Што велат во Русија за извештајот за летот MH17

Ројтерс
Меѓународниот тим за истрага под покровителство на холандското обвинителство првично ја обвини Русија за падот на малезискиот Боинг-777 над Донбас. Без последици за Русија тоа нема да остане, треба да се подготвиме за најлошото, велат експертите.

Холандското обвинителство го објави вториот дел од истрагата на заедничкиот истражен тим (со претставници на Украина, Белгија, Малезија, Австралија и Холандија) за виновниците за несреќата на малезискиот Боинг 777 на југоистокот на Украина. Две години по катастрофата, истражителите дадоа одговор на прашањето за тоа кому му припаѓаше ракетниот систем „Бук“ од кој беше гаѓан патничкиот авион и на чија територија се наоѓаше.

Според нивната верзија, лансирањето на ракетата во Боингот се случило од територија која беше под контрола во јули 2014 година на доброволците – недалеку од селото Первонајск – а системот „Бук, од кој беше гаѓано, бил донесен во Украина од Русија, а по гаѓањето бил вратен назад.

На тој начин, истрагата првично ја префрли врз Русија за настанот, но не наведе конкретни имиња. За наводно осомничените за соборувањето на авионот комисијата има список на околу 100 лица. Но, за официјални обвиненија на адреса на Русија генералниот обвинител на Холандија и координатор на истрагата Фред Вестербек не зборуваше. Последниот збор во истрагата ќе даде меѓународен суд, а извештајот ќе фигурира таму како основа за докази. Засега рокот за истрагата е продолжен до почетокот на 2018 година.

Каде се фамозните снимки?

Донецката народна република (ДНР) веднаш ги демантираше тврдењата на иследниците, нарекувајќи ги „лага“ во врска со одбивањето за презентирање на доказите. „Тие ги даваат тие изјави, а основата за доказите, која се наоѓа во фотоснимките на САД, никој не може да ја презентира“, изјави во интервју за радиото „Зборува Москва“ (Говорит Москва) заменик-командантот на корпусот на Министерството за одбрана на ДНР Едуард Басурин. „Поминаа веќе две години, а тие снимки никој не ги виде. И Украина одбива да го покаже воздушниот простор со своите радари. Се работи за измама, тие лажат“, додаде тој.

На презентацијата на извештајот снимките сепак ги покажаа, но не и сателитски снимки. Меѓу нив и фотографии од очевидците кои виделе како го превезувале наводно истиот „Бук“, како и фотографија од изгорена земја во поле, т.е. од местото од кое наводно бил стрелано.

Кремљ ваквите докази очекувано ги смета за неубедливи. На денот на презентацијата, еден час пред нејзиниот почеток, портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков изјави дека доброволците „непобитно“ не учествувале во соборувањето на MH17, повикувајќи се на два дена претходно објавените од руска страна нови податоци за случајот.

Станува збор за податоци од руските радари кои се наоѓаат на руско-украинската граница. Судејќи според нив, нападот со ракета врз Боингот можел да се случи само од страната под контрола на украинската армија и, со самото тоа, ја исклучува веројатноста за напад од правец на територијата под контрола на доброволците. „Податоците се дефинитивни и во тие податоци нема ракета. Доколку имало ракета, таа можела да биде истрелана единствено од друга територија“, изјави Песков. „...Тоа се работи за кои не може да се полемизира, кои не може да се дискутираат“.

Овој руски аргумент, патем речено, не е земен предвид во завршниот извештај на истражната група, изјавија новинарите по презентацијата.  

„Русија е виновна за сѐ – ова се претвора во аксиома“

Сега, независно од тоа дали меѓународниот трибунал ќе ја прогласи Русија за виновна или не, за Западот таа е несомнен виновник за настанот – во ваквото мислење се согласуваат руските експерти.

„Вистинските причини, ве уверувам, никогаш нема да ги дознаеме, затоа што ако Русија на некој начин била вмешана во оваа катастрофа, убеден сум дека западните земји би сториле сѐ што е неопходно и би ги објавиле овие материјали веднаш и не би чекале две и пол години по катастрофата“, изјави во програмата на „Комерсант FM“ претседателот на Меѓународниот сојуз на експерти Александар Гусев.

Според директорот на Меѓународниот институт за хуманитарно-политички истражувања Вјачеслав Игрунов, вината на Русија е за западните елити практично решено прашање. „И дури и ако трибуналот даде спротивен резултат, не мислам дека нивниот став ќе се промени. Згора на тоа, не очекувам дека трибуналот може да донесе спротивна одлука. Во секој случај, тој ќе каже дека нема доволно докази“, претпостави тој во интервјуто за „Руска реч на македонски“.

Русија, се разбира, нема да го признае тој суд, „тој ќе нѐ суди во отсуство“, прогнозира продеканот на Факултетот за светска економија и политика Андреј Суздаљцев. А токму последиците можат да бидат крајно сериозни, сѐ до запленување на имот во странство. „Извештајот случајно се совпадна со тешката полемика за настаните во Сирија: бомбардирањето на позициите на владината сириска армија и бранот протести поради запалениот хуманитарен конвој, за што ја обвинуваат Русија“, истакнува Суздаљцев.  Пред два дена со барање за воведување антируски санкции поради конвојот истапи новиот шеф на МНР Велика Британија Борис Џонсон, денеска веќе го поддржаа низа официјални лица во Вашингтон – очигледно, Русија ја очекува нов бран конфронтации со Западот, заклучува тој.

Меѓутоа нови санкции се тешко веројатни, сметаат соговорниците на „Руска реч на македонски“. Од почетокот, сѐ до истрагата, Русија ја прогласија за виновник, што послужи како иницијална каписла за постојните санкции. Сега останаа мошне малку сектори во кои санкциите се сѐ уште можни, но притоа одговорот на Русија е непредвидлив.

„Досега на испадите против нас (со спортистите во предвечерието на Олимпијадата, на пример), одговаравме воздржано и претпазливо, без да се впуштаме во некаков силен конфликт. Тактички тоа е правилно, но практично – настануваат проблеми. Русија е виновна за сѐ – ова се претвора во аксиома“, вели Суздаљцев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.