Новиот руски „летечки радар“ од наредната година влегува во вооружувањето?

TASS
Русија не само што го обновува сегментот на својата борбена авијација, туку интензивно работи и на развој на современи авиони за воздушна поддршка. Конкретно, станува збор за авиони за воздушно набљудување и командување кои се од витално значење за секое современо воено воздухопловство, наведува американскиот интернет-портал Military Watch Magazine.

Руските авиони за воздушно набљудување и командување А-50 (или „летечки радари“) се наоѓаат во вооружувањето уште од 1989 година. Се работи за многу сигурни летала, кои сепак се во ограничен број. Модернизираниот американски авион од ист тип E-3 Sentry има предност во однос на овие летала кога станува збор за бројот на расположливите единици, но и во однос на тактичко-техничките можности. Во 2011 година руското воено воздухопловство го доби првиот модернизиран авион А-50У со радарско-набљудувачка станица со зголемени можности. Меѓутоа, во наредните години треба да се очекува значително унапредување на руската армија и на ова поле. Имено, почнувајќи од следната година, во оперативното вооружување на руската армија треба да влезе новиот авион А-100 „Премиер“, кој го реализираше својот прв пробен лет годинава.

Примената на современи електронски компоненти овозможи да се намалат димензиите на системот за откривање на непријателски цели, што значи дека овој авион не само што ќе може да следи далеку поголем број на цели во однос на А-50У, туку ќе може и подолго да остане во воздух. Максималната должина на летот на авионот А-50У изнесува малку повеќе од 9 ч. Според американското издание, обновената радарско-набљудувачка станица ќе може да детектира цел на растојание и до 1000 километри, што е за 200 километри повеќе од основната верзија А-50, пренесува интернет-порталот РГ.

Растојанието за откривање на воздушна цел која одговара на еквивалент на стандарден ловечки апарат е зголемено за 1/3 (кај авионите А-50 изнесуваше околу 300 км). Зголемен е и бројот на целите што можат да се следат истовремено, а подобрен е и системот за управување и наведување на ловечко-пресретнувачката авијација.

А-50У е способен да открива и минијатурни копнени објекти. Системот за лансирање лажни ИЦ мамки, како и средствата за активни и пасивни електронски пречки, значително ја зголемуваат борбената жилавост на овој авион. Покрај тоа, работните места на операторите во авионот се далеку покомфорни. Во него има просторија за одмор и кујна.

Сепак, стручњаците веруваат дека американскиот Е-3 ја задржал својата предност во однос на А-50У. Меѓутоа, појавата на новиот руски авион А-100 сигурно ќе биде предизвик за американскиот пандан. Нема пошироки информации за новиот руски суперсофистициран авион за набљудување на воздушниот простор и командување. Извесно е дека главниот радарско-набљудувачки пункт ќе биде опремен со антена со активна фазна решетка. Максималната далечина на зафаќање на целта, поточно нејзиното следење, ќе биде 650 км. Целиот комплекс ќе биде интегриран во универзалниот воено-транспортен авион Ил-76МД-90А, што ќе доведе до продолжување на ефективното време на летот (во часови) благодарение на помоќните и во исто време поекономични мотори, како и примената на современите електронски склопови кои се значително полесни од веќе надминатите решенија.

Според авторот на овој текст, во овој момент не е сосем познато колку се ефикасни авионите за воздушно набљудување и командување против повеќенаменските ловци од петтата генерација, како што се Су-57 или F-35. Сериското производство и усвојувањето во вооружувањето на новиот руски „летечки радар“ А-100 „Премиер“ ќе го забрза развојот на американскиот пандан од нова генерација, убеден е авторот на овој текст.

Погледнете ја првата видео-снимка со „летечкиот радар“ А-100

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња