Василиса Прекрасна – руска народна сказна

Илустрации на Иван Јаковлевич Билибин, извор: Википедија

Илустрации на Иван Јаковлевич Билибин, извор: Википедија

По повод денешниот празник Св. Василиј Велики, кој во народот е познат како Василица, редакцијата на Руска реч на македонски ви ја нуди една од најубавите руски сказни.

Во некое царство си живеел трговец. Дванаесет години тој живеел со жена си и имал само една ќерка, Василиса Прекрасна. Кога мајката умрела, девојчето имало само осум години. Пред умирање мајката ја викнала ќерка си, извадила една кукла од под постелата, ѝ ја дала и ѝ рекла:

- Слушај, Василиса! Запомни ги и исполни ги моите последни зборови. Јас умирам и како родителски благослов ти ја оставам куклава; чувај ја постојано со себе и никому не покажувај му ја, а кога ќе те снајде некаква несреќа дај ѝ нешто да касне и прашај ја за совет. Таа ќе касне и ќе ти каже како да се спасиш од несреќата.

Потоа мајката ја бакнала Василиса и умрела.

По смртта на жена си, трговецот, како што било ред, жалел, а потоа почнал да размислува да се прежени. Тој бил многу добар човек. Не можел да си најде млада невеста, но затоа му се допаднала една вдовица. Таа веќе била во години, имала две ќерки, кои биле речиси колку Василиса, – па така се погодила, ем домаќинка, ем мајка. Трговецот се оженил за вдовицата, но се прешол, зашто таа не била добра мајка за Василиса. Василиса, пак, била најубава девојка во селото, а маќеата и нејзините посестрими ѝ завидувале на убавината, ја мачеле со секакви работи за да ослабне од премаленост и да поцрни од сонцето и ветерот. Невозможно било да се живее со нив!

Василиса правела сè што ќе ѝ кажеле без притоа да се буни и секој ден станувала сè поубава и покрупна, а маќеата и нејзините ќерки слабееле и огрдувале од злоба, без оглед на тоа што тие постојано седеле со скрстени раце како некои госпоѓи. Како се случило тоа? На Василиса ѝ помагала куклата. Како инаку ќе се снаоѓало девојчето со сета таа работа? Затоа се случувало Василиса да не го дојаде јадењето, ами да го остави последното залче и навечер, кога сите ќе легнеле да спијат, таа се затворала во својата одаја и ѝ велела на куклата:

- Кукличке, касни го залчево и несреќата моја ислушај ја! Живеам дома, кај татко ми, но без никаква радост и среќа; лошата маќеа постојано ме мачи. Научи ме како да живеам и што да правам?

Куклата ќе си каснела, па потоа ќе ѝ дала совет на Василиса и притоа ќе ја утешела, а следното утро ја завршувала сета работа за Василиса, а таа си се одморала во ладовината и цвеќиња си берела, а леите биле навадени, зелката полиена, водата донесена и печката разгорена. Куклата ѝ кажувала на Василиса и која билка да ја земе за да се заштити од сонцето. Убаво било да се живее со куклата.

Поминале неколку години. Василиса пораснала и станала мома. Сите ергени од градот ја гледале, а ќерките на маќеата никој и не ги забележувал. Маќеата се лутела и им велела на ергените: „Не ја давам најмладата пред постарите да ги омажам!”

Еднаш трговецот решил да замине од дома на подолго време по работа. Маќеата се преселила во другата куќа, а покрај неа имало густа шума, а во шумата, на една полјанка, си стоела куќичка, а во куќичката живеела Баба рога: таа не дозволувала никој да ѝ се приближи и ги јадела луѓето небаре се пилиња. И така маќеата постојано ја испраќала Василиса во шумата по нешто, но таа постојано се враќала дома здрава и жива: куклата постојано ѝ го покажувала патот и не ѝ дозволувала да се приближи до куќарката на Баба рога.

Дошло есен. Маќеата на сите три девојки им дала вечерни задачи: едната ја натерала да везе милје, другата да плете чорапи, а Василиса да преде. Маќеата ги изгаснала огновите и оставила да гори само една свеќа во собата во која работеле девојките, а таа отишла и си легнала. Девојките работеле. Свеќата почнала да се разгорува, па една од ќерките на маќеата зела маша да го поправи огнот, но наместо тоа ја изгаснала свеќата.

- Што ќе правиме сега? – велеле девојките. – Ќе немаме оган цела ноќ, а нашите задачи не се завршени. Треба некој да отрча кај Баба рога и да донесе оганче.

- Мене ми е светло од иглата – рекла таа што го везела милјето. – Јас нема да одам.

- И јас нема да одам – рекла таа што плетела чорапи. – И мене од игливе за плетење ми е светло.

- Ти треба да одиш по оганче – завикале двете. – Оди кај Баба рога! – и ја истуркале Василиса од собата.

Василиса отишла во својата одаја, ја поставила веќе подготвената вечера пред куклата и рекла:

- Кукличке, касни го залчево и несреќата моја ислушај ја: ме праќаат да одам кај Баба рога, а таа ќе ме изеде!

Куклата си каснала, очите ѝ заблескале како свеќички.

– Не плаши се, Василиса! – рекла таа. – Оди кај што те праќаат, само земи ме и мене со себе. Кога си со мене Баба рога ништо не може да ти направи.

Василиса се подготвила. Ја ставила куклата во џебот и крстејќи се тргнала во густата шума. Одела Василиса и се тресела од страв. Одеднаш пред неа излегол коњаник: тој бил бел, облечен во бело, коњот му бил бел, а и коњската опрема била бела, – во дворот почнало да се разденува. Продолжила Василиса понатаму кога пред неа се појавил друг коњаник: тој бил црвен, облечен во црвено, коњот му бил црвен – сонцето почнало да изгрева.

Василиса одела цела ноќ и цел ден и дури следната вечер се нашла на полјаната на која стоела куќарката на Баба рога; оградата околу неа била направена од човечки коски, а одозгора човечки черепи со очи; наместо столбови крај вратата – човечки нозе; наместо резиња – раце, наместо клучалка – вилица со остри заби. Василиса занемела од ужас и се вкочанила. Одеднаш, гледа, повторно доаѓа коњаник: тој бил црн, облечен во црно и на црн коњ. Скокнал тој преку вратата на Баба рога и исчезнал, како в земја да пропаднал – се стемнило. Но темнината не траела долго: од черепите на оградата почнале да светкаат очите и сета полјана станала светла, како среде бел ден. Василиса се тресела од страв, но не знаејќи каде да бега останала на своето место. Наскоро од шумата се слушнал страшен шум: дрвјата се треселе, сувите лисја шумолеле. Од шумата дошла Баба рога – со толчникот тера, а зад себе трагите со метла ги брише. Дошла до вратата, застанала и почнала да мириса наоколу, па завикала:

- Ух-ух! Мириса на човек! Кој има тука?

Василиса ѝ се приближила на старицата со страв, ниско се поклонила и рекла:

- Јас сум, бабичке! Ќерките на мојата маќеа ме испратија кај тебе по оганче.

- Добро, – рекла Баба рога – ги знам јас нив, дојди кај мене и поработи малку, па ќе ти дадам оганче, а ако не сакаш тогаш ќе те изедам!

Потоа се свртела кон вратата и извикала:

- Еј, клучалки мои цврсти отклучете се, еј порти мои широки отворете се!

Портите се отвориле и Баба рога влегла, по неа влегла и Василиса, а потоа портите повторно се затвориле. Откако влегла во одајата Баба рога се раскомотила и ѝ рекла на Василиса:

- Дај што има да се јаде од печката, гладна сум.

Василиса запалила светлина од три черепи што биле на оградата и почнала да вади јадење од печката за Баба рога, а за јадење имало десет луѓе. Од визбата донела квас, мед, пиво и вино. Баба рога сè изела и сè испила. На Василиса ѝ оставила само малку чорба, крајче леб и парче свинско. Пред да си легне Баба рога ѝ рекла на Василиса:

- Утре кога ќе заминам исчисти го дворот, измети ја куќарката, направи вечера, испери ги алиштата, оди во амбарот, земи пченица и исчисти ја. И сето тоа да си го направила, оти ќе те изедам.

По таквата закана Баба рога за'рчела, а Василиса ја ставила храната од старицата пред куклата, почнала да лие солзи и рекла:

- Кукличке, касни го залчево и несреќата моја ислушај ја! Баба рога ми даде тешка работа и ми се заканува дека ќе ме изеде ако не ја завршам, те молам помогни ми!

Куклата одговорила:

- Не плаши се, Василиса Прекрасма! Вечерај, помоли се и легни си. Утрото е помудро од ноќта!

Утрото Василиса се разбудила, а Баба рога била веќе станата. Погледнала низ прозорецот: очите од черепите почнале да се гаснат; блеснал белиот коњаник и сосема се разденило. Баба рога излегла во дворот, свирнала, а пред неа се појавиле аванот, толчникот и метлата. Блеснал црвениот коњаник и сонцето се појавило. Баба рога седнала во аванот и одлетала од дворот, со толчникот тера, а со метлата трагите ги брише. Василиса останала сама. Погледнала на куќата на Баба рога, му се изнагледала на изобилието и почнала да се мисли која работа попрво да ја фати. Гледа таа така, а сета работа веќе била сработена. Куклата ја исчистила пченицата до последно зрно.

- Ах, ти, спасителке моја! – ѝ рекла Василиса на куклата – Од несреќа ме спаси.

- Ти остана само вечерата да ја направиш, – одговорила куклата, влегувајќи во џебот на Василиса. – Направи го со лесно и одмори си се!

Вечерта Василиса седнала на масата и ја чекала Баба рога. Почнало да се стемнува. На вратата блеснал црниот коњаник и настанала ноќ. Само очите од черепите светеле.

Дрвјата се затресле, лисјата зашумолеле – Баба рога иде. Василиса ја пречекала.

- Сè ли е направено? – прашала Баба рога.

- Повелете, погледнете сама, бабо! – рекла Василиса.

Баба рога погледнала, разгледала да не најде нешто за да се налути, па рекла:

- Добро!

Потоа свикала:

- Верни слуги мои, пријатели срдечни, сомелете ја мојата пченица!

Се појавиле три пара раце, ја зеле пченицата и ја сомлеле.

Баба рога се најала, па подготвувајќи се да си легне ѝ наредила на Василиса:

- Утре да го направиш истото што и денес, и уште земи од амбарот афион, па и него исчисти го од земја! Некој од злоба го извалкал.

Рекла така старицата, се завртела кон ѕидот и за'рчела, а Василиса почнала да ја храни куклата. Куклата се најала и ѝ кажала исто како и претходната вечер:

- Помоли му се на Бога и легни си. Утрото е помудро од ноќта. Сè ќе биде сработено, Василиса.

Утрото Баба рога повторно одлетала со аванот, а Василиса и куклата веднаш ја завршиле сета работа. Старицата се вратила, погледнала наоколу и свикала:

- Верни слуги мои, пријатели срдечни, извадете масло од мојот афион!

Се појавиле три пара раце, го зеле афионот и направиле масло.

Баба рога седнала да вечера. Јадела таа, а Василиса стоела молчешкум.

- Зошто не ми зборуваш? – рекла Баба рога. – Стоиш простум небаре си нема!

- Па немам храброст, – одговорила Василиса – а ако ми дозволиш јас би те прашала нешто.

- Ајде, прашувај, ама да знаеш дека секое прашање не води кон добро: ако знаеш многу побргу ќе остариш!

- Сакам да те прашам, бабичке, за она што го видов: кога доаѓав кај тебе се појави бел коњаник, облечен во бело и на бел коњ. Кој е тој?

- Тоа е денот мој јасен – одговорила Баба рога.

- Потоа се појави друг коњаник на црвен коњ, а и тој беше црвен, па згора на тоа и облечен во црвено. Кој е, пак, тој?

- Тоа е моето црвено сонце! – одговорила Баба рога.

- А што значи црниот коњаник кој се појави пред твоите порти, бабо?

- Тоа е мојата темна ноќ – сите тие ми се слуги верни!

На Василиса ѝ текнало за трите пара раце, но си молчела.

- Нема ништо друго да прашаш? – рекла Баба рога.

- Доволно беше. Ти самата, бабо, рече дека ако многу прашувам ќе остарам.

- Добро е – рекла Баба рога – што прашуваш само за она што си го видела надвор од дворот, а не и за она што е во него! Јас не сакам кога домашните расправии ми се изнесуваат надвор од куќарката, а оние што се љубопитни ги јадам! Сега јас тебе ќе те прашам нешто. Како успеваш да ја завршиш сета работа што ти ја давам?

- Ми помага мајчиниот благослов – одговорила Василиса!

- Така ли? Ајде, бегај од мене, ќерко благословена! Мене благословени не ми требаат!

Ја исфрлила таа Василиса од одајата и ја истуркала низ вратата, симнала од оградата еден череп со очи што гореле, го набила на колец, ѝ го дала на Василиса и ѝ рекла:

- Еве ти оганче за ќерките на твојата маќеа. Земи го! Тие по тоа и те пратиле кај мене!

Пошла Василиса дома трчајќи под светлото на черепот, кој  згаснал со доаѓањето на денот. Дури следната вечер таа успеала да дојде дома. Се приближила до вратата и сакала да го фрли черепот. „Дома сум, – си помислила – повеќе оган не е потребен“. Но, одеднаш се слушнал придушен глас од черепот:

- Не фрлај ме, однеси ме кај твојата маќеа!

Василиса погледнала на куќата на нејзината маќеа и откако видела дека во неа не свети оган решила да влезе со черепот. Најпрво ја пречекале топло и ѝ раскажале дека сè дури таа не дошла дома немало оган. Тие самите не можеле да запалат, а оној што го носеле од соседите се гасел веднаш штом ќе го внеле во одајата.

- Твојот оган белки ќе издржи! – рекла маќеата.

Го внеле черепот во одајата, а очите постојано гледале на маќеата и на нејзините ќерки и светеле! Тие почнале да се кријат, ама каде и да мрднеле очите оделе по нив, сакајќи да ги изгорат маќеата и нејзините ќерки. На изгрејсонце тие биле сосема изгорени. Останала само Василиса.

Утрото Василиса го закопала черепот в земја, ја заклучила куќата со катанец и отишла во градот. Таму таа се сместила кај некоја старица што живеела сама. Така Василиса си живеела кај неа и го чекала татка си. И ѝ рекла Василиса на бабата:

- Здодевно ми е да седам без работа, бабичке! Оди купи ми најубав лен, а јас ќе го испредам.

Старицата купила убав лен. Василиса се фатила за работа и тоа го правела со жар, а преѓата толку тенка и убава небаре влакно. Многу преѓа се насобрало, па дошло време за ткаење, ама разбој за преѓата на Василиса не можело да се најде, а никој не ни сакал да направи. Василиса почнала да ја моли куклата, а таа ѝ одговорила:

- Донеси ми некоја стара рамка од разбој, па и стар чун и малку коњска грива, а јас сè ќе средам.

Василиса нашла сè што било потребно и легнала да спие, а куклата преку ноќ направила разбој. Кон крајот на зимата и платното било исткаено, а било толку тенко што со игла не можело нитка да се провлече.

На пролет го обелеле платното, а Василиса ѝ рекла на старицата:

- Продај го, бабичке, платново, а парите земи си ги за себе.

Старицата го погледнала платното и воздивнала:

- Не, ќерко! Вакво платно е само за царот! Ќе го однесам во дворецот.

Тргнала старицата кон палатата и почнала да оди околу прозорците.

Ја видел царот, та ја прашал:

- Што сакаш, старице?

- Ваше царско височество, – одговорила старицата – ви донесов прекрасен подарок и никому освен Вам не сакам да му го покажам.

Царот наредил да ја пуштат старицата кај него, а кога го видел платното се восхитил.

- Што сакаш за него? – прашал царот.

- Тоа е бесценето, царе! Ти го донесов како подарок.

Ѝ се заблагодарил царот на старицата и ја дарувал.

Од платното почнале на царот кошули да му шијат. Ги скроиле, но никаде не можеле да најдат шивачка што би се нафатила на таа работа. Долго барале, а на крајот царот ја повикал старицата и ѝ рекол:

- Ако си го спрела и сткајала ти платново, тогаш ти од него ќе знаеш и кошули да направиш.

- Не го спрев и не го сткајав јас платното, Ваше величество, ами девојката што живее кај мене.

- Па, тогаш таа нека сошие!

Се вратила старицата дома и ѝ раскажала на Василиса сè по ред.

- Знаев, – ѝ одговорила Василиса – дека таа работа нема да ги мине моите раце.

Се затворила таа во својата одаја и се фатила за работа. Шиела Василиса без престан и една дузина кошули веќе била готова.

Старицата ги однела кошулите кај царот, а Василиса се измила, се исчешлала, се облекла и седнала крај прозорецот. Си седи така и чека да види што ќе се случи. Кога што ќе види: во дворот на старицата доаѓа царски слуга. Влегол тој во одајата, па ѝ рекол на Василиса:

- Царот сака да ја види мајсторката што му ги сошила кошулите и да ја награди со свои раце. Пошла Всилиса и се појавила пред царските очи. Кога царот ја видел Василиса Прекрасна се вљубил во неа до уши.

- Не, – ѝ рекол тој – убавице моја! Нема да се разделам од тебе. Ти ќе ми бидеш жена.

И така царот ја зел Василиса за белите раце, ја седнал до себе, па и свадба направиле. Наскоро се вратил и таткото на Василиса, се израдувал на нејзината судбина и останал да живее кај ќерка си. Василиса си ја зела старицата кај себе, а куклата ја носела во џебот до крајот на животот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.