Кинески „Соху“ ги спореди нуклеарните мразокршачи на руската и американската флота

Birulik / https://commons.wikimedia.org
САД заостануваат зад Русија во развојот на флотата мразокршачи, особено на нуклеарната, најмалку 10 години. До овој заклучок дојде кинескиот портал „Соху“ (Sohu), кој ја анализираше состојбата во оваа сфера.

Авторот на материјалот потсетува дека есента минатата година во Русија беше спуштен во вода универзалниот нуклеарен мразокршач од проектот 22220 „Арктикˮ, додека во различни завршни фази на изградба се наоѓаат уште четири брода од оваа класа. Нивната должина е 173 метри, ширината 34, а депласманот 33,4 илјади тони. Два нуклеарни реактори „Ритм-200ˮ им овозможуваат да пробијат мраз со дебелина до три метри.

Русија во моментов има преку 40 мразокршачи, од кои половина се на нуклеарен погон. Според овој показател Русија на тој начин е прва на светот, додека на второ место со седум бродови (ненуклеарни) е Исланд. САД во овој момент имаат само два мразокршачи, Healy и Polar Star, при што првиот се наоѓа на ремонт поради пожар.

Јасно е дека таквата ситуација е историски причинета. Поголемиот дел од руската крајбрежна линија припаѓа на северните мориња, каде што практично нема незамрзнати пристаништа. Мразокршачите тука се од витално значење за да се обезбеди непрекината испорака на товар меѓу европскиот дел на земјата и Сибир, како и по Северниот морски пат.

Американците никогаш немале такви потреби. Од друга страна, последниве години значително е зголемен интересот за Арктикот од гледна точка на неговите природни ресурси, стратешката положба и трговијата. Земјата што ќе ја контролира пловидбата во тој регион ќе си обезбеди значајна предност во сите сфери. За да донекаде барем го надоместат пропуштеното, Американците решија да ја обноват изградбата на мразокршачи, но засега станува збор за само шест бродови.  

Освен тоа, истакнува авторот на текстот, развојот на нуклеарните мразокршачи ќе ѝ помогне на Русија да го унапреди нуклеарниот погон за борбените бродови, вклучувајќи ги и носачите на авиони, доколку земјата посака да ги произведува. Се работи и за тоа што на пловечките авиобази со депласман од преку 100 илјади тони им е потребен компактен, а многу моќен погонски систем.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња