имајќи ги предвид овие долгорочни планови, властите на Јамало-Ненецкиот округ, заедно со Меѓународната асоцијација за проучување на вечно замрзнатото тло, организираа грандиозна конференција на која учествуваа повеќе од 600 научници од 35 земји во светот. Сепак, главната особеност на оваа конференција е во тоа што на неа дојдоа многу млади руски истражувачи на вечниот мраз.
Овие млади научници дојдоа благодарение на стипендиите од округот, и во иднина ќе имаат полни раце работа. На пример, што ќе се случи ако во текот на експлоатацијата на гребенот на Баренцовото море или Карското море нафтата се излие од копното во морето и дојде под мразот? Не е исклучено дека моќната Голфска струја ќе се разнесе по сите океани во светот. Задачата на науката е да ги изучи ваквите сценарија.
Василиј Богојавленски, помошник на директорот за наука во Институтот за проблеми со нафта и гас при РАН, предупредува дека океанот се шири и дека бројот на земјотреси ќе се зголемува, меѓу останатото, и во подрачјето на Арктикот. Тоа е неопходно да се има предвид во текот на идните експлоатации на глобалните наоѓалишта.
Решавање на проблемите на експлоатацијата на глобалните наоѓалишта претстои во иднина, но затоа на арктичкото копно уште сега проблеми има многу. Еден од нив е постепеното топење на замрзнатото тло. Своевремено во Норилск (Република Коми) се урнаа 300 згради, бидејќи замрзнатата земја се претворила во каша. Русија не е единствена земја со тој проблем. Слична е ситуацијата и во Алјаска и во Канада.
Сепак, многумина сè уште не веруваат во глобалното затоплување. Дури и присутните новинари на конференцијата во Салехард им здодеаја на научниците поставувајќи едно исто прашање: Дали сте сигурни дека имаме глобално затоплување? Како можете да го докажете тоа?
Докази, како што стојат работите, има дури и премногу. Во арктичката зона има 600 сондажни дупки во кои се набљудува температурата на земјата на длабочина и до 20 метри. Набљудувањата покажаа дека за последниве 20 години температурата пораснала за 1-2 степена.
Ханс Хубертен од Институтот за поларна истражувања во Постдам (Германија), поранешен претседател на Меѓународната асоцијација за проучување на вечно замрзнатото тло, 20 години се занимава со проучување на руската арктичка зона. Тој тврди дека проблемот со климатските промени е мошне актуелен. Тие веќе и со голи очи се видливи, на пример, во Лаптевското море и на делтата на реката Лена. Обично во текот на летото тлото на делтата Лена се топи и до длабочина од 50 сантиметри, а сега се топи и до 70 сантиметри. Земјата на дното на Лаптевското море е како „швајцарско сирење“. Ерозијата на земјата на морскиот брег е сѐ поголема и не е исклучено дека приморските населби ќе мораат да се селат во централните делови на полуостровот, предупреди Хубернет.
Фактот што арктичкото тло содржи огромни количества нафта и гас исто така има свои последици. Ентони Левкович, претседател на Асоцијацијата за проучување на вечно замрзнатото тло, објаснува: „Кога тлото ќе почне да се топи, јаглерод диоксидот од земјата ќе почне да се ослободува како гас. Не знаеме во која мера таа ситуација ќе биде ризична. Според една хипотеза, се ослободува уште повеќе јаглерод диоксид. Таквата ситуација би можела да влијае на климата во целиот свет, а не само во регионот со замрзнатата земја.“
Научниците засега не можат да дадат прогноза колку тоа ќе трае. „Не знаеме точно колкаво ќе биде количеството ослободен јаглерод диоксид, но во текот на наредните децении и векови сигурно ќе биде големо. Времето и видот на ослободување на јаглерод диоксидот се прашања кои се испречуваат пред науката‘‘ – изјави Лекович. За да се добие одговор на овие прашања, треба да се изградат голем број мултидисциплинарни опсерватории во целиот Арктик, па и во Русија. Првата таква опсерваторија ќе биде изградена на Белиот остров.
Меѓутоа, денес вечно замрзнатата земја не е во кругот на интерес на науката само од гледна точка на нејзината реакција на индустријализацијата на арктичкиот регион. Како што рече академикот Владимир Мелников, „науката почнува да се интересира за мразот како таков“.
Денес вечно замрзнатата земја не е во кругот на интерес на науката само од гледна точка на нејзината реакција на индустријализацијата на арктичкиот регион. Како што рече академикот Владимир Мелников, „науката почнува да се интересира за мразот како таков“.
Имено мразот е огромен извор на слатка вода. Постои проект за превоз на мраз со помош на специјални танкери од Антарктикот во други безводни делови на светот. Уште не дошло време за реализација на ваквите идеи, но научниците не се сомневаат дека мразот еден ден ќе му служи на човештвото како извор на вода за пиење.
Освен сево ова, вечно замрзнатата земја ни подготвува и еден навистина божествен подарок. Пред две години руските научници во замрзнатата земја открија бактерии кои овде поминале милион години и успеаја да ги оживеат. Се работи за палеобактерии од видот Bacilius sp. Микробиолозите во почетокот не веруваа дека тоа е возможно и тврдеа дека ДНК може да „спие“ најмногу 10 илјади години. Меѓутоа, бактериите се пратени на испитување во неколку земји од светот и откритието на руските научници е потврдено: организмите оживеале. Но, најинтересно е тоа што тие имаат способност да го продолжат човековиот живот!
Со сензационален труд на конференцијата во Салехард настапи Људмила Калјонова, доктор по биологија и главен научен соработник на Тјуменскиот научен центар на Сибирското одделение на РАН. Калјонова покажа дека палеобактериите имаат својства на геропротектор, т.е. способност да го продолжуваат животот. Ги искористиле врз постари глувци и резултатите биле неверојатни!
Според ова, нафтата, гасот, дијамантите и златото воопшто не се најголемото богатство во вечно замрзнатата земја. Изгледа дека новите истражувања полека го потврдуваат она што домородните народи од Крајниот Север отсекогаш го знаеле: Арктикот дава живот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче