Како Русите го слават Велигден

Главното велигденско јадење кај православните се боените јајца, велигденскиот козинак и пасха (велигден – заб. прев.), јадење направено од слатка урда и суво грозје. Извор: AFP / East News.

Главното велигденско јадење кај православните се боените јајца, велигденскиот козинак и пасха (велигден – заб. прев.), јадење направено од слатка урда и суво грозје. Извор: AFP / East News.

Денес православните христијани го слават Велигден. Тоа е најголемиот празник во христијанскиот календар. Во советско време не се поддржувало учеството во велигденските празнувања, па како резултат на тоа велигденските традиции биле заменети со нови – советски, кои црквата особено не ги одобрува.

Велигденските празнувања започнуваат со празнична ноќна служба во храмовите, кои се проследени со црковна процесија. За време на црковната процесија свештениците го обиколуваат храмот во обратна насока од стрелката на часовникот, носејќи икони и пеејќи молитви. На процесијата ѝ се приклучуваат парохијците на соодветната црква. Се смета дека по службата завршува Великиот пост и тогаш може да сè јаде што ќе се посака. 

Главното велигденско јадење кај православните се боените јајца, велигденскиот козинак и пасха (велигден – заб. прев.), јадење направено од слатка урда и суво грозје. Тие се осветуваат за време на црковната служба. Едно осветено јајце треба да се чува до следниот Велигден. Се смета дека осветеното јајце не се расипува во текот на годината. Без разлика на тоа што религијата во Советскиот Сојуз беше забранета, јајца се бојадисувале практично во секоја куќа. На овој чин не му се придавал некоја посебна религиозна смисла, но Велигден сепак се одбележувал. 

„Ние си имавме една омилена игра, поради која и го чекавме Велигден, - вели пензионерката Наталија, - Двајца земаат по едно јајце и се чукаат со нив. Оној чие јајце ќе остане цело го зема скршеното. Така, од куќа в куќа, можеше да се собере еден куп јајца. Не е задолжително потоа да се изеде целата „добивка“. Откако ќе се изнајадевме, јајцата им ги делевме на оние што сакаа. Моето семејство се сметаше за атеистичко: мајка ми беше учителка, татко ми електричар, првоборец. Но, за празниците јас со баба ми кришум одев во црква, а таму секогаш ми даваа бонбони. Секако, потоа дома си го добивав од родителите зашто ги срамам“.

Традицијата да се оди на Велигден на гробишта, да се оставаат таму велигденски јајца и козинаци е пагански обичај, кој своето потекло го има од времето на Советскиот Сојуз 

Со официјалната забрана за одбележување на религиските празници е поврзана и традицијата за одењето на Велигден на гробишта, за да се посетат починатите и да се исчистат нивните гробови. Всушност, според православните канони починатите треба да се посетуваат на Радошница, односно осум дена по Велигден.  Но, бидејќи луѓето сакале на некаков начин да го одделат Велигден од другите денови, во отсуство на црква, тие оделе на гробишта. 

Оваа традиција не е изгубена ниту откако православната црква доби целосна слобода и поддршка од страна на државата, а првите лица на државата почнаа да ги посетуваат сите главни црковни служби. До ден денешен на Велигден сите приоди до гробиштата се закрчени од автомобили. 

„Традицијата да се оди на Велигден на гробишта, да се оставаат таму велигденски јајца и козинаци е пагански обичај, кој своето потекло го има од времето на Советскиот Сојуз, - вели отец Александар, - Кога се врши забрана на правата вера, секогаш се појавуваат тешки суеверија. На Велигден задолжително треба да се оди в црква. Можам да кажам дека во основа луѓето кај нас се православни, но не се црковни, немаат навика да одат во црква. Сепак, на овој ден доаѓаат и оние што во ниту еден друг ден човек не може да ги види в црква. Зарем тоа не е Божјо чудо?“ 

По црквата се престанува со постот – се поставува празнична маса, со цел да се одбележи завршувањето на Велигденскиот пост и доаѓањето на најсветлиот ден во годината. 

Но, треба да се помни дека постот е мошне строг – тоа е сериозен стрес за организмот, затоа и треба постепено да се излегува од постот. Лекарите не препорачуваат веднаш да се јаде мрсна храна од месо и какви било комбинации на месо со леб. Најдобро е првиот ден да се јаде малку варено месо со зеленчук, салата или со зеленила, а потоа постепено во исхраната да се воведуваат млечни производи. 

„Обично Велигден го славиме во домот на тестот и на тештата, - вели програмерот Сергеј, - За нив овој празник не е толку религиски, колку што е семеен. Тоа е повод да ги соберат во својата куќа сите деца и внуци и да си поседиме на големата маса. За мене лично Велигден започнува за време на ноќната служба во црква. Кога немавме деца со жена ми заедно одевме во црква, а сега жена ми седи дома со ќерките, а јас одам на служба. Наутро сите одиме на празнична утринска служба, ги причестуваме децата. Од постот се обидувам да излегувам постепено. За разлика од другите, јас за Велигден не сакам да јадам варени јајца, ми се чинат многу тешки по сериозното воздржување. Колку и да е чудно, повеќе ми недостасуваат млечните производи одошто месото. Во неделното велигденско утро пијам кефир или јадам овошен јогурт, но без претерување. сè си минува спокојно и мирно, по сè изгледа за време на постот телото се навикнува на скромна исхрана. Веќе кон средината на денот на масата кај мојата тешта веќе јадам јагнешко, пасха од слатка павлака и пијам малку алкохол“. 

Велигденската прослава во Русија. Фото: ИТАР-ТАСС.

Вечерта на велигден сите храмови се полни со луѓе, но постојат и такви „парохијци“ за кои ова е само уште еден повод за да се напијат. Ноќта, кога сите жители на градот се шетаат по улица, не е исто што и Нова година? Очевидци тврдат дека видели и такви случаи кога луѓето си делеле чаши со алкохол во црква за време на богослужбата.

„Кога бев многу млад секоја година со другарите одев на црковната процесија, - вели чуварот Сергеј, - За нас не беше толку интересна самата процесија, колку што беше интересна толпата луѓе. Тоа беше повод и добар повод да се напиеме – сепак е Велигден. Затоа наутро се враќавме дома и одвај стоевме на нозе. Сега повеќе не би го направил тоа, го немам веќе тоа здравје, а и не е сериозно. Сега со другарите се собираме со семејствата и одиме во природа на скара“. 

„Секоја година присуствувам на велигденската служба, секако не како парохиец, ами по службена должност, - вели пожарниот инспектор Роман, - Набљудувам за да не се случат несакани настани. А, такви настани не се ретки. Неколку пати имам спасувано жени кои се имаа запалено од свеќи. Си стои, на пример, една баба во пувкаста марама со свеќа во рацете, се поклонува, а потоа марамата и се пали небаре е глуварче. Сега кога ќе видам некој со таква марама, му се приближувам и му велам да биде внимателен“.

Вечерта на велигден сите храмови се полни со луѓе, но постојат и такви „парохијци“ за кои ова е само уште еден повод за да се напијат 

Велигден се празнува цела недела по Христовото Воскресение. Цела недела во црквите се служат празнични служби, и дури доколку во тој период се пеат упокоени, ритуалот се одвива според посебен велигденски канон со голем број радосни молитви за чудото на Воскресението. Велигденската недела е исклучителна и по тоа што тоа е единствено време во текот на годината кога секој што ќе посака може да ѕвони на камбаните. За да ви биде дозволено да ѕвоните, потребни е само да побарате благослов од настојникот на храмот. По правило, свештениците никого не одбиваат. Цела недела по црковната служба може да се слушне долгото биење на камбаните – тоа се радосните парохијци, најчесто деца, кои ѕвонат и се радуваат зашто Христос воскреснал. 

 „Моите деца цела година чекаат за да ги занишаат камбаните, - додава програмерот Сергеј, - Обично се собираме со пријателите што имаат мали деца и одиме в црква. Најубаво е да се дојде веднаш по вечерната служба, а таа завршува некаде околу седум часот. Треба едноставно да се дојде кај некој од свештениците и да се замоли: „Благословете нè да поѕвониме на камбаната за слава на Христа“. Не сум слушнал дека некој свештеник го одбил тоа. Можеби би одбиле доколку тоа го побара некој човек кој е во алкохолизирана состојба. Кога ѕвониш на камбаната те облеваат незаборавни емоции. На почетокот не оди, но откако ќе се адаптирате, можете да го фатите ритамот и да одѕвоните нешто што е помалку-повеќе слушливо. А, децата се восхитени од тоа. Најважно е да се внимава на децата зашто, сепак, камбанаријата е многу висока“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња